Натали Фернандо (44) шетала во Есекс со нејзиниот петгодишен син Руди кога момчето доживеало излив на бес кога неговата мајка го замолила да се вратат назад. Руди има нарушување на аутистичниот спектар и на таквите лица им е тешко да се преусмерат на нешто друго, особено ако уживаат во она што го прават.
„Мојот син обожава да оди, но мрази да се сврти и да се врати назад. Затоа главно шетаме во кругови, но сега тоа не беше можно“, напишала Натали на Фејсбук.
Затоа Руди легнал на земја и почнал да вика. Минувачите ги гледале, а Натали се извинувала затоа што изливите на бес на нејзиниот син понекогаш траат еден час или подолго и момчето може да стане прилично агресивно.
Потоа наишол непознат човек по име Ијан, кој шетал двегодишно дете во количка. Тој одлучил да направи потег што може да го смири момчето.
„Тој човек е мојот херој. Го праша мојот син како се вика, и кога му објаснив дека не разбира бидејќи е аутистичен, тој едноставно легна покрај него на тротоарот. Руди набрзо стана и почна да оди назад“, додала мајката воодушевена од потегот на Ијан.
Странецот ги придружувал до автомобилот, а Натали вели дека никогаш нема да ги заборави неговата љубезност и емпатија.
„Во свет каде што можеш да бидеш сѐ , биди добар“, напишала таа.
Фото: Фејсбук