Убаво е што органите на Верица спасија животи, ама не чини што има толку несовесни возачи и луѓе

Деновиве сите зборуваат за девојката која беше прегазена од автомобил чиј возач побегнал, а со нејзините трансплантирани органи сега се спасуваат животите на дури 14 луѓе. Секоја чест за семејството, ама нели треба да признаеме и дека ниту еден здрав и прав човек не треба да стане 'извор на резервни делови' само затоа што меѓу нас има толку многу луѓе кои немаат ниту општа, ниту сообраќајна култура, ниту етички вредности

0
5486

Кога првпат излегов од Македонија подалеку од Грција и Бугарија и отидов да прошетам, на првиот пешачки премин застанав и го гледав намуртено и нетрпеливо возачот на автомобилот кој пак трпеливо стоеше и, како што сфатив потоа, ме чекаше да поминам. Мене ме чекаше, ауу, колку важна се почувствував, за веднаш потоа да си помислам дека е гарант некој манијак. Бог да чува, си реков јас, порасната во земја кадешто посилниот има предност, камионот пред автомобилот, автомобилот пред пешакот, без оглед на правилата. Арно ама потоа веќе сфатив дека тој не е никаков манијак или чудак, туку јас, благодарение на проклетијата од која доаѓам.

Откако се навикнав на ова, се разбира, морав да се вратам назад во нашата реалност и пак да се навикнувам на старото, на тоа дека јас треба да чекам додека да поминат сите автомобили, па дури и дека кога ќе ме пуштат, треба да го направам тоа најбрзо што можам. Многупати невоспитани дивјаци седнати во својот автомобил ми поминувале бесрамно речиси преку ногата веќе спуштена на улица на палењето на зелено за пешаци. Што може човек да направи освен да биде среќен што ја тргнал навреме и не зачекорил на пешачкиот премин. И евентуално, гласно да опцуе иако дивјакот ниту ќе го чуе, ниту му е гајле што оставил зад себе.

Деновиве сите зборуваат за Верица Белчовска, здрава и права девојка која ја прегазил некој кретен, кој прво побегнал, а потоа ѝ се предал на полицијата, ама не направил ништо за да се обиде да ѝ помогне. Дали подоцна му проработела совеста па се јавил, дали го посоветувал некој дека е така подобро за него, незнам. Она што пишуваат медиумите е дека станува збор за 18-годишно момче. Ќе си рече човек, нови генерации, нова надеж. Секоја следна би требало да биде сѐ подобра, нели? Би требало да се цивилизирани, хумани, емпатични, да ги почитуваат правилата, а да не заборавиме дека според нив, по градските улици не се вози како по автопат. За да удрите некој и тој да заврши со такви страшни смртни повреди, брзината со која сте го удриле сигурно не е онаа со која е пропишано да се вози во населени места.

Родителите на тоа 18-годишно момче, сигурно и самите сѐ уште млади луѓе, му дале на својот полнолетен син автомобил, ама очигледно не го научиле да биде до толку емпатичен и откако ќе здроби некого барем да застане да помогне. Не, тие воспитале дете кое побегнало од местото на злосторството и ја оставило Верица таму кадешто ја удрило со автомобилот. И не е проблемот само во тоа дали и колку ќе биде казнето ова момче, проблемот е што тоа момче родено во 21 век, не поседува ниту општа, ниту сообраќајна култура, ниту пак основни човекови вредности и квалитети, кои би го натерале веднаш, ама баш веднаш, без дилеми и трилеми, да застане таму, да викне помош и да ја држи за рака девојката која поради него, од, како што велат, весела девојка полна со живот, стана кадавер за донирање органи и хероина на денот. Да, девојчето навистина спаси многу животи и сите тие спасени животи веројатно ќе му бидат некаква утеха на нејзиното семејство, ако воопшто постои утеха за изгубено дете, ама дали и вам драги мои не ви е поголем срамот што живеете во ваква држава во која кога ги учиме децата да поминуваат на пешачки, наместо во семафорот, ги тераме да гледаат и лево и десно, оти во нашиов ‘Тексас, зеленото светло не секогаш значи ‘оди’, а црвеното – ‘стоп’.

За семејството на Верица веројатно никогаш немаше ни да слушнеме да не се случеше ова што се случи. Го слушавме растревожениот глас на нејзиниот брат, кој зборуваше за семејната одлука со нејзините органи да спасат неколку животи, но и за огромната болка и тага поради загубата на неговата помала сестра, а разбравме и за тажната судбина на семејството кое во потрага по подобар живот, морало да биде разделено.

Имено, како што пишуваат порталите и известуваат медиумите, пред неполна година невработеноста го разделила семејството Белчовски во два града. Синот кој е вработен, останал со сопругата во Берово, додека таткото, мајката и  двете ќерки се преселиле под кирија во Струмица. Таткото не успеал да најде работа и по девет месеци откако се преселиле, додека неговата сопруга работела во маркет, постарата ќерка во спортска обложувалница, а Верче во кафуле. Живееле под кирија.

Да, знам дека тие не се единствените во ваква ситуација, ама тажно е. Иако не е потажно од смртта на Верица и сигурна сум дека нејзиното семејство не сака ништо повеќе отколку сето ова да е само лош сон, а тие да си продолжат со мачниот живот заедно со нивната Верче.

Претпоставувам дека ќе им биде некаква утеха кога првпат ќе можат да го стават увото на градите на младиот Иле кој го доби нејзиното срце, кога ќе им се заблагодарат сите оние кои ќе живеат токму благодарение на Верче, ама до кога во оваа држава ќе живеат вакви манијаци и невоспитани дивјаци и до кога полицијата наместо оние што шибаат по градските улици, ќе застанува нормални луѓе, а притоа, нема да им дозволи ниту да прашааат зошто ги застанале.

Да, сум била сведок на ваков однос повеќе пати, и на арогантноста на полицајците, и на дивјаштвото на возачите. Затоа, убаво е што сме им сите толку благодарни и на Верица и на нејзиното семејство заради органите кои спасија и се уште ќе спасуваат толку многу животи, ама треба да признаеме и дека ниту едно здраво и право дете не смее да стане ‘извор на резервни делови’ само затоа што немаме сообраќајна култура, немаме никаква етика и емпатија за тие околу нас. Да си признаеме дека е навистина срамно и недозволиво да се случува ова – односно, да имаме луѓе прегазени од возачи кои побегнале.

Затоа, не ги учете вашите деца дека е најважно на свет да се има бесна кола и најнов модел на мобилен телефон, ако не ги научите дека во автомобилот треба да приберат повреден човек или животно и да го однесат таму кадешто ќе можат да му помогнат, и ако не ги научите да го искористат мобилниот телефон за да побараат помош за оној на кој му е таа потребна, научете ги вашите деца на основните човекови вредности и покажете им како се станува човек – со сопствениот пример!

А за Верица е веќе доцна. Нека бидат здрави и живи оние во чие тело ќе има по некој толку вреден дел од неа.

Фото: Фејсбук

[better-ads type='banner' banner='999' ]