Можеби сте читале за студијата Harvard’s Grant, која следела 268 студенти на Харвард повеќе од 70 години за да се најде одговор на прашањето кои се клучевите за здравјето и среќата. По Втората светска војна, научниците во Велика Британија започнале со она што станало навистина огромен потфат. Заинтересирани за условите во кои мајките живеат во земја разорена од војната, истражувачите одлучиле да ја испитаат секоја жена што родила во текот на 1946 година. Резултатот бил околу 14.000 детални прашалници за сите аспекти на породувањето во Британија во тоа време.
Потоа, генерации подоцна, тие повториле слична работа, истражувајќи околу 70.000 деца во период од 70 години, за да видат колку се успешни во однос на образованието, здравството и целокупниот напредок. Можете да замислите купишта и купишта генерирани податоци. На што се сведува сето тоа? Тоа е огромно и трајно прашање, но авторката Хелен Пирсон има неколку силни заклучоци што ги споделила во TED разговор минатата година. Пирсон објаснила што научила како научник и мајка од искуството на пишувањето на својата книга The Life Project.
Што велат податоците собрани во текот на 70 години за тоа како да се биде добар родител?
Првиот наод на истражувањето е најмалку шокантен, но е воедно и најдепресивен. Како што би очекувале скоро сите, децата родени во сиромашни семејства во просек се во многу понеповолна положба. Проблемот, се разбира, е во тоа што не можеме да ги избереме родителите. Некои од нас го добиваат она што милијардерот инвеститор Ворен Бафет го нарекол „лотарија на јајниците“, а некои од нив не. Но, ако тоа беше сè што имавме – светот ќе беше неподносливо тажен”, вели Пирсон. За среќа, студиите откриваат уште една длабока вистина. „Родителството е важно, можеби и најважно“, вели Пирсон.
Споредувајќи ги децата родени во слични „проблематични“ околности и потоа следејќи ги преку растењето за да утврдат кои стануваат успешни, истражувачите почнуваат да проучуваат кои родителски однесувања имаат најголемо влијание врз поттикнувањето на успехот и просперитетот на детето. И еве ја добрата вест – повеќето од нив се целосно на дофат на рака на секој родител, без оглед на нивните финансиски средства!
Да се биде добар родител е полесно отколку што мислите!
Пирсон продолжува со набројување на низа родителски однесувања што студиите ги поврзале со подобрените исходи дури и за ризичните деца. Научниците не можат со 100 процентна сигурност да кажат дека овие интервенции даваат подобри исходи (иако дополнителните студии што го испитуваат ова прашање сугерираат дека барем некои од нив го прават тоа), но ова се најверојатните постапки што прават разлика.
Родителите на успешни деца ги прават овие работи …
Тие разговараат и ги слушаат своите деца
Јасно кажуваат дека имаат амбиции за нивната иднина
Тие се емотивно достапни и топли
Ги учат на букви и броеви
Ги носат на излети
Им читаат секој ден (и ги поттикнуваат да читаат од задоволство и љубов)
Воспоставуваат и одржуваат редовни рутини за спиење
Сигурно си мислите: „сето тоа е толку очигледно“. Да, така е, но токму тој вид основно, но суштинско родителство може да се изгуби во лудилото на модерниот живот.
Земете го на пример концептот на квалитетно време. Денес, многу родители се толку под стрес заради квалитетно дружење со нашите деца што закажуваме безброј активности и искуства за поврзување. Во меѓувреме, науката покажува дека „квалитетно време“ значи само тивки моменти каде што навистина го слушате и зборувате со вашето дете. Што, за жал, честопати се занемарува во денешно време, кога налудничаво се возите цел ден од еден на друг тренинг или од една на друга активност.
Самата Пирсон признава дека честопати била толку зафатена со работа што едвај имала време за краток разговор со своите три синови. Откако пишувала за кохортните студии, таа секогаш се обидува да одвои 15 минути – секоја вечер за да разговара со нив за нивните денови, а дури потоа одат на спиење.
Кога станува збор за воспитувањето и за родителството, се чини дека малите нешта имаат најголема важност. Воспитувањето среќни и успешни деца нема никаква врска со отмени и скапи активности. Наједноставните работи како овие се достапни за секого и гарантираат дека нашите деца ќе пораснат во среќни луѓе.
Фото: Freepik