Родителите најчесто се фокусирааат на физичката благосостојба на децата додека ја занемаруваат емоционалната иако е подеднакво важна. За ова многу може да се придонесе само со поставување прашања на децата на дневна база.
Зошто поставувањето прашања им помага на децата?
Родителите понекогаш се грижат да не ги разгалат своите деца и да не се мешаат премногу во нивните животи. Сепак, нема ограничувања во давањето љубов и внимание на децата ниту треба да има. Тимот од професионалниот здравствен сервис Psych Central тврди дека врската помеѓу родителите и децата треба да се гради и дека не постои ништо што може да ја надомести.
Иако постојат многу начини да се поврзете со децата, многу експерти се согласуваат дека само поставувањето отворени прашања ги охрабрува децата да се изразат и да дојдат во допир со своите чувства. Кога поставувате прашања, активно слушајте ги нивните одговори и тие ќе се изразат без потреба за криење или потиснување. Ова го поттикнува развојот на емоционалната интелигенција и ги поставува основите за добри и квалитетни комуникациски вештини во нивните други односи во иднина.
Кои прашања да им ги поставите на децата?
Според блогерката Хилари Грунер, постојат пет конкретни прашања што родителите треба да им ги постават на своите деца за да го негуваат нивното ментално здравје. Покрај тоа што ќе ги освестат децата дека можат да ви се доверат, тие ќе откријат дека сочувствувате со нив и дека се грижите за нивните чувства и интереси.
Прашањата се следните:
Како се чувствуваш денес?
Што сакаш да правиме заедно денес?
Што те насмеа денес?
За што си благодарен/благодарна?
Дали има нешто што би сакал/а да го споделиш со мене, што е тешко да се каже?
Време поминато со децата
На крајот на краиштата, прашањата се важни, но ако не поминувате време со вашите деца, нема да биде доволно за да развиете длабока врска со нив. Ритамот на животот е забрзан и обврските на родителите се многубројни, но потребно е барем мал дел од денот целосно да им се посвети на децата и во тие моменти да се игнорира се што може да ви го одвлече вниманието.
За жал, не постои гаранција дека вашите деца ќе бидат заштитени од негативноста на остатокот од светот. Овие методи, сепак, ви помагаат да ги преземете најважните чекори за да изградите со вашите деца однос полн со доверба, им помагаат да развијат издржливост, емпатија и самосвест, да се справат што е можно подобро со се што им носи иднината.
Фото: Unsplash