Отец Кире, Деспина и нивните деца се вистински амбасадори на Македонија во Хрватска

Нашиот соговорник, првиот редовен парохиски свештеник на МПЦ во Хрватска, отец Кирко Велински и неговата сопруга Деспина, наставничка по македонски јазик во две училишта во Загреб, се нашите најголеми амбасадори во Хрватска. Иако сè уште мали и нивните деца Матеј и Јана веќе тргнале по нивните стапки, па повлекле многу свои хрватски другарчиња да посетуваат часови по македонски јазик

0
2812

Во центарот на Загреб, во Првата зона, на простор од околу 800 квадратни метри се издига интересна модерна градба, која е прва Македонска православна црква во сопствен објект на просторот на поранешна Југославија и воопшто, во регионот на југоисточна Европа.

Иако сè уште не функционира и во неа сè уште се работи на внатрешното уредување и на финиширање на надворешното, веќе се наѕира крајниот резултат. Нашиот соговорник, првиот редовен парохиски свештеник на МПЦ во Хрватска, протојереј ставрофор Кирко Велински, вели дека тоа ќе биде место за молитва, место на кое Македонците во Загреб и цела Хрватска ќе се среќаваат со Бога, но и меѓусебе, место на кое ќе се одвива и нивниот социјален живот, ќе се доаѓа да се послуша некое предавање, да се види некоја изложба, да се прослави нечие раѓање, да се исплаче нечие заминување, но и да се роди некоја нова љубов, па дури и да се направи ајвар или мармалад.

Љубов, ајвар и мармалад

Отец Кире, како што го викаат неговите духовни чеда, толку сликовито ни ја објаснуваше намената на сите простории во ова здание што имавме впечаток како веќе да го гледаме крајниот резултат. Тој пак, како вистински домаќин, со таква љубов зборуваше за идниот дом на сите Македонци во Хрватска и за сите негови намени, што веќе успевавме да си ги замислиме на пример, заедничкото навивање за македонскиот тим на некој натпревар во ракомет, фудбал, кошарка, или пак прославата на раѓањето на нечие дете, но и раѓањето на некоја нова љубов, бидејќи, како што вели отецот, нашата емиграција во Хрватска не е ниту политичка, ниту економска, туку е љубовна, а најчесто Македонци се жените кои дошле да живеат тука затоа што се вљубиле во Хрват.

Затоа, освен црква во која ќе се одвива духовниот живот и верските обреди на македонските верници, во внатрешноста на објектот постои и голема и убава просторија на која вредните хрватски мајстори од Далмација веќе го редат ламинатот. Тука е и терасата на која, како што веќе спомена отец Кире, нашите сонародници ќе можат да се соберат и заедно да направат ајвар или мармалад.

Го гледам сомничаво и му велам: „а соседите, што ќе речат тие кога ќе им зачадите среде центарот на градот?“ А отецот се смее и вели: „ништо, соседите нè сакаат и може само намамени од миризбата, да дојдат и да ни се придружат“.

А отецот го сакаат сите, и сонародниците, но и Хрватите, а неговите соседи во зградата во која живее со семејството, со оглед на тоа што и неговата сопруга работи како наставничка по македонски јазик во две основни училишта во Загреб, дури им се нуделе да им помогнат и да им ги причуваат децата додека биле помали.

„Сите во зградата знаат дека сум македонски православен свештеник, но никогаш не сум имал никаков проблем заради тоа, напротив, имаме одлични односи, а Хрватите, не само нас, туку генерално, ги сакаат Македонците како народ. Можеби и затоа кога град Загреб распиша оглас дека се продава земјиште за изградба на МПЦ, 51 пратеник во градското собрание кренаа раце и сложно гласаа „ЗА“. Да градите црква во друга држава не е баш едноставно, поставувате темел за уште поголемо зацврстување на својата вера и нација, па навистина ми е драго што загрепчани беа расположени да ни продадат земјиште, и тоа во самиот центар“, вели отец Кире.

Од темели до црква

Земјиштето за црквата е купено во 2010 година. Станува збор за прва црква на овие простори изградена од темел на купено земјиште и осветена од македонски архијереј.

Парцелата ја купиле од град Загреб за 200.000 евра, а во октомври 2014 неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана прима Г.Г. Стефан со надлежниот епархиски архијереј митрополитот Европски Г. Пимен и со Кумановско-осоговскиот митрополит Г. Јосиф и повеќе свештенослужители од европската епархија положиле камен-темелник на црквата чија изградба ја почнале со само 5 илјади евра на нивната сметка.

