Ајде да се потсетиме дека родителите се оние кои носат нова форма на живот во светот. Форма која започнува да постои благодарение на родителскиот потенцијал за креација исто како што Мона Лиза не би постоела без истиот тој потенцијал кај Леонардо Да Винчи.
Низ текот на животот, родителот продолжува да биде уметник за детето. Различните ситуации со кои се среќава при доживувањата и реакциите на сопственото дете, родителот постојано ги обликува на начин што им дава форма и смисла за детето да може да ги разбере и на овој начин креира плодна почва за здраво и континуирано растење. Родителите се тие кои потпирајќи се на сопственото животно искуство умеат да го разберат процесот низ кој поминува детето и соодветно да одговорат на детските потреби.
Уметноста не значи нужно дека целиот овој процес оди со леснотија. На патот постојат границите на можностите кои го ограничуваат родителот во тоа што реално може да биде направено во секоја дадена ситуација. Секако и уметникот се среќава со овие бариери, но наоѓа начин како да ги вклопи во она што сака да го обликува. Ова го прави на начин што не се откажува ниту од границите ниту пак од идејата која сака да ја создаде. Доживувајќи го притисокот, тешкотијата и вознемиреноста од процесот на создавање, уметникот успева да го најде заедничкиот јазик на сите елементи и да ја оствари својата потреба истовремено почитувајќи ги ограничувањата.
Следејќи го растот, развојот и потребите на своето дете и родителот се среќава со слична ситуација како и уметникот. Тажните моменти на детето дозволува да бидат изразени и спонтано да преминат во смиреност. Лутината и стравот исчезнуваат како што доаѓаат благодарение на поддршката и разбирањето. Радоста се проширува на нивото на целата фамилија, кадешто секој од членовите засебно учествува и расте со другите членови. Родителот знае дека емоциите ги регулираат семејните односи и со нивното дозволување целото семејство расте во нова форма на зрелост.
Најважно од целата оваа релација е тоа што детето учи гледајќи го својот родител. Не толку тоа што родителот го прави, туку како ги вклопува елементите од животот и како им дава смисла на истите. Детето учи како да се справува со идните разочарувања и моменталните стравови. Учи како да си дозволи да го доживува животот со полн капацитет. Учи како да поставува граници и како да го чува својот интегритет. Учи да расте, да се развива и да си верува себеси. Учи како да биде уметник на сопствениот живот.
Кристијан Павловски, психолог, супервизор на Линијата за родители
Фото: Freepik