Можеби ќе ја потрошат целата топла вода и тајно ќе го изедат вашето омилено чоколадо, но време е да почнете повеќе да ја цените вашата сестра! Имено, се покажало дека вашата (понекогаш здодевна) сестра може позитивно да влијае на вашето ментално здравје, но и на многу други аспекти од животот.
Истражувањето покажало дека луѓето кои пораснале со сестра имаат поголема веројатност да бидат посреќни и попозитивни во животот. Студијата е спроведена на повеќе од 570 луѓе на возраст од 17 до 25 години на Универзитетот Улстер во Северна Ирска. Истражувачите им поставувале психолошки прашања на испитаниците на повеќе различни теми, вклучувајќи ги и оние поврзани со менталното здравје.
Резултатите од истражувањето покажале дека сестрите се тие кои ги охрабрувале луѓето да зборуваат поискрено и отворено за своите чувства, обезбедувајќи им поддршка и пооптимистички поглед на животот. Професорот Тони Касиди открил дека се чини дека сестрите „поттикнуваат поотворена комуникација и кохезија во семејствата“, што е основа за добро ментално здравје.
Уште во 2010 година, слична студија била спроведена од Универзитетот Бригам Јанг, која покажала дека луѓето кои пораснале со сестри се пољубезни и поемпатични. Истражувањето исто така покажало дека растењето со сестра нè прави поамбициозни и независни. Имено, нормален процес е помалата сестра да ја имитира постарата како дел од социјалниот развој. И иако не сме свесни за влијанието на сестрата, истражувачите тврдат дека сестрата е клучната личност во развојот и создавањето на сопствената личност.
Според научниците, растењето со сестра ги намалува негативните чувства за време на пубертетот; не се чувствуваме осамени, виновни или несакани. Врската со сестрата е навистина важна во емотивниот развој. Едно е сигурно, да се има сестра е вистински благослов и најскапоцениот подарок во животот!