„Ова е голем зафат, досега имаме вложено милион и триста илјади евра, а како што ви кажав, ја почнавме изградбата со само 5 илјади евра. Затоа, најмногу би сакал да им се заблагодарам за нивната помош, на Владата на Република Хрватска, на градот Загреб, на католичката црква, на сплитско-далматинските жупании, градот Сплит, нашиот надлежен архијереј митрополитот европски Г. Пимен, неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана прима Г.Г. Стефан и верниците на Македонската православна црква во Хрватска, но и од другите црковни општини и епархии, па и на луѓе кои немаат никаква врска ниту со православната вера, ниту со Македонија, а кои донираа и по 3 000 евра за изградба на црквата. Милостивиот Бог по застапништвото на Света Злата Мегленска си го прават своето, ние со сопствени сили и со нашите финансиски можности, немаше да успееме. Имаме огромна поддршка од нашиот надлежен архијереј митрополитот европски Г. Пимен, кој најде дарител за иконостасот и му го довери да го изработи на уметникот Александар Наумоски од Скопје. Вратите на црквата се дел изработени во Македонија, резбите од орев ги правеше копаничарот Ванчо Чаушовски од Берово, а Александар Стојановски, роден во Хрватска, а по татко Македонец, кој има столарска работилница во Загреб, го правеше остатокот од вратите, оној дел кој е направен од славонски даб.

Мермерот со кој е поплочен подот во црквата е од Прилеп, а проектот за целиот објект го направи повторно некој со македонски корени, а тоа е архитектот Зоран Бошевски кој имаше задача да направи објект кој ќе може да се вклопи во средината, но и ќе биде достоен за во него да биде Македонската православна црква посветена на светата великомаченица Злата Мегленска. Иако е однадвор модернистичка, црквата одвнатре ќе потсетува на нашите цркви во кој ќе се чувствувате и топло и мирно и молитвено“, раскажува отецот.

Во објектот е предвиден и стан за свештеникот и неговото семејство, како и еден гостински апартман за сите добронамерни патници кои ќе ги доведе патот во Загреб и кои ќе имаат потреба да престојуваат тука.

Иако сè уште не е готова, отец Кире верува дека наскоро ќе може да ја оспособат минимум, за литургиски живот. А дотогаш, литургискиот живот ќе се одвива како и со години претходно, поточно, од 1995 година, во црквата „Св. Рок“ во Загреб која Католичката црква им ја отстапила без никаков надомест.

Имено, во 1995 година од Загрепската надбискупија и сега покојниот кардинал Фрањо Кухариќ им е отстапена малата капеличка Свети Рок, а во 2003 година по потпишувањето на Договорот меѓу Владата на Хрватска и МПЦ, македонската црква станува рамноправна верска заедница во Хрватска, со што се овозможило вработување и престој на еден редовен парохиски свештеник на овие простори. „Едвај чекам ова да стане нашиот заеднички дом во кој Македонците ќе се среќаваат и со Бога, но и меѓусебно и каде што ќе имаме катче во кое ќе си го негуваме тоа што ни е најсвето, сето она што не прави посебни и различни од другите. Тука ќе може секој кој нема услови да го направи тоа во сопствениот дом или во ресторан, да го прослави раѓањето на новиот член во семејството па да си ги почести другарите со зелка и ракија. Ќе имаме и мала кујничка и визба за бурињата со вино кое сами ќе си го правиме. Тоа е и единствената просторија во која нема подно греење.

Се надевам дека наскоро ќе можеме да ѝ го вратиме конечно клучот од прекрасната мала капеличка, во која од 1995-та до ден денес се одвива нашиот литургиски живот и да ѝ се заблагодариме на Католичката црква зашто ни помогна да си ја одржиме верата“, вели отец Кире.

Од Русиново до Загреб

Отецот потекнува од Русиново-Беровско и веќе 19 години е надлежен парохиски свештеник на 4-те црковни општини на МПЦ во Хрватска.

Отецот е роден во 1972 година, потекнува од работничко семејство и е четврто и најмладо дете на неговиот татко Бранко и мајката Дара, која била онаа што ја негувала верата во нивното семејство, но голем дел од семето на верата во него го посадил и тогашниот свештеник во тој крај, отец Аврам, за чија внука од ќерка, подоцна ќе се ожени отец Кире.

