Ако едно лице е подготвено да се жртвува заради друго, тоа честопати се сфаќа како врвен израз на љубов. Многу модерни родители ја изразуваат својата љубов кон своето дете со жртвување. Како што рекол некој: Децата денес се единствената вредност за која луѓето би го дале животот. Секако дека родителите треба да се откажат од многу работи за доброто на своите деца, но постои јасна граница помеѓу одрекувањето и жртвувањето: одрекувањето е конструктивно, жртвувањето е самодеструктивно.
Многу родители се заробеници на „идеологијата на среќно дете“ затоа што веруваат дека нивното дете мора да има среќно детство за да порасне во независна и ментално здрава личност. За нив, родителите се добри кога прават се за да го направат детето среќно и да му создадат чувство дека е сакано. Задоволството настанува кога некому ќе му се оствари желба и чувство на среќа кога му се остварува некоја од најголемите желби. Покрај тоа, детето не ја разбира разликата помеѓу себе како личност и своите желби.
Потчинети на малиот господар
Сето ова води до тоа таквите родители да му се потчинат на детето, на неговата волја и желби. Тие несебично се жртвуваат за детето во обидот да му угодат во се. Како што тие го доживуваат отпорот на детето кон обидите за дисциплинирање како можност за траума, тие ги повлекуваат своите барања и стануваат немоќни и послушни родители.
Луѓето кои се залагаат за овој модел на воспитување кој се сведува на давање љубов, без дисциплина, живеат во постојан страв дека детето ќе престане да ги сака и затоа му дозволуваат да се однесува како мал тиранин. А овие мали тирани знаат и да изгребат, да удрат, да гризат или да фрлаат со некој предмет по нивните родители кога не се задоволни од услугата. Веќе во првите години од животот на детето, односот помеѓу детето и родителот може да му изгледа на набљудувачот како однос помеѓу малиот господар и неговиот возрасен роб.
И кога ќе порасне малиот тиранин, тој често станува голем тиранин. Иако пораснал, не сака да преземе одговорност за себе и за сопствениот живот. Наместо тоа, тој останува во симбиоза со родителите кои ги финансираат неговите растечки барања.
Бидејќи родителот се жртвува себеси заради детето, детето го гледа како жртва, односно како модел на возрасен со кој не сака да се идентификува. Од перспектива на детето, таков родител изгледа како некој што постојано работи, живее живот полн со обврски, без доволно забава и уживање – како негативен пример. И затоа овие деца сакаат да живеат според примерот на ликови од медиумите и филмот. Бидејќи ова не е можно за огромното мнозинство, тие се чувствуваат неуспешни, честопати ги обвинуваат своите родители за нивните неуспеси. А кој е виновен, мора да плати.
Во еден случај, возрасна ќерка побарала од родителите да ѝ го дадат поголемиот, удобен стан во центарот и да се преселат во викендичката. И тие се согласиле.
И кога возрасен син или ќерка ќе создадат семејство и ќе дојдат внуци, родителот е благодарен што му е дозволено да продолжи да му служи на младото семејство, од чување деца, готвење ручек, чистење, до финансиска помош. Во случај тој понекогаш да одбие, следуваат емоционални уцени: еден куп навреди, лутење и прекинување на врската.
Исто како што тираните немаат сочувство ниту емпатија кон своите поданици, ниту овие возрасни деца. Во тој поглед треба да се гледа и растечкиот проблем на насилство врз постарите лица од нивните возрасни деца.
Подготовка за самостоен живот
Иако ова важи за родителите кои екстремно ги расипале своите деца, родителите кои ги заштитуваат своите деца сметаат дека се е премногу голем ризик за нивното беспомошно дете. Нивните деца се плашат од животот и светот надвор од родителскиот дом, така што тие обично остануваат пасивни, без социјални вештини, во трајна симбиоза со родителот. Нивниот најголем страв е што ќе се случи по смртта на нивните родители и дали ќе можат да ја наследат пензијата.
Зошто родителите го прават сето ова? Едноставно кажано, од вина. На самиот почеток, тие ја преземаат одговорноста за чувствата на своите деца. Ако детето е несреќно, тие се виновни за тоа и се должни да го направат среќно. Се самоуништуваат, држејќи се до вербата дека децата се смислата на нивниот живот. Загледано во чувствата на детето, тие не гледаат дека целта на секој добар родител е да го подготви детето за самостоен живот во човечкото општество. А за да се случи тоа, родителот мора да престане да биде одговорен за возрасното дете, бидејќи само на тој начин детето ќе прифати дека е одговорно само за себе и за сопствениот живот. Во одреден момент, родителот мора да го охрабри и да го поттикне детето да се оддели од родителскиот дом и да тргне по својот пат.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Freepik