Одлуката за останување во несреќен брак или заминување е можеби една од најтешките одлуки што може да ги донесе еден брачен пар, особено од аспект на родители кои се загрижени и се прашуваат како разводот ќе влијае на нивното дете.
Заради општествениот притисок, притисокот од семејствата, финансиските предизвици кои доаѓаат со разводот, но и идејата на партнерите дека нивниот развод би имал поголема штета врз децата отколку останувањето во брак, одлуката за развод често се одложува и голем број партнери велат дека остануваат во брак заради нивните деца.
Голем број студии во еден период беа фокусирани на негативното влијание на разводот врз децата, но она за што сè почесто гласно се зборува е негативното влијание врз децата на конфликтите и тензијата помеѓу нивните родители.
Постојат и такви родители кои сметаат дека дисфункционалноста е нешто што децата не го забележуваат, но напротив, децата знаат и тие ќе ги носат последиците раснејќи во средина која е тешка за нив.
Често забележуваме родители кои не разговараат за тензијата која е присутна во домот, а децата добиваат порака дека тоа е забранета тема која не смеат да ја отворат колку и да ги измачува. Во овие ситуации, често сме сведоци на деца кои пројавуваат емоционални проблеми или проблеми во однесувањето (депресија, анксиозност, повлекување, агресија итн.). Од друга страна имаме родители кои бараат помош за сопственото дете во овие ситуации, меѓутоа избегнуваат да ја отворат темата „брак“ што само го одложува симптомот кој го пројавува нивното дете.
Она што е важно е дека конфликтот помеѓу партнерите оди на штета и на релацијата родител-дете, па така родителот кој е напнат и несреќен има помалку енергија за родителството или често е фокусиран да го напаѓа својот партнер пред детето, што е измачувачки за детето кое постојано ги слуша нападите и навредите.
Во екстремни случаи имаме дури и примери на ставање на детето на средина и давање инструкции како да продолжи да се однесува со другиот родител. Ова може да доаѓа од двете страни и ваквата состојба може да биде на огромна штета на детето.
Сето ова може да резултира и со послаби академски перформанси кај детето, но и послаби интерперсонални вештини, со оглед на тоа дека првото место кадешто децата учат како да се справуваат со несогласувањата е домот.
Она што исто така е многу значајно се врските кои детето ќе ги гради во иднина. Децата кои доаѓаат од семејства во кои конфликтите биле постојано присутни, може да имаат проблем при градење на нивните идни врски, со оглед на несигурноста која ја чувствуваат, имајќи предвид дека конфликтот го загрозува чувството на сигурност во семејството, кое му е потребно на детето за да гради здрави врски.
И секако, децата кои раснат во насилна средина, се под постојан интензивен стрес кој може од најрана возраст да го попречи нивниот ментален и интелектуален развој.
Факт е дека несогласувањата се дел од сите семејства. Но, начинот на кој се решаваат, зависи дали тоа ќе биде извор на стрес за децата или животни вештини од кои ќе учат. Она што е важно, а дел од партнерите кои поминуваат низ криза во бракот или се во процес на развод го забораваат е дека „битката“ со викање, лични напади, „тивок третман“ или друг вид на насилство, е исто така и насилство врз децата, кои како набљудувачи, мораат да гледаат како нивните најважни фигури се кршат пред нивните очи.
Најчесто, без да се свесни за причината, понекогаш и самите деца се чувствуваат виновни за конфликтите и разводите на нивните родители. Значајно е да им се објасни на децата дека, без разлика дали нивните родители се наоѓаат во моментална криза или во процес на развод, возрасните понекогаш се лутат еден на друг и дека тоа нема апсолутно никаква врска со децата. Важно е да им се пристапи внимателно, бидејќи и тие се дел од она што им се случува на родителите.
За децата, од клучно значење е да се минимизираат конфликтите кои се случуваат пред нивните очи. За она што веќе го виделе, да се разговара со нив или да се вклучи психотерапевт.
Важно е децата и да научат од конфликтите, и еден од најдобрите начини како да се случи тоа е доколку ги видат нивните родители како го доаѓаат до мирни и разумни решенија, без разлика дали крајното решение ќе биде развод на бракот.
Чување на бракот по секоја цена, кој нуди средина и секојдневје кое е штетно за децата и нивниот развој, не само што не е начин за покажување почит кон бракот и децата, туку може да прерасне во состојба која ќе резултира со психичко насилство врз децата, кое брачните партнери, окупирани со својот проблем во бракот, нема да забележат дека го вршат како родители над сопствените деца.
М-р Давид Тасевски – психолог, семеен и системски советник (супервизор на Линијата за родители)