Лошото време може лесно да ги наруши плановите за игра на децата и возбудливите активности на отворено. Без разлика дали е облачно по силен дожд или врнежливо и мрачно, децата наскоро ќе почнат да бараат да прават нешто интересно. За нас возрасните, ваквото време значи да останеме дома со шолја топло кафе или чај. Од друга страна, многу мали деца не мислат така и повеќе би сакале да поминуваат време надвор истражувајќи ја околината додека парковите и игралиштата се уште влажни од дождот.
Веројатно како дете сте сакале да влезете во секоја локва на која ќе налетате кога ќе излезете надвор по дождот. Има нешто речиси магично во тие мали барички со капки дожд што ги привлекуваат малите деца – капки вода се слеваат по нивните гумени чизми секогаш кога ќе рипнат во баричките или кога ќе ги прескокнат.
Наместо да инсистирате децата тогаш да си играат дома, размислете како да го искористите дождливиот ден и дури тогаш зграпчете драгоцени моменти за забава. Еве неколку идеи како да создадете интересна дождлива авантура.
1. Скокање по баричките
Кога ќе почне да врне, кажете му на вашето дете да го облече мантилот за дожд, да облече гумени чизми и да излезе надвор за да ужива во скокањето по различни барички. Освен што децата се забавуваат и скокањето по баричките е активност која ги учи малите како подобро да ги развијат своите груби моторни вештини и техниката на скокање и застанување на нозе за да не паднат во локвата. Децата, исто така, ќе ја забележат врската помеѓу причината и последицата додека набљудуваат што се случува со водата во локвата ако шлапкаат или скокнат по неа. Дополнително, кога го пуштате вашето дете да излезе на дожд, вие му кажувате дека е способен и издржлив, што ја гради неговата самодоверба. Оваа активност е најпогодна за оние денови кога надвор е сè уште топло, како на пример во лето или рана есен.
2. Експерименти за мали научници
Баричките се корисни за различни експерименти. Малите деца можат да собираат работи што ќе ги најдат во природата за да ги истражат својствата на лебдење и тонење. Дали листовите или стапчињата пливаат? Што се случува со камчињата или со бродот од хартија? Малите деца можат да продолжат да експериментираат со набљудување што ќе се случи ако фрлат камен во водата. Зошто се формираат кругови на површината на водата кога поголемо камче ќе падне во локва? Децата можат да поставуваат многу други прашања и да бараат одговори додека си играат на дожд.
3. Музички активности
Малите деца често се забавуваат слушајќи како паѓа дожд. Децата потоа откриваат дека звукот што го испуштаат капките дожд кога ги полнат баричките е сосема различен од оној кога се одбиваат од гарнитурата за седење во градината или од маса. Обилните и слабите дождови исто така звучат поинаку. Додека слушате различни звуци на дожд, предложете им на децата да се обидат да ги повторат користејќи кујнски прибор како тенџериња, чашки, четки или тапан. Нека смислат песни што ќе ги пеат додека си играат во баричките или нека испеат некои познати, погодни за приликата. Овие едноставни и основни активности го поддржуваат развојот на детското чувство за ритам и рима, како важни ментални вештини.
4. Искористете ги можностите за имагинарна игра
Додека сами креираат начини и сценарија за игра, на децата ретко им е потребна помош од возрасните. Сепак, она што можат да го направат мајките и татковците е да ги поттикнат своите малечки да ја истражуваат околината во која се наоѓаат и да им обезбедат одредени предмети за да ги реализираат своите идеи.
На пример, многу деца сакаат да замислуваат како прават супа или чај, користејќи дождовница од баричките. За да се вклучите што повеќе во оваа „кулинарска“ активност, обезбедете им соодветни шпатули, кофи и лажици. Не само што ќе се забавувате гледајќи како децата мешаат, ја мерат количината и ја сервираат супата, туку на овој начин секое дете ќе го прошири речникот што го користи додека им го опишува процесот на готвење на своите родители, само на себе или на своите пријатели. Оваа имагинарна игра на тој начин станува одлична можност децата да го вежбаат и усовршат својот вокабулар. Освен тоа, ваквата активност позитивно влијае и на самодовербата на децата, како и на нивната фина моторика заради употребата на мерни чаши и друг кујнски прибор.
Природата е фантастично место каде најмладите преку игра можат да научат разни корисни работи. Дури и дождливите денови даваат многу можности за забава и истражување. Па следниот пат кога децата се дома затоа што надвор врне и се жалат колку им е здодевно, облечете кабаница, гумени чизми, отворете го чадорот и одете во потрага по барички. Наскоро ќе видите зошто децата толку им се радуваат.
Фото: Pexels