Мајка и ќерка, производителки на зеленчук, но и на природни производи за здравје и убавина

Љубица Џониќ и Јоана Манојловска се мајка и ќерка од Црничани, село во непосредна близина на Дојранското Езеро, кадешто мајката почнала да се занимава со производство на градинарски производи, а ќерката која студира во Скопје, произведува природни производи за здравје и убавина кои и самите ги користат затоа што, како што велат, се направени од 100% природни состојки.

0
2850

Љубица Џониќ живее во селото Црничани, во близина на Дојранско Езеро и се занимава со производство на градинарски култури, меѓу кои, годинава за првпат ќе има и артичоки за комерцијална продажба.

Таа пред да стане земјоделка, како самохрана мајка била корисник на социјална помош, меѓутоа, финансиите биле недоволни, а таа знаела дека поседува поголеми можности и кон крајот на 2004. година регистрирала фирма со основна дејност – земјоделство.

„Во село и нема баш многу избор што да се работи. Бидејќи потекнувам од земјоделско семејство, работата ми беше позната, па решив да ги искористам сите ресурси што ми беа на располагање. Почнав од нула, со трпение, верба и ентузијазам и од година во година имаше сѐ поголеми резултати, а најважно беше што бев упорна и не се откажував. Пред пандемијата своите производи ги пласирав на локалните и кванташките пазари и преку развиената мрежа на редовни купувачи, но сега имаме значителен пад на побарувачката“, објаснува Љубица.

Таа произведува различни градинарски култури, од кои поинтересна последниве години е брокулата, а новост во нејзиното производство се и артичоките. Претходната година имале експериментални засади, затоа што, како што објаснува, сѐ уште не знаела како ќе се однесува артичоката на нашето поднебје и почва.

„Сега засега, кога станува збор за артичоката, сме на почеток, ама дома веќе експериментираме, ги готвиме,а годинава направивме и тинктура и билни капки од артичоката и излегоа успешни. Оваа година ако успее ќе видиме како ќе оди на пазарот. Инаку, од артичоката се употребуваат и свежите листови – за чај (а може и суви), а ги употребуваме и во смути во различни комбинации.

Според Љубица, сите земјоделци се соочуваат со тешкотии, но за жените е уште потешко.

„Поголемиот дел од работата ја правам сама, иако ми помагаат и членовите на семејството, а кога се појавува поголем обем на работа, изнајмувам работници, на дневница. Наутро се наводнуваат нивите, попладне се берат културите, а навечер се средува и се пакува робата. Во раните утрински часови се заминува на пазар за продажба. Земјоделската работа е тешка, особено за жените, па најголема желба ми е да се снабдам со технологија која ги олеснува и унапредува сите процеси при производство на храна и да си ја олеснам работата“, вели нашата соговорничка.

Љубица вели дека од почетокот на пандемијата имаат пад на продажбата од околу 40% и работат во поотежнати услови, мораат да следат протоколи, а животот, кој кога станува збор за земјоделците е и онака тежок, сега е уште потежок.

„Комуникацијата со институциите е доста отежната, а потребата за комуникација е уште поголема бидејќи постојат многу нерешени проблеми помеѓу производителите и институциите. Поради неизвесноста тешко е да се планира производството, меѓутоа мораме да работиме и да планираме како и пред пандемијата, нормално, со дополнителни анализи. Храната е основно егзистенционално прашање и нејзиното производство не смее да запре“, порачува таа.

Наспроти неа, нејзината ќерка со која Љубица навистина се гордее и која и самата почнала бизнис од нула (произведува природни производи за здравје и убавина, тинктури и билни капки од 100% природни состојки), вели дека во овој пандемиски период, таа, кога станува збор за производството и продажбата на своите производи, функционира одлично.

„Според мене, кога станува збор за ваков вид пандемија, луѓето само можат да се соединат доколку ја согледаат оваа ситуација на правилен начин. Јас се занимавам со правење природни производи, односно тинктури за подобрување на имунитет, за циркулација, антистрес тинктури, природни органски сапуни, природни серуми за тело, лице, коса и брада, природни пилинзи за тело, серуми од диво оригано, лаванда, кои во многу случаи имаат подобар ефект отколку индустриските фармацевтски производи. Да бидам искрена, пандемиската пракса за онлајн продажба се покажа поуспешна отколку физичката и продажбата на пазарите“, објаснува Јоана.

Таа моментално живее во Скопје и е апсолвент на фитомедицина на Факултетот за земјоделски науки, а бизнисот го почнала токму во екот на пандемијата.

„За многумина овој пандемиски период е неповолен за започнување сопствен бизнис, но за мене се покажа како добар потег. Овој бизнис го започнав сама, а и идејата токму за ваков вид на производство беше моја. Имам мала просторија кадешто ги подготвувам тинктурите, серумите, сапунчињата и сушам лековити билки. Имам флексибилно работно време, што ми овозможува да имам и многу слободно време кое го користам за шетање во природа, а воедно и за собирање билки. Понекогаш работам по неколку часа на ден и го користам времето за да бидам поиновативна, истражувам и сакам да вметнам нови видови природни производи. Вложувам повеќе труд во дигитален маркетинг. Во животот нема ништо поубаво од тоа да се има свој бизнис и затоа нема да застанам. Во иднина планирам да вложам во дестилатор за правење етерични масла, би земала поиновативни инструменти за олеснување на процесите во работата и би експериментирала со нови производи. Подоцна би сертифицирала органски производи и со тоа би започнала да правам преработки од зеленчук и овошје. За преработките од зеленчук и овошје ќе користам несекојдневни иновативни алатки кои значително ќе го олеснат целиот процес на преработка“, објаснува Јоана со ентузијазам.

Таа и нејзината мајка се дел од позитивните рурални приказни за тоа како жените можат да придонесат за економски развој на локалната заедница, нешто што го поттикнува и промовира и руралното женско лоби, во рамките на Руралната коалиција.

„Значајно е разбудена свеста на општеството во однос на поддршката на жените кои имаат квалитетна бизнис идеја, и затоа ваков вид кампања и подигање на свест се секогаш добредојдени“, завршува Јоана.

[better-ads type='banner' banner='999' ]