Се сомневате дека вашето дете доцни со развојот на говорот?

Доколку вашето дете има 2,5 – 3 години, а сѐ уште не зборува или покажува поразлични обрасци на однесување, не чекајте, консултирајте се со логопед! Патем , потрудете се до 4-5 годишна возраст да биде максимално оддалечено од модерната технологија и наместо тоа, колку може почесто, да биде во природа.

0
566

Во логопедската пракса секојдневно се среќаваме со сѐ поголем број на деца кои имаат две и пол, три, па и повеќе години, а се уште немаат проговорено, па потребата за логопедски третман, како и запознавање и едукација на родителите за говорно – јазичниот развој кај децата е сѐ поголема.

Преку овој стручен текст ќе се потрудам накратко да ве запознаам со говорно – јазичниот развој на детето во однос на неговата возраст, кога родителите се сомневаат дека нивното дете доцни во говорот, кои се можните причини за доцнењето, каков е третманот за децата кои доцнат во говорот и како правилно да го стимулирате говорот на вашето дете дома.

Говорно јазичен развој

Возраст до 6 месеци

Детето своето разбирање го покажува на тој начин што се врти кон изворот на звук, извршува продукција на говор на тој начин што ги повторува слоговите ба-ба-ба, гуга, брбори, врши продукција на комбинации од гласовите п, б, в, покажува променлива интонација за време на плачењето и гугањето.

Возраст до 12 месеци
Детето почнува да го разбира своето име и името на блиските лица, како што се мајката, таткото, бабата. Продуцира нови разбирливи и неразбирливи гласови и исти слогови, како ма-ма, ба-ба, та-та, проследени со ниски тонови. Покажува желба за блискост и игра со родителите, како што е игра со рачињата.

Возраст до 18 месеци
На оваа возраст детето разбира зборови како што се имињата на предметите во своето видно поле, продуцира разбирливи зборови со кои ги именува познатите лица и предмети, вокализацијата се зголемува, користи гест или говор за одбивање, барања и одговори.

Возраст до 24 месеци
Детето разбира налози составени од два збора, односно од глагол и предмет (пример: „Дај рака!“, „Земи топка!“, „Фрли топка!“…), како и продуцира налози составени од два збора (глагол – предмет), што укажува на тоа дека фондот на зборови се зголемува за околу дваесетина и повеќе зборови, кои на детето му служат за да праша „Што е тоа?“, „Каде е тоа?“, „Дали може?“ итн.

Возраст од 3 до 4 години
Детето ги изговара гласовите: а, е, и, о, у, п, т, д, к, м, н, х, ј, в, с, ф, ц, ќ, ѓ, л, набројува од три до пет предмети кои ги гледа пред себе или на слика, одговара на прашањето „Што е тоа?“, користи лични заменки, фондот на зборови се зголемува од 900 до 1500 зборови, користи најмногу именки, глаголи и заменки, ги познава основните бои, користи прости или непотполни реченици од три – четири збора, покажува голем интерес за околината, изразено сака да се шали, да си игра и да разговара, го разликува својот пол, може напамет да научи некој стих или кратка песничка, со прсти покажува колку години има, се зголемува неговото внимание.

Возраст од 4 до 5 години
Детето одговара на прашањето за што нешто служи и што нешто прави, притоа употребувајќи неколку предлози, различни видови заменки, се зголемува фондот на зборови од 1500 до 2100 зборови, составува потполна реченица од четири до пет збора, почнува да раскажува што гледа, се уште не се формирани гласовите: б, г, м, н, с, з, р, ж, џ, ц, ч, ја зголемува желбата и потребата за социјализација со своите врсници, вниманието се зголемува.

Возраст од 5 до 6 години
Фондот на зборови се зголемува до 2500 зборови, со примена на сложени реченици, учење напамет кратки песнички, сите гласови ги применува во сите три положби во зборот, има кратко идно предвидување (пример: колку години ќе има наредната година, дали после е утро или пладне, што ќе прави после…), имагинарната и креативна игра е силно изразена, опишува предмет кој не е во неговото видно поле, вниманието е зголемено дури до пола час.

Кога родителот се сомнева на задоцнет говорно – јазичен развој?

Најчесто родителите се сомневаат на задоцнет говорно – јазичен развој кога нивното дете не зборува како неговите врсници или пак е поразлично од своите врсници. Родителите најчесто за време на прегледот даваат информации дека детето има три години, а сѐ уште не зборува, дека подоцна проговорува во однос на своите врсници, дека користи само неколку зборови, дека има потешкотии во разбирањето на говорот од околината или пак воопшто не реагира на говорот од околината, дека детето не зборува граматично, не го почитува редоследот на зборовите во реченицата, испушта гласови и зборови во реченицата, ги заменува местата на гласовите и слоговите во зборот и друго.

Причини за доцнење во говорот

Ова се најчестите причини поради кои децата доцнат во говорниот развој и најчесто посетуваат логопед.

Индивидуални карактеристики
Развојот на говорот е строго индивидуален процес кој временски не се појавува исто кај сите деца. Некое дете може да проговори порано, а некое подоцна. Сепак, за детето да проговори потребно е претходно да разбира, да има сочуван слух и правилно да биде стимулирано од околината.

