„Не е Лука, дај Боже да беше тој“, вели Ирена Николовска Ристановска мајка на деветгодишниот Лука, инаку, дете со аутизам, откако ја прашавме дали нејзината песна која деновиве имавме можност да ја слушнеме како најава за нејзиното гостување во детската емисија „Слушнете не“ на битолското УКЛО радио, ја кажува заедно со него.
„Извини дожде“ е песна од и за посебните деца, а стиховите на Ирена се инспирирани од дождот кој кај Лука е тригер за напад, со иста јачина какви што се и лаењето на кучињата и кукурикањето на петлите.
„Оваа песна е напишана од мене за Лука. Девојчето кое ја рецитира е Ноела, а песната е на некој начин најава за моето и гостувањето на мојата ќерка Јована и синот Лука во радиоемисијата на УКЛО радио „Слушнете не“. Ноела е водителка на оваа детска емисија и истовремено ќерка на моја пријателка.
Песната ја напишав во момент на длабока тага. Бевме на село, врнеше, а на многу дечиња како Лука им пречат капките дожд на нивната коса, кои ги чувствуваат како страно тело и тоа ги вознемирува. Многу плачеше и не бев во можност да го смирам иако пробав безброј алтернативи кои до тогаш успевале. Тригерот дожд кај Лука е со иста јачина како и лаењето на кучиња и кукурикањето на петли. Се чувствував беспомошно додека ја гледав неговата беспомошност и борба со себе. Таму бев, а не можев ништо да сторам.
Тогаш добив инспирација за песната и кога тој конечно се смири и легна како ранет лав, совладан од себе, јас останав на балкон, го гледав дождот и му кажав многу со помош на пенкало и лист хартија“, вели оваа мајка која е активна и преку нејзиното здружение на психолози за стручна и морална поддршка на деца и возрасни ’Рилука‘ Битола.
На 23 јуни, во амфитеатарот Тумба кафе во Битола, ова здружение организира и настан од културен и хуманитарен карактер со мотото „Со книжевност до свесност за поинаквоста“.
На настанот со свои песни и раскази ќе земат учество: родители на деца со тешкотии, деца со типичен развој (членови на здружението), кои низ пишан збор ќе ја доближат ’поинаквоста‘ до присутните, како и други здруженија кои имаат отворена покана да се придружат на настанот. Целта на настанот е подигнување на јавната свест за прифаќање на различните состојби како аутизмот и сите сродни состојби.