Роботите ќе им помагаат на аутистичните деца во Кина во подобрувањето на нивните социјални вештини. Образовната програма што користи роботи за играње улоги ја развила Кетрин Со, професорка од Хонг Конг. Оваа едукативна програма е дел од иницијатива поддржана од некои непрофитни организации и јавни училишта.
Вклучувањето во општеството и решавањето на проблеми, како што се конфликтите и насилството, се главните цели на програмата наречена „Робот за интервенција кај аутистично однесување“ (Robot for Autism Behavioral Intervention – RABI). Програмата е наменета за лица со аутизам на возраст од три до 18 години.
Кетрин Со, вонредна професорка по психологија на Кинескиот универзитет во Хонг Конг, ја започнала оваа програма во 2015 година. Според Кетрин Со, повеќе од 1.200 деца со аутизам ја користеле програмата РАБИ од нејзиното лансирање.
Ангажирајќи ги децата преку играње улоги и вербална интеракција, роботот им помага да ја забележат разликата помеѓу прифатливо и неприфатливо однесување. Обично два мали роботи се вклучени во часот. Тие играат одредени улоги покажувајќи им на децата дека бесот и врескањето, на пример, се неприфатливо однесување. По интеракција со роботот, децата се поттикнуваат да ги испробаат своите социјални вештини и со наставник – човек.
На аутистичните деца ќе им помагаат роботи во Хонг Конг и Макао. Во овие две специјални административни области на Кина, повеќе од 20 јавни училишта и непрофитни организации, кои главно се финансирани од кинеската влада, ја усвоиле оваа програма.
Што е аутизам?
Аутизмот е предизвикан од интеракција на различни фактори кои влијаат на развојот на мозокот, неговата структура и функционирање. Децата со аутизам имаат проблеми со говорот, сетилната перцепција, размислувањето и разбирањето на социјалните ситуации. Како резултат, однесувањето и односите со надворешниот свет се развиваат многу поинаку отколку кај другите деца.
Аутизмот не е невообичаен и е почест кај момчињата отколку кај девојчињата. Раната дијагноза, третманот и вклучувањето во образовниот процес се клучни за децата со аутизам. Потребно е да се работи на развој на социјални и комуникациски вештини, како и на независноста на овие лица.