Неадекватна стимулација на говорот
Живееме во стресно време кога сите сили ги посветуваме на финансиите и кариерата, но тоа во никој случај не смее да биде причина за да не им посветиме на децата доволно внимание. Детето слуша и разбира што се случува во неговата околина, па поради тоа она што се говори треба да биде стимулативно и насочено кон него. Потребно е родителите најголемиот дел од денот да го посветат на нивното дете со зборување, со пеење песнички на мајчин јазик, со запознавање на називите на она што го гледаат карактеристично за детската возраст, но не и со непосветување внимание, зборување на демунитивен „бебешки“ јазик и изложеност на модерна технологија.

Изложеност на модерна технологија
Сѐ до некои четири до пет години, детето треба да биде максимално оддалечено од модерната технологија. Во тој период детето треба што повеќе да го слуша говорот од околината, да се движи, да остварува допир, да остварува интеракција со луѓе и да биде изложено во природа. Со тоа ќе се овозможи создавање на една здрава подлога за развој на говорот кај детето, правилно држење на телото, билатерална координација и саморегулација.  Родителите мислат дека бебињата и децата ја „сакаат“ технологијата, дека тие ја разбираат и дека поради тоа еден ден ќе бидат успешни. Децата прозборуваат на најразлични јазици, најчесто англиски, односно јазици на кои биле гледани и слушани цртаните филмови и песнички. Но во суштина тоа не е функционално, туку механичко повторување. Со модерната технологија на некој начин детето се оттргнува од реалноста, почнува да создава некој свој свет кој е разбирлив само за него, често се вознемирува, особено кога ќе го оддалечиме од телефонот, таблетот или компјутерот, настануваат проблеми со говорот, со вниманието и концентрацијата, а подоцна и со читањето и пишувањето. А кај некои деца се манифестираат и различни репетативни и стереотипни однесувања. Да дозволиме технологијата нам да ни служи, не ние на неа.

Билингвизам
Билингвизмот, односно двојазичноста, е еден од факторите за забавен говорен развој. Најчесто е присутен во семејства каде родителите се од различна националност и говорат пред детето на различни јазици, деца припадници на национални малцинства, деца изложени на два јазика дома и во градинка. Билингвизмот може да го успори развојот на говорот во говорно – јазичниот период, а поради тоа се препорачува во овој период на детето да му се посветува големо внимание и доволно време, како и пред детето да се говори само на еден јазик.

Развојни и генетски нарушувања
За жал, факторот развојни и генетски нарушувања денес станува сѐ почеста причина за задоцнување во говорно – јазичниот развој. Родителот е оној кој прв се сомнева дека со неговото дете нешто не е во ред, дека е поразлично од останатите деца. Туку се вбројуваат голем број генетски нарушувања, синдроми и развојни нарушувања, каде разбирањето и продукцијата на говорот се засегнати. Најчести развојни нарушувања со кои денес се среќаваме во логопедската пракса и кои се причина за говорно – јазично доцнење, се аутизмот и развојната дисфазија.

Логопедско – рехабилитациски третман

Логопедско – рехабилитацискиот третман е основен третман за задоцнувањето на говорниот развој. Третманот е строго индивидуален, што значи дека она што е наменето за едно дете, не значи дека е наменето и за друго дете. Логопедот изработува план и програма за третман, наменети според состојбата и потребите на пациентот. За време на третманот се применуваат најразлични вежби како: вежби за фина моторика, вежби за аудитивна и визуелна перцепција, вежби за визуомоторна координација, вежби за вербална стимулација, мелодиско – интонациони вежби, вежби за совладување системи на зборови, графомоторни вежби и друго. Секој логопед е потребно да го едуцира семејството на детето, да биде нивна поддршка и да дава план и програма за работа и стимулација од дома.

ВАЖНО: Доколку вашето дете има две и пол – три години, а се уште не говори или манифестира поразлични обрасци на однесување, не чекајте, консултирајте се со логопед!!!

Како да го стимулирате говорно – јазичниот развој на вашето дете?

– Целосно понудете го вашето време, внимание и љубов на вашето дете;
– Не го изложувајте вашето дете на модерна технологија;
– Не го изложувајте вашето дете на странски или на два јазика. Стимулирајте го на вашиот мајчин јазик;
– Играјте игри со подавање рачиња и игри со прстиња;
– Префрлајте играчки од една кофа во друга кофа;
– Фаќајте ситни предмети (топчиња, грав…) со два прста (палец и показалец) и префрлајте ги од едно место на друго;
– Пејте му детски песнички со мелодија на мајчин јазик на вашето дете;
– Цртајте и бојте со прсти, со раце и со четка, користејќи впечатливи бои;
– Поминувајте што подолго време заедно и во природа;
– Што повеќе играјте игри со вашето дете како брканица, скокање од поле во поле, скокање на една нога итн.;
– Покажувајте му јасни слики од одредени животни, растенија и предмети и гласно именувајте ги;
– Покажете авторитет;
– Побарајте стручна помош од вашиот матичен лекар или од логопед;
– Следете ги насоките кои ви ги дава вашиот логопед;
– Максимално посветете му се на вашето дете!

Секогаш доколку се сомневате дека вашето дете покажува одредена отстапка во развојот, не чекајте, не оставајте на времето, побарајте стручна помош. Раната превенција, раната дијагноза и раниот третман се од големо значење за секоја состојба!

Пишува: Бојан Богдановски, клинички логопед – специјалист

Фото: Pexels

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]