Дали ѝ припаѓате на онаа генерација која тукушто ги осамостоила децата, а сега се грижи за родителите?

Времето поминува, ние созреавме, а родителите со возраста дојдоа до периодот кога имаат потреба од нас, како свои деца, онака како што тие ни требаа нас кога бевме мали. Секако, ние сега имаме работни обврски, семејства, деца, а некои веќе и внуци и не можеме да им бидеме на располагање 24 часа. Што тогаш?

0
214

Ако и вие сте дел од оваа генерација која е во очекување или веќе има внуци, но има и повозрасни родители кои тешко се снаоѓаат сами или пак знаете дека за година или две веќе ќе мора да најдете некое решение, сигурно се соочувате со голем проблем.

Со оглед на обврските и забрзаното темпо на живот, не е невообичаено кај оние кои имаат повозрасни родители кои имаат потреба од нив или едноставно се осамени или болни, да се создаде грижа на совест поради неможноста постојано да се грижат за нив.

Кога бевме деца, родителите беа тие што се грижеа за нас и не поставуваа на нозе. Од секојдневна основна грижа, преку игра, учење, па сè до најпредизвикувачкиот дел од родителството – воспитувањето. Тие се грижеа за нас во секое време, не градеа како личности и даваа се од себе за да не направат добри и чесни луѓе. Времето поминува, ние созреавме, а родителите со возраста дојдоа до периодот кога имаат потреба од нас, како свои деца, онака како што тие ни требаа нас кога бевме мали.

Би се рекло – маѓепсан круг на животот. Во подоцнежните години, со текот на времето, доаѓаат оние непријатни работи, како што се болест и неможност да се води секојдневниот живот онака како што било на помлада возраст. И затоа не е изненадување што денешните возрасни деца сакаат да обезбедат најдобра можна грижа за своите родители.

Овие „деца“ денес имаат од 40 до 60 години, најверојатно свои семејства, одговорности и работни места, а некои веќе имаат и внуци. Можноста да останат со родителите 24 часа е едноставно невозможна. Оставањето на родителите во домови за стари лица и немоќни е обично последното решение, кога веќе не останале други опции. Дополнително, сместувањето во домови може да потрае, бидејќи во државните домови листата на чекање е долга, а приватните домови многу луѓе не можат да си ги дозволат. Конечно, и одлуката за ова е секогаш тешка.

Затоа, не е изненадувачки што во последните 10 години, Европа започна со поинаков пристап што го овозможи брзиот развој на технологијата. Станува збор за деинституционализација на грижата за старите лица, што е можно благодарение на технолошките решенија и современиот пристап кон логистиката за поддршка на клиентите. Во тек се бројни организациски, хардверски и софтверски решенија што им овозможуваат на постарите лица да останат во удобноста на сопствениот дом со таканаречените услуги за асистирано живеење.

Ваквите услуги им помагаат на старите лица да останат дома, додека ја одржуваат независноста и квалитетот на животот. На пример, во Хрватска е достапна услугата „Добар сосед“, како најдобра алтернатива за услугите за институционална грижа за луѓе кои се подготвени да продолжат да живеат самостојно, но со помош.

Со проектот „Добар сосед“ се обезбедува човечки контакт за сите итни случаи со кои се соочува повозрасна личност, благодарение на операторот кој наместо неа, ќе ги побара потребните одговори. Проектот обезбедува неколку технолошки решенија кои гарантираат безбедност. Тоа се услуги како што се контакт центар, поправки во домот, организација на здравствени услуги и итна интервенција.

Специјални уреди / сензори се инсталирани во домот на корисникот и се испорачува посебен напреден, но исклучително едноставен систем за комуникација, кој вклучува специјална нараквица со „копче за паника“. Со него, корисникот во секунда може да побара помош со едноставно притискање на копчето. За корисниците всушност се грижи мрежа од неколку компании чии услуги се поврзани преку операторот. Доколку е потребно, тимот за интервенција оди и на адреса на корисникот ако никој од роднините или соседите не е во можност.

Кај нас вакво нешто се уште не постои, но и да постои, не знаеме колку би чинело, а со оглед на животниот стандард, веројатно и тоа би било недостапно за многу луѓе. Секако, ова не е решение за сите, особено не за оние со Алцхајмер, но може да биде некое преодно решение.

Само некој кој се соочил со овој проблем, знае дека тој не заслужува помалку внимание од, на пример оној со кој се соочуваат родителите на децата со пречки во развојот или пак на оние со мали деца кои немаат поддршка и помош.

Но најдобро ќе го разберат проблемот оние кои се се уште работно ангажирани, оние кои веќе имаат внуци на кои сакаат да им посветат доволно внимание, а истовремено имаат и повозрасни родители кои повеќе не можат да функционираат сами.

Знаете, кога ќе се одлучите на опцијата дом, чувството е слично на она кога првпат ќе го оставите своето дете во градинка. Кога немате друга алтернатива, ова може да биде единствената опција.

За жал, кај нас овие и ваквите проблеми се проблем на семејствата, а не нешто со што се занимава државата. И секогаш изговорот е дека има разни други приоритети. Оние кои имаат дете на кое му треба асистенција и постојана грижа, како и оние кои имаат родители на кои им треба истото, имаат сличен проблем. Нема да ги мериме проблемите, туку апелираме да се поработи на решавањето на сите, бидејќи првите секогаш можат да бидат и нашите деца или внуци, а вторите, секогаш можат да бидат и токму нашите родители.

Жално е тоа што кај нас, иако се претставуваме себеси како големи емотивци, многу помалку се размислува и се прави за немоќните возрасни лица кои ако се над осумдесетката, а се немоќни за самостоен живот, излегува како да се виновни што се уште живи.

Никој не може сосема сам и без поддршка, решенија и опции што треба да ги понуди државата, да се грижи ниту за своите деца, ниту за своите родители кога ќе станат ‘деца’.

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]