Деца и родители, некогаш и сега…

Кога ние станавме родители, сакавме да имаме искрен однос со нашите деца, демек, ние сме современи, не сме како нашите родители кои сметавме дека биле премногу традиционални, да не речам, заостанати... Сега навистина незнам кој концепт на родителство е подобар: оној на нашите родители или овој нашиот? Или воопшто не е до концептот, туку до начинот на живот кој драстично се менува?!

0
447

Нашите родители воопшто не се знимаваа со нас на начин на кој ние се справувавме со нашите деца. Така велат сите од мојата генерација. И навистина е така. Се е многу различно. Дури мислам дека е сега најразлично од секогаш.

На пример, секогаш се чудам како нашите родители издржувале да немаат контакт со нас кога не сме дома. Кога се појавија мобилните телефони, јас постојано го барав син ми, сакав да знам каде е, со кого е и кога ќе се врати. Не бев некоја строга мајка, напротив, бев попустлива, ама постојано му се јавував. Инаку, секогаш кога ќе речев да си дојде дома во 9, му попуштав по половина час на секое јавување. Знаев дека му е убаво, особено кога е надвор топло, се собрало цело друштво, а вие мора да си одите или да се секирате дека ќе ве караат ако задоцните. Ама нашите родители немаа мобилни, не можеше да се јавиме и да побараме уште половина час. Да, додека бевме помали и излегувавме во маало, тогаш доаѓавме до дома и прашувавме дали може уште малку, ама кога веќе ќе дојдеш до дома за да прашаш, „заминал возот“. Ќе си останеш дома. Затоа некогаш и свесно доцневме, а потоа се враќавме со кнедла во грлото. Ќе имаме среќа да заспале или не чека кавга?

Ама приказната за одењето на одмор, ете таа ми е секогаш кошмар. Ние почнувавме да одиме сами на одмор на 16, 17-18 години, уште во средно училиште… Не одевме на одмор баш близу. Патувавме со воз до Сплит, а потоа на островите. Со колку пари? Па доволно за да останеме 10 дена, ама ние останувавме по 20 и некој. Јадевме леб и сенф, а понекогаш прескокнувавме оброк за да може вечерта да излеземе и да пиеме некој сок во диско. Се јавувавме дома 2-3 пати, а за тоа мораше да чекаме ред во локалните пошти. Првиот пат дека сме стигнале, вториот дека сме здрави и живи, дека не сме гладни и жедни, а третиот пат за да ни испратат уште некој динар за да можеме да се вратиме. Штедевме пари патувајќи автостоп, а и кога требаше да се оди некаде со автобус и понекогаш ќе се случеше да задоцниме, цела ноќ ја поминувавме на автобуска станица таму некаде, во Црна Гора или во Хрватска. Секогаш наоѓавме друштво, млади од цел свет кои патуваат со ранците на грб, си ги делевме оброците, јадевме домати, лубеници и вечно таа иста комбинација – леб и сенф, иако понекогаш се честевме дури и со кренвишли, и секако, си ги разменувавме адресите.

Кога син ми требаше првпат да оди на одмор без мене, одеше со другарите од основно. Инаку беше исто така веќе прва-втора година средно. Родителите на другар му имаа приколка во камп во Грција, а во кампот имаше се, не мораа и се надевав дека нема воопшто да излегуваат оттаму. Фрижидерот во приколката беше полн со храна и пијалаци, а јас пресметав колку пари ќе му требаат за две недели и му дадов нешто плус, за секој случај. Не памтам дали и колку често се слушавме бидејќи тогаш уште не беа развиени социјалните мрежи, ама си пишувавме смс-и. Родителите на другар му одеа за викенд, па децата беа практично сами само преку недела. Ми кажуваше дека пливаат долго, навечер се забавуваат со друштво во кампот, а јас умирав од грижа. Можеби толку се грижев затоа што многу добро ги помнев моите летувања на таа возраст, но излезе дека оваа нова генерација деца е поумна од нашата. Мислам дека не би ни тргнал некаде без доволно пари, и не би останувал никаде подолго од планираното. Во наше време ни даваа толку пари колку што можеа, а потоа ние ги тегневме до бесвест само за да бидеме на одмор што подолго, се враќавме со 5-6 килограми помалку, ама бевме среќни. Мислам дека во тој период и луѓето беа подобри, па можеби затоа и покрај сите талкања, стопирање, влегување во автомобил со непознати луѓе и нови познанства, немавме ниту една непријатна случка. Бевме деца, не се плашевме од ништо ама како што ми изгледа сега, не сме имале ни од што да се плашиме. Најнепријатната случка беше кога со другарка ми Кате бевме да го посетиме нашиот другар Ваља кој беше во војска во Кумбор, близу Херцег Нови. Тој ни најде место за преспивање, кај две девојки кои работеа таму сезонски и имаа изнајмено соба во една куќа. Јас и Кате преспавме на едниот кревет, а следниот ден бевме да го извадиме другар ни од касарна. Останавме кај нив една или две ноќи, не се сеќавам веќе, варевме супа од кесичка и си разменивме подароци со девојките. Кога тргнавме да си одиме, по нас дојде девојчето, ќерка на газдарицата на куќата и ни кажа да провериме дали ни се тука сите работи, затоа што мајка ѝ се сомнева дека можеби тие две наши нови другарки нешто ни украле. Ги отворивме ранците со Кате и веднаш забележавме дека ни нема неколку парчиња облека. Не носевме баш многу облека. Се вративме назад и ги најдовме како ги испробуваат нашите костими за капење, некоја маичка, сукњичка…Нема да заборавам како Кате го повлече со прстот горниот дел од костимот за капење кој го испробуваше една од девојките и строго и рече: „Скидај то, моје је“. Бевме многу лути и веројатно делувавме опасно па веднаш ни вратија се. Со години го прераскажувавме ова и секогаш многу се смеевме.

