Породувањето на жените од регионот е често трауматично, но ретко која побарала правда

Според извештајот на УНИЦЕФ од февруари 2018 година, Македонија има втора највисока стапка на смртност во првиот месец од животот во Европа, а пред неа се наоѓа единствено поранешната советска република Молдавија.

0
133

На 20-ти ноември минатата година, еден ден пред предвидениот термин за породување, Дајана Петриќ била примена во породилното одделение во локалната болница во Добој, град во северниот дел на Босна и Херцеговина. Мислела дека сè е во ред додека не започнале контракциите.

Кога болката почнала да станува сè посилна, Петриќ, 25, ја повикала сестрата. Ја однеле на ЦТГ преглед кој ја мери срцевата акција на бебето и ги следи контракциите на матката. Резултатите не ја доловиле болката што ја чувствувала, па сестрата ѝ рекла дека измислува, ни кажува Петриќ.

„Ме вратија назад во собата и сестрата ми рече дека ќе си легне и дека не треба да ја барам освен ако не ми пукне водењакот“, Петриќ раскажува за БИРН. „Не можев да заспијам од болки. Во еден момент врескав со главата втурната во ќебињата и перницата за да не ме слушнат“.

Петриќ повторно ја побарала сестрата, но ѝ рекле да се врати во кревет. Во раните утрински часови на 21 ноември, добила дијареја, повраќала и почнала да крвави. Во 6 часот наутро пристигнала докторката, а на Петриќ ѝ прснале и плодовите обвивки. „Докторите ми го наслушнаа стомакот и рекоа дека бебето мора веднаш да се вади затоа што се гуши“, вели таа.

Детето се родило во 6.20 часот наутро, а Петриќ вели дека немала доволно сила ни да ја истурка плацентата.

Нејзиното сведоштво е едно од 523-те поднесени до БИРН преку прашалникот за искуствата од породувањето спроведен во Босна и Херцеговина, Албанија, Хрватска, Грција, Унгарија, Косово, Црна Гора, Македонија, Романија и Србија, со акцент на процесот на раѓање, односот на медицинскиот персонал, здравствените компликации и последици, како и правната разврска.

Повеќе од 80 проценти наведуваат дека претрпеле „медицинска небрежност“, и голем дел се жалат од односот на медицинскиот персонал, но едвај три проценти поднеле официјална жалба и тужеле. Петриќ вели дека најверојатно решила да не покрене судска постапка само заради извинувањето на една од акушерките.

Даниела Драндиќ од „Родители во акција: Рода [Штрк]“, хрватска невладина организација што се залага за заштита на женските права за време на бременоста и породувањето, вели дека овие сведоштва се одраз на општата тенденција жените да не се слушаат и да не им се верува, како и на недостатокот на доверба кај жените во ефикасноста и праведноста на судовите.

„Кога одат во породилното одделение жените се во ранлива положба, институцијата ја покажува својата моќ врз нив и тие едноставно стануваат безгласни букви во целиот процес“, вели Драндиќ за БИРН.

„Кој е поквалификуван да зборува за тоа што се одвива во нејзиното тело од жената на која тоа ѝ се случува?“, прашува таа. „Ми се чини дека ќе помине долго време пред да почнеме да им веруваме на жените, и тоа не важи само за оваа област“.

Според резултатите од прашалникот:

–  84,13 отсто од испитаничките сметаат дека причината за компликациите што им се случиле при породувањето е медицинска небрежност
– Само 3,06 отсто поднеле тужба или жалба 85,47 отсто велат дека немале веќе постојни здравствени проблеми што би можеле да ги предизвикаат компликациите
– 6.5 отсто навеле дека нивното бебе (или бебиња) починале за време на породувањето

„На крајот, тие губат“

Во 2018 година, откако хрватска пратеничка го сподели трауматичното искуство од сопственото породување, Драндиќ и невладината „Рода“ отпочнаа кампања на социјалните медиуми под мотото #ДаГоПрекинемеМолкот [#PrekinimoSutnju], повикувајќи ги жените да поднесат писмени сведоштва за своите искуства со хрватскиот здравствен систем.

За само неколку дена беа преплавени со над 400 писма. „Рода“ ги достави до Министерството за здравство. Кампањата одекна и во соседните Србија и Босна, каде жените исто така почнаа да го креваат својот глас.

Драндиќ вели дека уште многу треба да се направи за да се сменат здравствените практики на Балканот.

„Таквата промена е возможна или преку образование или преку судски постапки со исход кој би влијаел врз начинот на кој постапува одредена институција или струка“,изјави Драндиќ за БИРН.

Таа изрази жалење поради тоа што само мал број од жените се почувствувале подготвени да поднесат жалба или да покренат тужба.
„Пред и над сè… жените се истрауматизирани, потребна им е одредена дистанца од самиот настан за да можат да ја процесираат траумата пред да можат да проговорат“, при тоа грижејќи се и за новороденчето и прилагодувајќи се на ‘огромната промена’ што им се случила“, вели Драндиќ.

