Бабини деветини кои се уште живеат

На бебето кога се изнесува од дома да му се облече нешто наопаку, да не се суши неговата облека преку ноќ, да не се носи надвор пред да наврши 40 дена... Иако многумина повеќе не веруваат во тие приказни, се уште има луѓе кои велат: зошто да не, ако не е точно, барем не може да наштети

0
2419

Веројатно сите сме се среќавале со разни обичаи и верувања врзан за децата и за нивното раѓање. Во минатото, но и не толку одамна, од самото раѓање децата биле подвргнати на ритуали, па на пример, бебињата што многу плачат биле носени кај баби кои гасат јаглен за да се види кои го урочил детето. Ова се правело на тој начин што се земало мало парче од облеката, се ставало во тенџере полно со вода, се седнувало до шпоретот, од него се земале јагленчиња кои се фрлале кон тенџерето а за време на фрлањето се изговарало името на личноста во која се сомневале дека ја фрлила клетвата и кога јагленчето ќе го покриело парченцето од облека, тоа било потврда за претпоставката дека таа личност му фрлила клетва на детето.

Исто така, се верувало дека собата во која престојува бебето мора да е осветлена. Се верувало дека душата на покојниците преминуваат во новороденото дете, особено ако смртта на некој од семејството се поклопувала или била во период близок со раѓањето на новиот член на семејството.

Исто така, било раширено верувањето дека во првите 40 дена по раѓањето детето не е препорачливо да се изнесува од дома за да не собере некои уроци, а во многу места постоел обичај да се стави метла зад вратата, лук или дури и нож во вратата. Исто така и кога ќе поминеле тие 40 дена, се уште морало да се биде внимателен, па на децата морало да им се облекува нешто наопаку или распар чорапчиња кои ќе ги чуваат од уроци и магии. Поради истите стравови ниту облеката на бебето не треало да се спростира ноќе. Кога децата првпат проодуваат, дури и сега некаде се уште се прават погачки во вид на стапало, а потоа се ставаат разни предмети по кои, во зависност од тоа кој од нив детето ќе ги дофати, се предвидува неговата идна професија.

Се верувало дека особено надарени се оние деца кои се родени по смртта на еден од родителите.
Кога станува збор за верувања врзани за децата, и денеска многу млади и образувани луѓе се уште се склони да ги практикуваат, па велат: не ме чини ништо да го направам тоа, ако не помага, барем не може ниту да наштети.

Какви се вашите искуства? Дали вие самите верувате во некои од овие суеверија или знаете некој од вашата околина кој се уште верува?

[better-ads type='banner' banner='999' ]