Морган Рог (37) од Алјаска, САД, се подготвува за Судниот ден од 2010 година. Откако не можела да го наполни мобилниот телефон за време на краткиот прекин на електричната енергија пред 11 години, таа сфатила колку би била тешка нејзината ситуација ако остане трајно без струја.
Морган почнала да истражува начини како да се подготви за ситуацијата и на крајот таа и нејзиниот сопруг се вклучиле во заедницата на луѓе кои постојано очекуваат некаква катастрофа и се подготвуваат за судниот ден.
Морган првично се подготвувала за „зомби апокалипса“, а потоа тоа станало нејзин начин на живот. Со своето семејство, таа се преселила во рурална Алјаска во 2020 година за да може да живее самоодржливо.
View this post on Instagram
„На почетокот се подготвував за еден или два вида катастрофи, а сега сум подготвена на сè. Како што моите подготовки стануваа пообемни, бев посамоуверена“, вели таа.
Нивниот дом црпи енергија од генератори и соларни панели, а наскоро планираат да воведат и енергија од ветер. Имаат мала фарма за животни и градина, а планираат да изградат и стаклена градина.
„Во моментов имаме доволно сува и конзервирана храна за шест месеци. Копаме и бунар“, додава таа.
Таа се надева дека нејзините деца ќе ја ценат вредноста на подготовката и го споделува својот животен стил на интернет за да ги поттикне другите да размислуваат како да го заштитат своето семејство.
„Има толку многу работи кои се надвор од нашата контрола – природни катастрофи, сообраќајни несреќи, загадена вода и слично. Погледнете ја 2020 година. Погледнете ја само 2020 година и колку луѓето се неподготвени за пандемија. Тоа може да биде доволна причина некој да подготви залихи со храна за неколку недели“, смета.
Морган и нејзиниот сопруг се исто така страсни ловци и ги користат своите вештини за да го прехранат семејството.
„Имаме кокошки и планираме да набавиме уште животни. Постојано работам на учење нови вештини за помалку да се потпирам на другите. Мразам да пазарувам, па почнав сама да одгледувам жито, да го мелам и да си правам леб“, вели таа.
View this post on Instagram
Ги вклучува децата во сè и вели дека уживаат во тоа.
„Ги охрабрувам моите деца да бидат тоа што сакаат да бидат, но се надевам дека ќе им влеам самодоверба, ќе ги научам на самоодбрана и да бидат подготвени за се што ќе им фрли животот. Можете да бидете подготвени да продолжите да живеете нормален и среќен живот. Подготвеноста е дел од вашиот живот, а не вашиот живот. Секоја личност може да биде подготвена без разлика каде живеете и колку пари имате. Никогаш не е доцна. Победете утре подготвувајќи се денес“, заклучува Морган.