Дека животот пишува романи и има свој тек што човечкиот ум не може да го разбере, докажува и малата Еди Медок-Џонс, која е родена со само 460 грама и била помала од човечка рака, а кожата ѝ била речиси проѕирна … бидејќи таа е родена во 23-та недела, сè укажувало на тоа дека Еди нема да преживее, но таа го сторила токму тоа – ја победила лошата прогноза и решила да ги израдува своите родители!
Во првите две недели по раѓањето, Еди се борела со крвавење во мозокот, пневмонија, сепса, ниско ниво на тромбоцити, недостаток на железо, шум на срце … Лекарите им објасниле на нејзините родители Никол и Дејвид дека би можеле да дојдат до ситуација да ги исклучат апаратите.
Нејзината мајка Никол вели дека сè било во ред се до 23-тата недела од бременоста, кога отишла на редовна контрола кај гинекологот.
„Се сеќавам дека бабицата ми рече: ’Сè е нормално, но ти почна да се отвораш‘. И тоа беше почетокот на пеколот“, ја започна оваа Британка својата приказна за ’The Sun‘.
Лекарите направиле се за бебето да издржи во матката до 24-тата недела, што се смета за минимум потребен за бебето да има шанса да преживее … Но, Никол не успеала да издржи и породувањето започнало.
„Ме фати паника затоа што ќерка ми се роди толку рано. Се сеќавам на лекарот кој рече дека фетусот не е во можност да преживее ако се роди пред 24-тата недела. Се чувствував беспомошно и скршено. Тој зборуваше за моето бебе, за мене тоа не беше фетус – тоа беше нашето мало девојче“, вели жената.
После 109 дена тешка и непрекината борба, Еди конечно можела да си оди дома – здрава и права. Денес, ова девојче има четири години и е малку помала од нејзините врсници, но освен тоа, нема други проблеми – таа е среќна и радосна.
Инаку, нејзината мајка Никол ја опишала целата приказна за нејзиното искуство на својот блог, а тоа го сторила откако одекна веста за девојчето Сајба, најмалото бебе родено досега, која издржала еден ден помалку во утробата на нејзината мајка од Еди во утробата на Никол.
„Кога се роди Еди, тоа беше најлошиот период во мојот живот, и јас точно знам како се чувствуваат родителите на девојчето. Исто така, знам колку е потребно мајката на предвремено роденото бебе да се бори за своето дете за да преживее. Лекарите ми рекоа дека моето дете нема да преживее, но Еди е доказ дека и најмалите бебиња можат да се изборат за здрав и среќен живот“, вели Никол.
Фото: Фејсбук