Наместо маргарин, децата во градинка ќе добијат путер

Исхраната на децата во голема мера зависи од тоа што јадат во градинките бидејќи таму поминуваат најголем дел од денот, а наодите од истражувањата кои беа презентирани уште во 2018.година, покажаа недостиг од свежо овошје и зеленчук и микронутриенти како што се калциум, железо и цинк на нивните менија.

0
259
Фото: Pexels

Малите деца најголем дел од денот го поминуваат во градинка. Тоа значи дека исхраната на децата во голема мера зависи од тоа што јадат во градинките, а наодите од истражувањата во македонските градинки кои беа презентирани уште во 2018.година, покажаа недостиг од свежо овошје и зеленчук и микронутриенти како што се калциум, железо и цинк, како и дека децата внесуваат повеќе шеќер и сол од препорачаните количини.

Проблемите поврзани со исхраната кај најмладата популација се глобален предизвик. Од една страна е проблемот на неухранетост, кој иако со ниско ниво е присутен и кај нашите деца, а од друга страна се прекумерната тежина и дебелината за кои податоците покажуваат дека имаат растечки тренд кај децата во земјава.

Присуството на овие состојби покажува дека постои одредено ниво на неизбалансираност на исхраната кај најмладите и дека оваа појава претставува сериозен предизвик за кој е потребен сериозен пристап.

Министерството за труд и социјална политика пред половина година соопшти дека ќе направи целосна ревизија на нормативите и стандардите за исхрана и оброци на децата во детските градинки, во насока на нивно унапредување и усогласување со потребите за правилен раст и развој на децата.

Па така, со новите упатства за подготовка на оброците во градинките мајонезот требаше целосно да биде исфрлен, а ова следуваше по случајот со труењето на 30 деца во градинка во Куманово. Причината за труењето тогаш беше бактеријата салмонела во мајонезот, кој се користел како додаток при подготовката на паштета од туна и од пилешко месо.

Министерството тогаш најави и целосна ревизија на рецептите за подготовка на оброци за децата со цел да се унапредат и да се усогласат со најновите истражувања за здрава исхрана, но и за потребите на децата во делот на нутритивната вредност.

Досегашните упатства за подготовка на оброците во детските градинки не се променети подолг период, па сега, во соработка со експерти од областа, се работи на подготовка на нови упатства кои ќе значат отстранување на сите производи кои не ги задоволуваат стандардите за здрава исхрана.

По препорака на работната група за ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките која деновиве оствари средба со министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска, конзервираните преработки од месо и синтетичките паштети ќе се заменат со зголемен внес на свежо овошје и зеленчук.

На средбата се диксутирале предложените измени на менито на детските градинки.

Меѓу другото, било предложено конзервираната храна да биде заменета со смрзната, наместо маргарин во исхраната да биде вметната употребата на путерот и на ладно цедено масло, а воедно да бидат отстранети и додадените вештачки засладувачи, кечапот и мајонезот.

Членовите на работната група, констирале дека е важно оброците да имаат енергетска и нутритивна вредност соодветна на возраста и потребите на децата. Повикувајќи се на направените анализи на храната и нејзините нутритивни вредности  тие сметаат дека промените во исхраната во детските градинки се неопходни.

За поголема грижа и превенција на здравјето на децата додека престојуваат во градинките, но и дома, Работната група за ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките предвидува и едукација на децата, родителите и вработените во градинките.

Во меѓувреме, Работната група ќе продолжи со својата работа до завршување на промените кои ќе бидат направени и подготовка на нов Правилник за исхрана во градинките.

На оваа тема се зборуваше и во време на претходната министерка во овој ресор, кога и се одржа работилницата на тема Со подобра исхрана на децата до подобро здравје и благосостојба“, на која учествуваа и претставници на УНИЦЕФ.

Бидејќи лошата исхрана влијае не само врз физичкиот развој на децата туку и врз когнитивниот, емотивниот и социјалниот развој и способноста за учење, очигледно е дека промоцијата на добри навики во исхраната во градинките и во училиштата може да доведе до значителен придонес кон целокупниот развој на детето, а воедно и да го прекине меѓугенерацискиот циклус на лоши прехрамбени навики.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]