Друга работа се судовите. Жените, според Драндиќ, немаат на располагање транспарентна, сигурна или ефикасна постапка за поднесување жалби на која можат да се потпрат. „Ниту пак самиот судски процес е нешто што претставува опција за нив затоа што судските постапки се вообичаено долги и неизвесни и, на крајот, жените губат“, вели таа.

„Во целата оваа приказна жените се во многу ранлива положба, додека лекарите и медицинските институции се во многу моќна позиција“.

Неопходна е „целосна реформа“

Од друга страна, медицинските стручни лица велат дека можеби вината за ова се должи на недостигот на лекари и лошата организација.

Снежана Ракиќ, гинеколог во приватна клиника во главниот град на Србија, Белград, вели дека родилиштата во Србија се едноставно премногу големи.

„Станува збор за родилишта кои се многу големи и имаат по 6.000-7.000 породувања годишно; зачестеноста на породувањата во тие родилишта е многу висока и логично не може да се очекува исто ниво на услуга како што може да се добие во помали родилишта“, изјави Ракиќ за БИРН.

„Секаде низ светот се градат болници за по 1.500 до 2.000 породувања, каде практично имате по пет породувања дневно… има повеќе персонал и помалку пациенти на кои им е потребна грижа. Значи главниот проблем е од организациска природа“.

Ракиќ вели дека Србија има многу што да научи од странство.

„Потребно е да се спроведе целосна реформа“, вели таа. „Искуствата од Австрија и Германија се поинакви: сестри-акушерки, кои се добро обучени, ги водат физиолошките породувања, а докторот(ката) се појавува само во случај на компликации“. Во Србија задолжително е присуството на доктор, но постои недостаток на лекари во целиот регион.

Друга докторка ја преиспитува дефиницијата на „компликација“.

„Поимот за компликација [при породување] е различен за докторот и за пациентот“, вели Александра Димитријевиќ, професорка на Факултетот за медицински науки во српскиот град Крагуевац и директорка на Одделението за гинекологија и акушерство во тамошната болница.

„Не е компликација ако породувањето трае подолго затоа што конечниот исход е здрава жена и здраво дете“, вели таа.

Од околу 2.200-2.300 породувања што се одвиваат во оваа болница, „кога станува збор за тешки компликации, такви имаме помалку еден отсто“, изјави Димитријевиќ за БИРН.

„Не го ни видов бебето“

Триесет и четири од испитаничките што одговориле на прашалникот на БИРН пријавиле смрт на бебе или бебиња при породување. Една испитаничка, роднина на бремената жена, навела дека родилката починала. Во друг случај, починале и мајката и бебето.

Една од родилките кои навеле дека го изгубиле бебето е Дина Ангелова, по потекло Русинка, која живее во Македонија.

Ангелова за БИРН раскажа дека плодовите обвивки ѝ прснале додека била дома, и дека со амбулантна кола била донесена во Општата болница во Куманово, град во северниот дел на земјата.

„Таму почнав да крвавам, тоа траеше три часови“, вели таа. „Но вработените беа крајно непристојни и ми се развикаа затоа што сум правела неред во болницата. Ми рекоа дека сум отворена, но дека бебето е премногу високо и не можам да раѓам“.

„Агонијата траеше повеќе часови. Барав царски рез, но ми рекоа дека сè е во ред“. Доктор, кого Ангелова го опишува како постар и поискусен, се развикал на медицинскиот персонал, велејќи им дека „ќе ја изгубат и жената и детето“.

Конечно, бебето било родено, но било ставено во инкубатор и пренесено во главниот град, Скопје. Ангелова ја задржале во Куманово. Потоа телефонски ѝ јавиле дека бебето умрело, а Ангелова сама побарала отпуст од болницата.

„Никогаш не го видов бебето“, вели таа. „Па секогаш кога одам во црква палам две свеќи, една во случај бебето да е некаде живо, а една ако е мртво“.

Аутопсијата покажала дека бебето проголтало премногу плодова вода. Ангелова вели дека други доктори со кои се консултирала ѝ рекле дека ако ѝ направеле царски рез детето ќе преживеело.

Ангелова го пријавила случајот во Јавното обвинителство во Куманово од каде за БИРН изјавија дека побарале да се спроведе истрага од полицијата, а барале и екпертско мислење од Институтот за судска медицина во Скопје, кое допрва треба да им биде доставено.

„Само сакам да се дознае каде е вината и да се казнат виновниците за други мајки да не го поминуваат она што го поминав јас“, вели Ангелова.

Многу други родилки се соочуваат со слични искуства во Македонија, земја со една од највисоките стапки на смртност кај новороденчињата и родилките во Европа.

Смртноста кај новороденчињата падна на рекордно ниско ниво во 2018 година, со 5.7 на секои 1.000 живородени деца, но сепак беше повисока од просекот од 3.5 на Европската Унија за таа година.

