Можеби изгледа неверојатно, но децата на возраст од три години можат да бидат незадоволни од својот изглед, пренесува Today’s Parent.
Ова е резултат на студија од 2016 година спроведена од PACEY (Професионално здружение за деца и порана возраст) и открива дека една четвртина од воспитувачите кај деца на возраст од три до пет години гледаат дека имаат проблеми со перцепцијата на сопственото тело.
Децата се свесни за социјално наметнатите идеали
Жаклин Хардинг, советник од здружението и експерт за развој на деца, забележува дека неколку фактори влијаат на перцепцијата на малите деца за сопственото тело. Ги набројува „сликите од телевизија, фотографии од книги, анимации и општ разговор помеѓу возрасните за нивното тело, диетите и естетската хирургија“.
Со други зборови, децата се прилично свесни за социјално наметнатите идеали на виткост и убавина, независно од тоа што нивните родители се обидуваат да ги научат.
Студијата открила дека анксиозноста околу доживувањето на сопствениот изглед започнува на порана возраст отколку што се случувало во минатото. Затоа е потребно да се разговара со децата на оваа тема многу порано.
Особено погодена група се помладите девојчиња затоа што се под поголем притисок за тоа како треба да изгледаат. Анкетата која ја спровела „The Girls‘ Attitudes“ испитала 1.600 помали девојчиња и девојки (од 7 до 21 година) и се покажало дека што повеќе стареат, толку повеќе девојките се срамат од својот изглед.
Исклучително е важно да ги научиме децата да им се спротивстават на насилните социјални норми и коментари и да им објасниме како да се справат со тоа. Колку порано започнува разговорот, толку е посилна нивната ментална сила во иднина и може да се избегнат анксиозност, депресија и нарушувања во исхраната.
Емили Лорен Дик, експертка за сликата за сопственото тело, фотографка и мајка на тригодишно девојче и петгодишен син, нашла неколку насоки со чија помош може да се направи разговорот.
„Дебелината не е грда“
„Кога ќе го слушнете зборот „дебел“, обично мислите на нешто лошо и нездраво, но тоа не е случај. Не можете да го процените здравјето на една личност само врз основа на нејзиниот изглед. Живееме во општество кое не толерира дебелина, што значи дека е општествено прифатливо да се биде пристрасен против „дебелите“ луѓе. Толку е вкоренето во нашата култура што стана фобија и ние секојдневно ги охрабруваме предрасудите.
Научете ги вашите деца дека сите тела се добри тела. Проценувањето на луѓето врз основа на нивната тежина ги учи нашите деца дека само физичките карактеристики го прават човекот добар или лош. Фактот дека децата развиваат несигурност на толку мала возраст е доволен знак дека тие исто така се подготвени за такви дискусии“, пишува Дик.
„Не зборувајте за диета“
Дик објаснува дека родителите се првите модели што ги има детето и дека нивна одговорност е да ја обезбедат самодовербата на детето. „Кога вашето дете ќе забележи дека зборувате негативно за себе, ќе се обиде да го имитира тоа. Ако постојано зборувате за избегнување храна или забрана за одредена „лоша“ храна, може да доведе до тоа вашето дете да има сопствени проблеми со храната. Императив е да ги научите децата да бидат задоволни со своето тело и запомнете – дури и ако мислите дека вашето дете не ве слуша, тоа ве слуша“, пишува Дик.
Треба да се спомене дека исхраната базирана на брза храна исто така не е добар пример за децата. Наместо да користите зборови „диета“ или „лоша храна“, обидете се да ѝ пријдете на храната од позитивна страна и да му објасните на детето дека ништо нема да им се случи ако понекогаш јадат слатки.
Единствена правилна исхрана е урамнотежената, во која секојдневно ги внесувате сите потребни хранливи материи и тоа е нешто што детето треба да го знае од рана возраст. Сакаме спанаќ и блитва, но заслужуваме и чоколадо и пица.
„Позитивна инспирација“
Студија спроведена од Dove открива дека списанијата ја намалуваат самодовербата кај девојчињата за 80 проценти. Тоа стана мејнстрим и социјалните мрежи се полни со некакви идеали во светот на убавината и тежината. Кога ќе погледнете малку поблиску, главно нема инклузивност. Чест за исклучоците.
Се презентираат еднакви идеали за виткост и убавина, па затоа, како што нагласува Дик, важно е децата да се изложуваат на различни, нефилтрирани и не фотошопирани тела какви што всушност нè опкружуваат.
„Треба да ги нормализираме нормалните тела и да ги запознаеме децата со позитивните инспирации. Покажете им дека има секакви видови тела, не само едно“, пишува Дик.
Фото: Unsplash