Велиме дека сме имале строги родители, ама подоцна, кога и ние станавме родители, сфативме дека имало и зошто да бидат строги. Да, бевме одлични ученици, ама правевме и многу глупости. И никогаш ништо од ова не им прераскажувавме на родителите, знаевме да подлажнуваме, ако сакаме да останеме на некоја журка, тогаш лажевме дека ќе учиме кај другарка. А не е дека родителите ни беа негрижливи, едноставно ни веруваа. Можеби затоа што знаеја дека сепак ги знаеме границите. А можеби и беа добар тим, мајка ми грижлива и секогаш исплашена дека нешто лошо ќе ни се случи, а татко ми строг ама само кога ќе се изнервираше, не толку заради нашето доцнење дома или затоа што дознал дека сме побегнале од часови, туку затоа што мајка ми постојано му велеше дека треба да не притисне малку, не го оставаше да спие ако се уште не сме дошле дома, а кога овој ќе не пречекаше разулавен затоа што сме го оставиле без сон, и ќе ни залепеше по една шлаканица, таа застануваше меѓу нас и викаше: „немој немој, нема другпат да прават така“. Потоа сите му бевме лути на татко ми.

Знаевме да се вратиме наутро дома со леб и со млеко, демек, сме станале рано и како добри ќерки сме отишле до продавница. Но не палеше секогаш. Како и да е, без мобилни телефони, не ни можеа да не контролираат постојано.

Нашите родители воопшто не се справуваа со нас на начин на кој ние се справуваме со нашите деца.

Завршивме училишта без приватни наставници. Без ничија помош. Кога станавме студенти, се натпреварувавме кој повеќе ќе работи. Одевме да береме праски, работевме како собарки во хотел во Грција, а потоа со парите си купувавме облека и еден мал црно-бел портабл телевизор за нашата соба. Кога излегувавме, се враќавме со последниот автобус или пешки, а другарите секогаш не испраќаа до дома. Имавме готов ручек, баба и дедо да ни го збогатат џепарлакот или да не земат во заштита, а кога излегувавме со другарите цела вечер се правеа муабети. Се расправавме за книги и за филмови, отваравме филозофски теми. Немавме многу пари, па најчесто се збиравме по куќи. Тоа беа најубавите журки, домашните. На крајот најблиските другари секогаш остануваа да ја потсредат куќата и да ја доведат во првобитната состојба.

Кога ние станавме родители, сакавме да имаме искрен однос, да не не лажат и да не кријат ништо од нас. Демек, ние сме современи, не сме како нашите родители кои сметавме дека биле премногу традиционални, да не речам, заостанати.

Јас никогаш не го карав син ми за оценки, па тој никогаш и не се потресуваше како што го правев тоа јас ако случајно наместо петка добиев четворка. Му зедов и наставник по математика. Го разбирав многу добро бидејќи и мене не ми одеше математиката, само што мене ме подучуваше понекогаш братучед ми, онака, за без пари, се додека не се „смува“ со другарка ми Кате. Потоа ништо од подучувањето. На писмените во средно добивав едвај тројки, ама заради петките по другите предмети, ми попуштаа и без да бараат моите врски. Дури и тогаш знаеја дека не може секој да знае се. Некои деца имаат интерес за едно, други за друго.

Не сакав син ми да се потресува. Впрочем, никогаш во животот не ми затребаа дропките, доволно е да знаеш да вадиш и собираш, да помножиш и да поделиш. Знаев дека нема да му требаат ниту нему.

Не бев доследна во казнувањето затоа што знаев дека забраните нема да вродат со плод, само ќе го натераат да измисли нешто и да излаже како што јас ги лажев моите родители. Понекогаш се однесував кон син ми како да сум и јас се уште дете. Како да сме пријатели. Одевме со Кате и Лихнида во „Мартини“, ние на една маса, а нашите деца на другата. Тие пиеја топло чоколадо и си правеа свои муабети, а ние пиевме кафиња и си правевме свои муабети. Незнам кога престанаа да доаѓаат со нас. Ама знам дека не можев да сфатам зошто. Забележувам дека насекаде околу мене, ние како родители, ментално и емоционално, сè уште не ги пуштаме нашите деца да си одат. Постојано ги контролираме, имаме мобилни телефони, имаме социјални мрежи, ако и не се слушнеме, тогаш задолжително проверуваме дали има некоја вест од нив на мрежите. Син ми се ожени, замислете, а јас се уште го прашувам дали јадел.

Да се ​​биде родител е најсериозната професија, но навистина незнам кој концепт на родителство е подобар: оној на нашите родители или овој нашиот?

Или секоја генерација ќе си има свој? Ама знам дека нашиве деца, мислам на овие од 90-тите и милениумците, се уште и добри, се плашам што ќе биде со следните.

[better-ads type='banner' banner='999' ]