Вашето дете тргнува во градинка?

Еве неколку совети како да го подготвите детето и да му го олесните прилагодувањето на градинката

0
162

Поаѓањето во јасли или градинка е голем настан за целото семејство кое го дочекува овој настан со мноштво различни емоции – од возбуда и радост до загриженост и страв. Одговорноста на возрасните е да создадат најповолни услови за детето да зачекори во нова средина.

Детето треба да биде максимално подготвено да се пресели од семејството во градинката. Родителите можат да му овозможат на детето искуства благодарение на кои детето ќе ја прифати новата промена полесно, побрзо и попозитивно, но времето и текот на адаптацијата на детето во градинка е под влијание на голем број фактори, како што се возраста, здравствената состојба и темпераментот на детето.

Еве шест совети како да започнете да го подготвувате вашето дете за јасли или градинка.

1. На детето треба да му се даде искуство на одвојување од родителите
Пред да оди во градинка, на детето треба да му се обезбеди кратко време за разделба, период во кој ќе остане со своите баби и дедовци или некоја друга позната личност. Кога заминувате, важно е накратко да го поздравите детето. Доволно е разделбата да трае неколку часа, но преку такви разделби детето ќе разбере дека родителите секогаш се враќаат по него. На овој начин, детето добива доверба во времето што го поминува без нив.

2. Секоја промена во свое време
Пред одење во градинка и за време на приспособувањето на градинката, не е добро да се воведуваат нови навики на детето, како што се одвикнување од пелени, цуцла или доење. Најважната задача во овој период треба да биде одвојувањето од родителите и прилагодувањето на градинката.

3. И дома може да се спроведува рутината од градинката

Усвојувањето дневната рутина од градинката пред периодот на адаптација во голема мера ќе помогне во подготовката на детето за градинка. Рутината вклучува време за оброк, одмор, хигиена, игра и одење во парк. Рутините му даваат на детето предвидливост, а со тоа и сигурност. Детето знае што се очекува од него и кој е следниот чекор, за да може подобро да го регулира своето однесување. Во исто време, тоа чувствува дека неговите потреби се почитуваат и дека некој се грижи за него.

4. Корисен е преоден објект
Кога детето оди во јасли или градинка, дозволете му да ја земе својата омилена играчка, ќебе, цуцла или некој друг предмет што му е особено драг и важен за него. Ќе послужи како преоден објект од семејната средина во онаа на градинката. Тоа ќе му даде на детето чувство на сигурност и удобност.

5. Разговарајте со вашето дете за градинката
Ако детето започне со градинка малку подоцна, односно ако е постаро од три години, разговорот за градинката е исклучително важен за неговата подготовка. Секогаш зборувајте за градинката оптимистички, но реално. Објаснете му на детето што и кој го чека таму. Покажете му го патот до градинката и дворот на градинката. Посетете ја библиотеката заедно и пронајдете сликовници што се занимаваат со одење во градинка, одберете и купете работи потребни за градинка како ранци и папучки.

6. Подгответе се за одвојување од детето
Родители, не заборавајте дека вие сте главниот извор на детето за информации за светот! Значи, ако го оставите во градинка загрижени, несигурни и расплакани, му праќате на детето информација дека ситуацијата е тешка и тоа ќе реагира со истите чувства и однесување. Обидете се да гледате на градинката како место каде што вашето дете ќе стекне нови пријатели, ќе развие социјални вештини, емпатија, ќе стане независно, ќе расте, ќе игра, ќе учи и ќе ужива во многу интересни активности.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]