Според извештајот на УНИЦЕФ од февруари 2018 година, Македонија има втора највисока стапка на смртност во првиот месец од животот во Европа, а пред неа се наоѓа единствено поранешната советска република Молдавија.

Во извештајот се вели дека одговорноста за високите стапки на смртност не може да се бара единствено во работењето на здравствените системи и се наведува дека за тоа исто така придонесуваат и економскиот развој, сиромаштијата, социјалната заштита,
стапките на болести и состојбата со животната средина.

Д-р Борис Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ, вели дека стапките на смртност кај новороденчињата се полоши кај бројното етничко албанско малцинство во Северна Македонија, како и во руралните
подрачја.

Од Националниот ромски центар – НРЦ, невладина организација што работи на правата на ромската заедница во Куманово, велат дека редовно се среќаваат со случаи на компликации при породување.

„Да не ги заборавиме жените што немаат документи [лична карта] поради различни административни проблеми“, вели раководителот на НРЦ Ашмет Елезовски. „Тие немаат право на здравствена заштита и бесплатно породување“.

Насилство и вербална злоупотреба

Јолка Натанаили Пеноте, психолог и раководителка на албанската невладина организација Детска и семејна единица, ја родила својата ќерка во 2015 година, во Болницата „Кралица Џералдина“ во Тирана.

Немало никакви поголеми компликации, но Натанаили Пеноте вели дека со недели трпела последици од „непрофесионалната“ и „небрежна“ епизиотомија (рез на перинеумот) што ѝ ја направиле за да има простор за бебето да излезе, рутинска постапка за која жените кажуваат дека често се извршува без да се побара дозвола, да се информира жената или да се понуди алтернатива.

„Никогаш нема да заборавам во каква состојба бев во текот на првиот месец по породувањето, иако се породив спонтано“, изјави таа за БИРН, велејќи дека докторката каде покасно била на преглед во Франција била шокирана од причинетата штета.

„Начинот на кој се постапува со новите мајки, недостатокот на грижа…. остава неизбришлива трага врз сите нас, и извесно е дека сите добро ќе размислиме пред да се одлучиме за следна бременост“.

Околу 7.5 отсто од оние кои го пополниле прашалникот на БИРН пријавиле проблеми со епизиотомијата.

Во извештајот од 2019 година на хрватската правничка и специјален известувач на ООН Дубравка Симоновиќ се вели дека „малтретирањето и насилството врз жените во службите за репродуктивна здравствена заштита и гинеколошко-акушерските установи
е појава што е присутна секаде во светот и која ги погодува жените од сите социо- економски слоеви“.

Насилството при породување опфаќа физичка злоупотреба, принудни медицински зафати, или зафати спроведени без согласност, одбивање да се дадат лекови за обезболување или анестезија, нарушување на приватноста, но исто така и понижување
и вербална злоупотреба.

Драндиќ вели дека во земјите од Централна и Источна Европа сè уште се користат „застарени пракси“. Како пример го го дава Кристелеровиот зафат, или притисок врз фундусот на матката, пракса во која акушерката или докторот силно притиска врз
стомакот на мајката за време на контракциите. Во развиените земји оваа пракса не се препорачува поради ризикот од скршени коски, оштетување на органите и други компликации.

Жена од босанскиот град Фоча вели дека без никакво предупредување ѝ била извршена епизиотомија и Кристелеров зафат.

Таа раскажува дека на бебето му била скршена клучната коска, додека таа претрпела тешки нагнетувања околу стомакот и ребрата, а добила и инфекција кога ѝ испукале конците на перинеумот.

Се жали и на вербална злоупотреба, затоа што персоналот ѝ велел „да престане да глуми“, и ја обвинувал дека се однесува „како само таа да раѓа“.

Околу 16 процените од испитаничките се пожалиле на начинот на кој им се обраќал медицинскиот персонал, или начинот на кој физички постапувал со нив.

„Еден доктор ме навреди поради телесната тежина, [ме нарече] со погрдни зборови“, ни пиша жена од Србија.

Друга, во Црна Гора, вели дека била изложена на „насилство“, „дерење“ и „скокање врз стомакот“, што очигледно се однесува на Кристелеровиот зафат.

Таа наведува дека медицинскиот персонал ѝ велел „Да ќути и трпи“ и „Да не мислиш дека си во хотел?“

Жената во Фоча смета дека делумно и самата е виновна што не си ги знаела правата.

Но според Драндиќ бремените жени и мајки честопати не се „во позиција од која можат да се борат за своите права“.

„Просто е, жена, кога е при крај со бременоста или откако ќе се породи… едноставно има попаметна работа отколку да земе да анализира членови од законот или да се расправа“, вели Драндиќ.

„Жените, воопшто, не се свесни дека имаат право да кажат „не“. Тоа е една основна работа на која не ги учиме ни девојчињата. Имаш право да кажеш „не“. А лицето на кое му велиш „не“ има обврска тоа „не“ да го чуе и почитува“.

Текстот е преземен од ТУКА.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]