Никој не е совршен и сите правиме грешки, но важно е секој родител да знае да забележи разлика помеѓу грешките што смееме да ги направиме и оние што можат несвесно да ја уништат самодовербата и однесувањето на детето. Томас Фифер, уредник на порталот „The Good Men Project“ од универзитетот Јеил, го опишува однесувањето на родителите што остава длабока рана во психата на детето.
Бидете голем човек
По расправија, треба да знаете како да ја прекинете тишината, да заборавите на лутината и да воспоставите нормална комуникација со детето. Можеби сте биле во право, но ако вашите правила за родителство се засноваат на фактот дека сте секогаш во право, ќе го оддалечите вашето дете од вас.
Затоа, добро размислете. И одлучно тргнете за да ја одржите вашата врска здрава, без никакви ограничувања. Децата веројатно нема ни да се сетат кој победил во дебатата, но ќе се сетат како се чувствувале поради вашиот пристап.
Не го прогласувајте вашето дете за болно
Со користењето или уште полошо, со барањето дијагноза како АДХД или нарушување на вниманието, му нанесувате тежок товар на грбот на детето, од кој сигурно ќе сака да се ослободи штом ќе порасне доволно.
Обвинувањето на лошите гени (се разбира, оние на партнерот) за непожелното однесување има сличен ефект. Треба да бидете реални и да се обидете да ја поправите моменталната состојба. Нешто сосема друго е да се осуди детето на ограничен, несреќен живот, поради неговите непоправливи недостатоци, затоа што не сакаме да се позанимаваме со нашите недостатоци.
Нивната драма нека не биде ваша драма
На вашето дете му е дадена главна улога во играта или постигнал одлучувачки гол во играта, или од друга страна, се бори со депресија или минува низ тешка разделба. Кој слави или тагува? Кому му треба признание или утеха? Покажете чувство за него – да се радувате на неговиот успех или да страдате поради неговите проблеми. Но, не дозволувајте вашата емоционална состојба да зависи од емоционалната состојба на вашето дете. Затоа, не го вртете вниманието кон себе!
Научете ја разликата помеѓу критиката и поправањето
На децата им треба водич за да останат на вистинскиот пат. Самоконтролата и здравите навики не доаѓаат сами по себе, туку треба да ги подучите. Не ги критикувајте! Немојте да им кажувате дека се мрзливи или глупави!
Научете ги на работната етика и помогнете им да развиваат академски вештини. Предизвиците и целите ги мотивираат луѓето и ги охрабруваат да работат понапорно. Од друга страна, навредите го кршат духот и доведуваат до откажување. Сигурно не го сакате тоа! Критиката ослабува, додека корекцијата зајакнува и ја отвора вратата за позитивни промени.
Научете да се контролирате
Сите понекогаш се вознемируваме поради некоја ситуација или нечие однесување. Сите викаме. И, понекогаш, сите полудуваме кога децата прават нешто неприфатливо.
Тогаш се чувствуваме повредени, како никој да не нè слуша или почитува и во искушение сме да возвратиме со остри зборови, строги казни и воспитни методи. Ако научите да ја задржите првата, ненадејна реакција и да пронајдете посоодветна, ќе му дадете на вашето дете пример за избалансирана личност.
Запомнете дека децата се ранливи
Ние често го забораваме ова, бидејќи децата се емоционално издржливи. Плачат, а потоа престануваат. За неколку минути или часови, нивното расположение се менува и сè се враќа во нормала.
Ако избегнуваат нешто затоа што им е премногу болно да се справат со тоа, ги очекуваат кризи во иднина, можеби дури и терапија со години. Децата најверојатно нема да откријат кога им се смениле чувствата кон вас, кога престанале да ве почитуваат или да ве сакаат безусловно. Затоа, бидете внимателни со нив, за да не зажалите подоцна.
Не му наметнувајте вина на детето
Вината и срамот во никој случај не се добар водич во воспитувањето бидејќи тие можат негативно да влијаат на формирањето на нивната личност. Не лелекајте за вашите повредени чувства ако вашето дете не сака да пече колачиња или да игра фудбал со вас.
Бидете претпазливи со изјавите за тоа како ќе го засрамите ако не добие висока оценка по биологија или не му се приклучи на спортскиот тим. И не се заканувајте со ужаси – како живот во сиромаштија – ако вашето дете не ги поправи оценките. Таквото однесување само ќе ја уништи неговата самодоверба. Наместо тоа, помогнете му да ги разбере неговите избори и вистинските последици од неговите постапки.
Не ги чувајте децата под стаклено ѕвонче
Секој родител му посакува среќа на своето дете и се обидува да му го олесни животот. Неговата работа е да ги постави вистинските темели на добриот живот за нив. Но, постои разлика помеѓу помагање и поттикнување на беспомошност, помеѓу поставување на трпезата и ставањето храна на чинијата, сечкање и ставање на секој залак во устата на детето.
Не дозволувајте вашата потреба да се чувствувате потребни – што веројатно влече корени од вашето детство – да застане на патот на независноста на вашето дете. И не го чувајте под стаклено ѕвонче, бидејќи така само му порачувате дека не може да постигне ништо без ваша помош.
Конструктивно решавајте ги конфликтите со вашиот партнер
Токсичната динамика меѓу родителите ќе ја загрози можноста на детето подоцна самото да функционира добро во партнерските врски и само ќе го поттикне да го напушти домот што е можно побрзо.
Ова создава еден маѓепсан круг: растејќи, детето ветува дека нема да има врска како онаа на неговите родители, но му недостасуваат алатки за да ја избегне. Ако вашата врска е нестабилна, па дури и насилна, побарајте помош. Ова ќе создаде побезбедна средина за вашите деца и ќе им покаже колку е важно да ги решите проблемите. Треба да ги научите да не ги туркаат проблемите под тепих, туку да се соочуваат со нив.
Чувајте се себеси
Повеќето од нашите најлоши моменти во родителството се случуваат кога сме уморни, под стрес, болни или нервозни. Квалитетната грижа за себе – здравите навики, редовното вежбање, излегување и време за работите во кои уживате, ве прават и физички и психички поздрави. На тој начин, ќе имате повеќе енергија за вашите деца.
Фото: Unsplash