„Отец Аврам беше многу добар свештеник па во тоа време чекавме во редица децата од цело школо за да му бакнеме рака. По завршувањето на основно, воопшто немав сомнеж што сакам да бидам. Си ја сакам службата, тоа е повик, не професија, нема работно време, живеете за духовните чеда, се посветувате на Бога и на црквата и сте послушни на својот надлежен архијереј. Во 1995.година стапив во брак со Деспина, која излезе дека е внука на свештеникот кој имаше голем удел во мојата желба да станам свештеник, па не можам да не речам дека Господ така сакал, со неговата внука да стапиме во брак. Во тој период не се знаеше ниту каде ќе живееме, ниту како ќе живееме, но Деспина знаеше која е мојата служба и беше подготвена на тоа. Прво заминавме во Штип каде што бев 4 години на служба во тамошната Митрополија, потоа 4 прекрасни години бев парохиски свештеник во Виница, па една година во Скопје и на крајот, во 2003 година ме испратија како прв редовен свештеник на МПЦ во Хрватска. За овие речиси две децении сум направил колку што сум можел, а им должам голема благодарност и на управните одбори во Загреб, во Сплит, во Риека и во Пула во кои секогаш сум имал голема логистичка потпора и на Отец Пимен кој има разбирање за нашите потреби на овие простори“, вели отец Кире.

А тој, освен што е матицата која ги обединува сите македонски верници, е и потпретседател во хрватското библиско друштво, член во Советот за екуменизам при загрепската надбискупија и активно учествува во сите меѓурелигиски и меѓуконфесионални заедници, кои се состануваат еднаш годишно и каде што МПЦ активно учествува токму преку неговото присуство.

Вели дека има коректни односи и со претставниците на Српската и со претставниците на Бугарската православна црква.

„Јас секогаш велам дека сум свештеник на МПЦ. Мојата мисија е да си ги соберам Македонците и да покажеме и докажеме дека сме жива црква која има верници, има своја хиерархија, свој народ, своја територија, свое апостолско преемство, а тоа се основните критериуми за една автокефална црква“, вели нашиот соговорник.

Семејството во мисија

Приватно, тој се дружи пред сè, со сите Македонци во Загреб, Сплит и Пула, но и со Хрвати со кои стекнал пријателства со текот на годините. И тој и неговата сопруга Деспина се посветени на својата мисија, сакаат да прават и навистина прават нешто за Македонија.

Во Загреб се родени и нивните две деца, Матеј, во 2008-ма и Јана, во 2010-та година.

„Тие растат со нас и заедно со црквата и со заедницата. Зборуваат хрватски, но учат и македонски и не само тие, туку Јана донесе и пола од своето одделение на часовите по македонски кои преку црквата во 2005 година успеавме да ги воведеме во образовниот систем во Хрватска. Мојата сопруга е професор по одделенска настава и кај неа сега го изучуваат македонскиот јазик 44 деца, меѓу кои и деца кои немаат никаква врска со Македонија. Македонскиот јазик е изборен предмет во основно училиште и влегува со оценка во свидетелство, па така нашиот јазик е рамноправен со сите други јазици. Во многу држави во светот може да се учи македонски јазик и за тоа се добива диплома, но само во Хрватска и во Шведска во самото свидетелство е напишан предметот Македонски јазик и култура – со оценка“, вели отец Кире.

А ова започнало токму на иницијатива на отец Кире и неговата сопруга Деспина. Прво почнала наставата во училиштето „Никола Тесла“, во населбата Пречко, со часови во сабота, со 7-8 ученици од прво до осмо одделение, а потоа македонскиот јазик бил воведен во редовната настава како изборен предмет.

Од пред седум години македонскиот јазик почнал да се изучува во Загреб во уште едно училиште, а тоа е „Аугуст Харамбашиќ“. Деспина е и единствен наставник по македонски јазик од основно училиште во Загреб, но има и колешка која предава во средно училиште во Загреб. Инаку, македонскиот јазик се учи и во Пула, Риека, Сплит и во Осиек.

Разговорот со отец Кире го завршивме во канцеларијата на МПЦ и со кафето кое ни го направи прекрасната Олга Чичек, една од оние „љубовни емигранти“, како што на шега ги нарекува отец Кире, која токму љубовта ја донела во Загреб пред цели 34 години.

[better-ads type='banner' banner='999' ]