Белгија размислува за воведување на системот „поштенски сандачиња“ за напуштени бебиња. Локалната невладина организација „Corvia“ ја информирала јавноста дека добила овластување за отворање на првото сандаче од овој тип во Брисел, пишува сајтот „Euroweeklynews.com“.
По судски процес во траење од три години, здружението добило дозвола да го воспостави овој систем во областа Ивер во Брисел, а целиот концепт бил дизајниран така што родителите кои сакаат да се откажат од своето дете можат да го сторат тоа анонимно.
Државниот совет ја поништил забраната која ја издал поранешниот градоначалник Пјер Муџил, а се очекува дека првите „кабини за бебиња“ ќе бидат отворени на почетокот на октомври.
Матилда Пелсерс, портпаролка на организацијата, истакнува дека зад оваа идеја стојат намерата и желбата да се избегне понатамошно напуштање на бебињата.
И како би требало да изгледа сето тоа на дело?
Пред сè, мајката – под претпоставка дека таа е онаа што го остава детето – мора да ја турне зелената врата. Во внатрешноста на импровизираната кабина ќе има топло бебешко креветче. Покрај креветот, ќе има плик во кој треба да има „специфичен предмет“ со кој мајката ќе може да го идентификува своето дете во иднина, доколку тоа го посака.
Исто така, ќе биде достапна опција за оставање детали и околности за раѓањето на детето. Откако вратата еднаш ќе се затвори, таа се заклучува трајно, односно до доаѓањето на надлежните служби.
Благодарение на предупредувачкиот аларм, чуварот се појавува многу брзо откако бебето ќе биде оставено. Потоа се повикува лекар за да се провери здравствената состојба на детето, и конечно се информираат надлежните органи.
Контроверзната иницијатива беше критикувана низ цела Европа, но невладината организација тврди дека проектот не го охрабрува напуштањето на децата, туку „им дава на мајките можност да го остават своето бебе на безбедно“.
Првата белгиска „бебешка кутија“ беше инсталирана во Антверпен пред 20 години, а сличен систем заживеа во Америка во 2019 година во Индијана, Охајо и Аризона. Во Америка, оваа иницијатива е резултат на напорите да се намали бројот на смртни случаи предизвикани од оставањето бебиња на улица.
Фото: Фејсбук