Луѓето кои доаѓаат на терапија честопати немаат идеја, дури ниту помисла дека со нивните сегашни проблеми владеат стратегиите од детството.
Како по правило, тие малку се сеќаваат на своето детство.
Понекогаш мислам: фала му на Бога за одбранбените механизми како негирање, потиснување и нормализација, затоа што ги штителе додека биле мали.
Овие луѓе не ги избрале свесно овие одбранбени механизми, но нивната семејна реалност била таква што психата морала да се брани на некој начин. Ранливоста морала да биде заштитена со што било, па дури и со измама. Во срцето на ранливоста се наоѓаат страв, страдање, предавство, гнев, беспомошност, паника, сожалување, незадоволство.
Но, овие механизми продолжуваат да управуваат со нивното однесување кога ќе пораснат, и затоа тие, како возрасни, имаат големи дисторзии (искривувања) на реалноста, и тие нарушувања ги штитат од контакт со ранливоста.
Ќе дадам краток преглед од сеанса во кој може јасно да се види како во нефункционално семејство кое долго криело тајна, се искривува сликата за реалноста на клиентот и како искривениот поглед продолжува да ги изобличува и секојдневните ситуации.
Клиентот, млад човек во дваесетите, вели дека има многу мала самодоверба и дека не може да му каже НЕ на никого, ниту на шефот на работа кој го оптоварува, ниту на неговата мајка или на девојката.
– Само се сеќавам дека мајка ми ме нарекуваше стармал. Таа ме фалеше пред сите. Велеше: „Не знам што би било без тебе“. Бев горд затоа што бев најважната личност во семејството. Тогаш чувствував дека вредам.
– Аха. А каде беше татко ти?
– На брод. Подоцна, на 20 години, дознав дека бил во затвор.
– Зошто?
– Не знам. Мајка ми велеше дека никогаш да не го прашувам, затоа што му е тоа болна рана.
– Дали го праша?
– Не. Кога се врати, ние бевме странци. И веќе не живеев со нив, тогаш студирав.
– Каде беше татко ти во затвор?
– Замислете, во истото место каде што живеевме.
– И мајка ти не ти дозволуваше да го видиш.
– Не. Таа се плашеше дека сестра ми и јас ќе бидеме трауматизирани.
– А дали сакаше да го видиш?
– Сонував за тоа! Можеби затоа толку ми падна средбата со него. Тој се врати, но тоа не беше човек кој се враќа од море, тоа беше скршен човек. Ни тој, ниту јас не знаевме како да зборуваме. За жал, тој почина една година подоцна.
– Значи, мајка ти 10 години криеше од тебе и сестра ти дека татко ви е во близина.
– Како тоа мислите? Таа нè штитеше.
– Таа верувала во тоа. Но, зарем тие 10 години не се украдени години од вас? Можеше да го гледаш татко ти. Точно – во затвор, но тогаш тој не би бил странец за тебе.
– Да, само имав впечаток дека го имам. Мајка ми пишуваше писма, а веќе на 16 години забележав дека тоа е нејзин ракопис. Нејзиниот јазик. Но, јас сепак продолжив да верувам дека тато е таму некаде.
– Додека вие го кажувате тоа, јас размислувам колку таа позиција, да се грижиш за својата мајка и за сестра ти, влијаела на тебе. Тоа бил голем товар.
– Премногу голем! И откако татко ми почина, мајка ми доби дијабетес и јас се откажав од студиите.
– А, што се случи со твојот љубовен живот?
– Имав девојка. Милица. Името убаво ѝ одговараше. Таа беше навистина мила.
На лицето на младиот човек се појави насмевка.
– И како изгледаше таа врска?
– Убаво. Најмногу ја сакав. Но, поради обврските околу мајка ми и лекарските прегледи и мојата работа во сервисот за миење автомобили … немаше можност да се продлабочи врската.
– Не, очигледно. И што очекуваше таа од тебе?
– Како и секоја девојка: внимание. И по една година, ми предложи да живееме заедно. Едноставно не можев, не можев да ја оставам мајка ми, не можев да ѝ се спротивставам … и таа отиде во друг град.
– Но, ти и сега дојде заради сличен проблем.
– Да, сега ја имам Драгана. Таа дури се согласи да живее со мене и мајка ми. Но, тие две не се согласуваат.
– Како тоа?
– Двете се тврдоглави. Мама не сака никој освен неа да готви. Дури ни да го средува станот. Драгана средува, но мама не е задоволна. Дојде до точка кога Драгана ме уценуваше: да ја оставам мајка ми и да изнајмам стан или таа ќе ме остави. Затоа дојдов.
– Значи мама може да готви.
– Да
– И може да го средува станот.
– Очигледно.
„Тогаш, зошто упорно остануваш со неа?
– Се плашам дека би била осамена.
– Горан, за време на твоето растење си научил дека твоите потреби, желби и чувства не се важни. Ти си се чувствувал важен само кога си ѝ се наоѓал на својата мајка. Таа те фалела заради тоа. Практично си бил поставен во позиција како да си ѝ партнер на својата мајка. Којзнае што се чувствувал одвнатре. Веројатно голема болка и притисок. Неприродно е детето да преземе ваква важна улога што инаку е резервирана за возрасните. Сега би сакала да те потсетам. Ова е едноставна реалност. Ти веќе не си мало момче кое нема друг избор освен да се приспособи на волјата на другите возрасни. Сега си слободен. Мајка ти може и сама.
– Но таа ќе би пресвиснала без мене!
– Од каде ти е таа идеја?
– Така вели таа.
– Таа така ти зборува и така те уценува. Сите возрасни, кога ќе пораснат, имаат право да основаат семејство. Мајка те е возрасна. Нека си најде друштво.
– Тоа ќе биде тешко. Никој не толерира некого што постојано ’попува‘, критикува и зборува негативно.
– Навистина? Па, гледам дека има некој што толерира.
– Кој?
– Па, ти.
– Но, јас сум ѝ син.
– Да, но веќе немаш 9 години. Дури ни 16. Имаш 29. И имаш право да живееш самостоен живот со својата девојка.
– Имам?
– Што, ти треба одобрение?
– Изгледа така …
– Тоа е затоа што си научен слепо да верува на авторитетот. Знаеш, вистински авторитет си ти и ние ќе работиме на тоа во терапијата
– Јас?
– Да. Повеќе не треба да бидеш добро момче. Доволно е да прифатиш дека си возрасен и дека си одговорен за својот живот.
– Дали ќе можам да го сторам тоа?
– Кога си можел на 9 години да бидеш стармал, сега како возрасен можеш слободно да бидеш одговорен за себе. Прашањето не е дали можеш да го направиш тоа, туку дали сакаш. И, за да откриеме што сакаш, ќе поработиме на твоето рането дете.
Билјана Ќулафиќ, педагог и психотерапевт
Текстот е од ТУКА.
Фото: Freepik