Откако поминале децении спроведувајќи ги семејните правила како мајки и татковци, многу баби и дедовци се одлучуваат за поопуштена и позабавна улога во животот на нивните внуци. Од друга страна, други баби и дедовци не се согласуваат со начинот на кој нивните (сега возрасни) деца ги воспитуваат своите деца.
Можеби тато почнал да го нервира дедото затоа што му дозволува на внукот да останува буден до доцна и да јаде слатки цела ноќ. Можеби бабата ѝ приговара на мајката за начинот на кој ја дисциплинира нејзината внука. Сепак, според студијата на Универзитетот во Мичиген, се чини дека во денешно време постои голема напнатост во односите помеѓу родителите од една страна, и бабите и дедовците од друга страна кога станува збор за одлуки поврзани со родителството. Резултатите од студијата биле објавени во август 2020 година.
Нешто помалку од половина од анкетираните родители велат дека имале конфликт или со бабата или со дедото или со двајцата заради различни ставови на родителство. Секој седми родител вели дека го ограничува времето што неговото дете го поминува со бабите и дедовците заради овие несогласувања.
Во истражувањето учествувале вкупно 2.016 родители на деца на возраст под 18 години во моментот на испитувањето, од САД.
За што родителите најчесто се судираат со бабите и дедовците?
Како прво, несогласувањата се јавуваат поради дисциплинските мерки – 57 проценти, потоа поради исхраната и грицките – 44 проценти и времето поминато пред ТВ или други екрани – 36 проценти. Други теми кои обично доведуваат до расправии меѓу различните генерации возрасни се манирите на децата – 27 проценти, најдобрите начини за безбедносна и здравствена заштита на децата – 25 проценти, потоа времето на легнување и споделувањето на податоци и / или фотографии на социјалните мрежи. Во однос на последново, денешните родители имаат многу поголем проблем од оној на претходните генерации кога најлошото што можеше да се случи беше бабата да им ги покажува на гостите голите бебешки фотографии на внучето, кое кога ќе потпораснеше, можеше да ги скине или да ги скрие и проблемот беше решен. Денешните баби и дедовци кои се активни на социјалните мрежи, во тој поглед, можат да направат многу поголеми проблеми објавувајќи ги фотографиите од внуците.
„Бабите и дедовците имаат посебна улога во животот на внуците и можат да бидат важна потпора за родителите преку поддршка, совети и чување на децата. Но, тие можат да имаат различни идеи за најдобрите начини на воспитување. Тоа може да доведе до напнатост во односите“, објаснуваат научниците.
„Ако бабите и дедовците им противречат на родителите или се мешаат во воспитувањето, тоа може сериозно да ја наруши врската.
Мнозинството родители (40 проценти) кои ја навеле дисциплината како извор на несогласување, велат дека бабите и дедовците се премногу попустливи и фини кон своите внуци. Меѓутоа, помал дел (14 проценти), сметаат дека бабите и дедовците се премногу строги.
Родителите може да сметаат дека им се нарушува авторитетот кога бабите и дедовците премногу им попуштаат на децата и им дозволуваат да прават работи што се спротивни на правилата утврдени во семејството. Или кога бабите и дедовците се премногу строги и им забрануваат на внуците да го прават она што го одобриле нивните родители.
Научниците велат дека повеќето од овие несогласувања произлегуваат од разликите во генерациите. Многу баби и дедовци ја отфрлаат можноста дека постои друг начин за воспитување деца, освен „како што беше порано“. На пример, некои баби и дедовци не сакаат да му дозволат на бебето да спие на грб или да го стават на бебешкото седиште во автомобилот.
Почитувајте ги родителските одлуки
Голем дел од испитаниците велат дека решително ги замолиле бабите и дедовците да ги почитуваат нивните воспитни методи. После тоа, околу половина од бабите навистина се потрудиле да попуштат, додека 17 проценти одбиле.
Таа одлука на бабите и дедовците е тесно поврзана со описот на несогласувањето – како незначителен или значаен, кој го дале родителите. Колку бил поголем конфликтот, толку била помала веројатноста бабите и дедовците да попуштат.
Родителите кои изјавиле дека имаат големи несогласувања со бабите и дедовците, обично сметале дека конфликтот имал негативно влијание врз односот помеѓу детето и бабите и дедовците.
Овие наоди укажуваат на тоа дека бабите и дедовците треба да се стремат да ги разберат и почитуваат барањата на родителите со цел воспитувањето да биде поконзистентно. Пофлексибилен пристап ќе придонесе не само за давање подобра поддршка на родителите во тешката задача за воспитување деца, туку и за избегнување на конфликтите што може да ескалираат до степен да се изгубат врските помеѓу внуците и бабите и дедовците.
Фото: Pixabay