Си играм наставничка, а немам училница, реално, немам ни ученици

Наставник сум. Имам три деца, дома се, учат. Едно на мојот телефон, друго на таблет, третото на лаптоп. Јас работам на компјутер, стар, трокиран и без можност за поправка, вели во својата исповед анонимна наставничка во некое од училиштата во нашава 'недојдија'.

0
462
На својот фејсбук профил, Гоце Бумбароски, наставник во ООУ Кочо Рацин – Прилеп, објави потресен текст, исповед од негова колешка, наставничка во некое од училиштата низ нашава ‘недојдија’, и мајка на три деца кои следат онлајн настава од дома.
Бумбароски пишува дека неговата колешка сака да остане анонимна затоа што, како што вели, ‘надлежните ѝ дишат во врат’.
Го пренесуваме интегрално, онака како што е напишан од анонимната наставничка. Сигурни сме дека ќе ве допре сите.
„Наставник сум. Дома сум. Имам три деца, дома се, учат. Едно на мојот телефон, друго на таблет, третото на лаптоп. Јас работам на компјутер, стар, трокиран и без можност за поправка.
Имаме три соби, сосема доволно за да се стуткаме секој во својот агол. Кога јас зборувам децата мора да молчат, не смеат да кренат рака оти другарите и наставничката ќе ја слушнат нивната мама.
Кога тие одговораат јас морам да испитувам, во тие две-три минути не смеам да зборувам. И така не принудија дома да станеме ‘мафија’, а децата ми беа нескршени кристалчиња. Но, од мака се научија да импровизираат, и не само моите, сите кристалчиња се скршија.
Понекогаш одам на училиште, ми рекоа дека имам право да работам од таму, но, таму немам уред. Отидов двапати, се приклучив од телефон, се тресев бидејќи цела грејна сезона немаше парно. Се вратив дома и размислив, неслучајно ми дадоа право на избор, па кога друг пат сум го имала. Нема уреди, нема парно, нормално дека ќе нема наставници. Ама, за среќа буџетот сигурно е наполнет. Или не знам, може ‘прераспределен’.
И така, искрено да се отворам, се чудам како да одржам час. Секоја ноќ си легнувам и мислам што ако снемам интернет, што ако не успеам да го споделам линкот со учениците, што ако учениците ја немаат научено лекцијата??? Ќе морам да предавам пак. Собирам и уредувам електронски материјали за да им ги испраќам на учениците, некогаш им се отвараат, некогаш не, некогаш дури после часот ги добиваат.
Чудна настава. Импровизирана парада. Учениците не смеам да ги принудам да вклучат камера, нормално, тие со закон се оставени да спијат. Јас со закон сум задолжена да вклучам камера, за после час да си ги споделуваат фотографиите од тоа кој како ме уловил. На една сум со искривена фаца, на друга се чешам. Моја чудна наставоооо! Кој те смисли да бидеш ваква, луда, импровизирана и непродуктивна?!
Пријателките веќе 12 месеци ми завидуваат како си седам дома. Оф, Боже! Да им кажам како ми е дома или не? Нема да ме разберат, тие одат секој ден на работа, имаат канцеларија, имаат клима уреди, имаат телефон в рака, имаат компјутери, имаат кафемат.
А, јас… што да им кажам. Дека надолу носам пижами и дека во нив ми е најудобно, дека помеѓу секој час го рестартирам компјутерот. Не! Ако им кажам сигурно ќе собираат донација за мене. Сѐ изгубив! Го изгубив стилот, ги изгубив пријателите, ги изгубив навиките. Всушност, јас се изгубив себе! Се изгубив во еден државен лузерски лавиринт каде прифатив да бидам марионета.
Си играм наставничка, а немам училница, реално немам ученици. Ги претворивме во роботи кои ги гледаме само кога имаат ‘батерија’. Најчесто им е празна, а ние мора тоа да го премолчуваме. Реков, ним сѐ им е дозволено.
Сега имаме нова надеж, се запишавме на список за вакцинација, дали, како, кога, што???? Небитни прашања, може само така не прашаа, од култура, како и за сѐ останато. Па тоа и не е толку важно, ние можеме да работиме уште 10
години од дома. Таман дотогаш ќе нема потреба од образование, училиште, настава. На кого ќе му бидат потребни, секако веќе не се почитуваат?! Овие вредности се вишок во општеството, исто како што во моментот и ние наставниците сме вишок.
Здравје, остануваме да чекаме електронски учебници, преку нив знаеме дека не се описменуваат децата, поточно нема ни да им се отвараат.
Гарантирам дека 70% од учениците и наставниците ќе нема ни на што да ги отворат. Сите живееме од плата (бедна)! Ако сакаме лаптоп, значи автоматски сакаме кредит. И така ние многу учените си тонеме додека не ги уништиме учениците и додека ние сами не заборавиме да читаме. Книги нема, писменост не е потребна, мозок? Зошто би ни служел, кај и да е ќе ни атрофира, можеби тогаш ќе се ‘усреќиме’.
За ова не мора да знаат пријателите, ве молам за молк (псссст)! Барем во нивните очи да останеме необезвреднети.
Наставник, никогаш повеќе!“
Фото: Pexels
[better-ads type='banner' banner='999' ]