Бебињата на мајки кои пијат повеќе кравјо млеко за време на доењето имаат намален ризик од развој на алергии на храна. Ова е заклучокот на истражувачите од Универзитетот Chalmers Technology во Шведска објавен во научното списание Nutrients. Резултатот се заснова на студија за навиките во исхраната на шведските жени (500) во 34-тата недела од бременоста и четири месеци по породувањето.
Кога децата наполниле една година, биле медицински прегледани и идентификувани се сите постоечки случаи на алергија на храна, атописки егземи и астма. Откако материјалот бил усогласен со разни други фактори, како што се наследна предиспозиција или обратна каузалност, истражувачите успеале да утврдат дека навистина постои јасна врска помеѓу мајчиното внесување на млеко и млечни производи и пониската инциденца на алергии на храна кај нивните деца.
„Откривме дека мајките на здрави едногодишни деца консумирале повеќе кравјо млеко за време на доењето отколку мајките на алергичните едногодишни деца. Иако врската е јасна, не тврдиме дека пиењето кравјо млеко ќе биде општ лек за алергии на храна“, рекла Миа Штревик, водечки автор на студијата. Механизмите заради кои млекото го има овој превентивен ефект против алергиите сè уште не се целосно јасни.
Според професорката Ен-Софи Сандберг, едно можно објаснување може да биде дека млекото во мајчината исхрана содржи супстанции кои ја поттикнуваат зрелоста на имунолошкиот систем. „Во раниот развој на детето, постои временска рамка во која е неопходна стимулација на имунитетскиот систем за детето да развие толеранција кон различна храна“, рекла Сандберг. Како една од хипотезите, се наведува премисата дека раниот контакт со разни микроорганизми може да функционира како стимул за имунолошкиот систем на детето.
Студијата не е прва што го поврзува кравјото млеко во исхраната на мајката со намалениот ризик од развој на алергии кај децата. Сепак, претходните студии се засновале единствено на одговори на прашалници за навиките во исхраната и присуството на алергии.
Детските алергии стануваат почести
Да потсетиме, алергијата е најчестата хронична болест која ги погодува децата, и станува се позастапена во Шведска и во другите индустриски развиени земји.
Од 508 деца вклучени во студијата:
7,7 проценти од децата (39) биле дијагностицирани со алергија на храна на возраст од една година, најчесто од кравјо млеко или јајца (или и двете)
6,5 проценти од децата (33) биле дијагностицирани со атопична егзема, а исто толку и со астма
23 проценти од децата имале алергии од некој вид (вклучително и непрехранбени) на возраст од една година.
Фото: Unsplash