Што подразбирате вие под терминот домаќинка? Дали денес можеме да зборуваме за домаќинки или е ова веќе прилично старомоден термин? Што мислите, постојат ли денес сè уште толку жени-домаќинки како порано?
Ние дознавме дека е денес Светски ден на домаќинките па претпоставуваме дека е ова сè уште актуелен термин. Особено ако се размисли дека тоа што некој сметал дека е потребно да се востанови Светски ден на домаќинките, зборува дека ги има многу и дека нивната работа во домот и семејството, не е ценета, ниту вреднувана толку колку што треба.
Веројатно домаќинки во онаа традиционална смисла на зборот и сè уште постојат во некои помали средини или меѓу оние повозрасни генерации, но благодарение на тоа што повеќето жени работат, храна може да се нарача, да се плати жена за да ви исчисти, а и да се олеснат многу други работи со помош на напредната технологија, а и заради прераспределувањето на обврските, сега нивниот живот не е ниту оддалеку онаков каков што бил некогаш.
Зборот домаќинка на некој начин претставува враќање во оние денови кога само еден приход бил доволен за удобно издржување на целото семејство. Од друга страна, тоа е и ехо на времето кога жените немале еднакви права.
Иако ова време можеби одамна го нема, денес жените честопати се токму на спротивните страни кога станува збор за нивните ставови за останување дома или одење на работа. Навистина, многу жени денес повеќе би сакале да бидат сопруги и мајки кои остануваат дома, но од економски причини, можеби немаат друг избор освен да одат на работа.
Пред многу години, жените кои ја одржувале куќата и биле невидлива поддршка за членовите на семејството биле нешто многу вообичаено. Мажите обично мислеле дека животот на жените е едноставен и безгрижен, па воопшто не ја изразувале својата благодарност за она што го правеле нивните сопруги, мајки, баби, бидејќи не чувствувале дека е потребно.
Барем така е најчесто. Но памтам дека мојот дедо не беше еден од нив. Напротив, за секој оброк, испрана кошула или некоја друга „услуга“, се заблагодаруваше до небо.
„Фала ти ќерко за ручекот, многу е вкусен“, ѝ велеше постојано на мајка ми, неговата снаа, откако прво ќе му се помолеше и ќе му се заблагодареше на Бога за оброкот што му го дал. Самиот си крпеше кога ќе му се скинеше некоја кошула бидејќи дури и во 70-тите и 80-тите, додека не почина, тој живееше по оние принципи кои се денес во тренд, а тогаш беа во духот на оној вистинскиот комунизам, оној за идеалисти. Мислам на оние, дека беше против консумеризам, дека понекогаш кога мислеше дека имаме премногу облека знаеше да ни земе по нешто од плакарите и да однесе во Црвениот крст, дури и без да ни каже. Секако, ова нам воопшто не ни се допаѓаше.
Затоа и не мислам дека е толку до периодот, туку повеќе до луѓето и нивните чувства. Ако е некој благодарен и благороден, секако дека ќе го почитува сето она што некој го прави за него, без оглед дали живее во 18, 19, 20 или 21 век. Впрочем, и денес има многумина кои сметаат дека некој друг е должен да му зготви, да му исчисти, да му испере само затоа што тој некој му е родител, сопруг или сопруга. Да, и тука нема толку врска дали станува збор за маж или за жена.
Иако, сè уште, домашните обврски повеќе се сметаат за обврска на жените, тоа повеќе не е така кај помладите генерации.
Помина време и вредностите се многу трансформирани. Жените стекнаа свест за нивната важност за семејството, а бројот на домаќинки е значително намален бидејќи жените сфатија дека можат да се здобијат со професија и да заземат позиција која претходно била само за мажи.
Способноста да се ослободат од вообичаениот распоред ги направи жените поактивни. И сега е обратно, па како што веќе спомнавме, како сè повеќе да расте бројот на жени кои повеќе сакаат да бидат дома и да им служат на своите најблиски, отколку да му служат на работодавецот.
Како и да е, тоа што е одлучено да се посвети еден посебен ден кога на секоја домаќинка ќе може да ѝ се заблагодариме и да ѝ честитаме за нејзината работа, зборува дека такви жени сепак постојат.
Точната година на појавата на оваа идеја е непозната, но се чини дека е тоа прилично млада традиција. И покрај овој факт, настанот станува популарен низ целиот свет.
Кој точно го создал Денот на домаќинките останува мистерија. Можно е да е создаден од некоја домаќинка, која сметала дека не ја добива потребната заслуга за својата работа.
И да заклучиме, диплома за домаќинка нема, но таа секогаш имала клучна улога за семејниот живот.
А колку всушност вреди работата на жената која е домаќинка, невработена, но со еден куп обврски дома, пресметал еден Американец и овие пресметки биле објавени уште пред неколку години на блогот „We are glory“.
Овој татко пресметал колку вреди неговата сопруга, која е невработена и која е во категоријата „домаќинка“. Сметката што ја објавил е прилагодена на американскиот пазар.
Просечната плата на дадилката е 705 долари неделно или 36.660 долари годишно.
Ќе му требаат 50-100 долари секој пат за да ја исчисти куќата, или 5.200 долари годишно.
Услугата за некој што купува намирници за домаќинството е околу 65 долари секој пат, за четири купувања неделно е 1.040,00 долари месечно или 13.520 долари годишно.
Готвачот е многу скапа и ценета професија. Во САД, приватен готвач чини 240 долари неделно или 12.480 долари годишно.
Секој знае дека домаќинките се и финансиски советници и помошници. Тие имаат домашен буџет, плаќаат сметки и извршуваат други финансиски задачи во рамките на семејството. Трошоците за финансиски асистент се 15 долари на час, 5 часа неделно, 3.900 долари годишно.
Организирањето на разни дружења во рамките на семејството секако е трошок кој е реален и кај нас и во САД. За оваа услуга потребно е да се издвојат 75 долари на час, 4 часа, 3 пати годишно, вкупно 900 долари годишно.
Не заборавајте уште една важна ставка. Вашата „домаќинка“ ви ги пере алиштата и пегла. Тоа чини 25 долари неделно или 1.300 долари годишно.
Конечно, вкупниот износ кој би го заработувала една жена-домаќинка во САД доколку тој би се плаќал, е 73.960 долари годишно или 6.163,33 долари месечно.
Толку за домаќинките! Што се однесува до мене, блазеси им на оние кои не мора да се грижат за финансиите, туку само за домаќинството.
Фото: Pexels