Постојано имате киселини. Зошто? Што можете да направите во врска со тоа?
Зошто се чувствувате како да има пламен во градите? На почетокот на бременоста, телото произведува големи количини на хормони прогестерон и релаксин, кои ги релаксираат мазните мускули низ целото тело, вклучително и гастроинтестиналниот тракт. Како резултат, храната понекогаш се движи побавно низ органите за варење, што предизвикува секакви проблеми со варењето на храната, од надуеност и гасови до киселини. Можеби е непријатно за вас, но е корисно за бебето. Побавното варење му овозможува на крвотокот подобро да ги апсорбира хранливите материи и, со самото тоа, поголема количина хранливи материи преку постелката да стасаат до бебето.
Киселина настанува кога мускулниот прстен што го одделува хранопроводот од желудникот се релаксира (како и сите други мазни мускули во гастроинтестиналниот тракт) и дозволува храна и желудочниот сок да се вратат назад, во хранопроводот. Желудочната киселина ја надразнува чувствителната слузокожа на хранопроводот, предизвикувајќи чувство на печење во градите. За време на второто и третото тримесечје, киселината може да се зголеми поради матката која се шири и го притиска желудникот.
Речиси е невозможно да се ослободите од киселините и другите дигестивни проблеми кои ја придружуваат бременоста во текот на сите девет месеци. За разлика од многу симптоми на раната бременост, тие не запираат.
Но, постојат ефикасни начини за ублажување и избегнување на киселините и другите стомачни проблеми:
– Не го повлекувајте чкрапалото. Ако одредена храна или пијалок предизвикува печење во стомакот (или други проблеми), исфрлете ги од менито. Она што најчесто создава киселини е лутата, многу зачинета, пржена и мрсна храна, месните производи, чоколадо, кафе, газирани пијалоци и пеперминт.
– Јадете помали оброци. За да избегнете преоптоварување на органите за варење (и да не ви се враќаат желудочните сокови), јадете шест помали оброци, наместо три големи. Тоа е идеално решение за оние кои страдаат од киселини и лошо варење.
– Јадете полека. Кога јадете премногу брзо, голтате многу воздух, а тоа може да создаде џебови од гас во желудникот. Покрај тоа, не можете да ја изџвакате храната во доволна мера, па стомакот потешко ја вари и така се создаваат услови за појава на тегоби. Дури и кога сте страшно гладни или страшно брзате, обидете се да јадете полека, земајќи мали залаци, кои добро ќе ги џвакате.
– Не пијте и не јадете истовремено. Премногу течност измешана со храна го оптоварува стомакот и го отежнува варењето. Затоа, обидете се да пиете течности само помеѓу оброците.
– Останете во исправена положба. Желудочните сокови потешко се враќаат кога стоите отколку кога лежите и за да ги задржите таму кадешто им е местото (во желудникот), не јадете лежејќи. И не легнувајте после јадење ниту пак јадете многу пред спиење. За да не се врати киселината додека спиете, главата и рамената мора да ви бидат издигнати петнаесетина сантиметри. Кога кревате нешто, свиткајте се во колената, а не во половината. Веројатно ќе почувствувате киселини секогаш кога ќе се наведнете.
– Избегнувајте да се здебелите премногу. Притисокот врз дигестивниот тракт ќе биде помал со постепено и умерено зголемување на телесната тежина.
– Не носете тесна облека околу стомакот или половината. Ова може да го зголеми притисокот врз стомакот и да предизвика киселини.
– Секогаш имајте при рака антациди (со нив ќе внесете и извесна доза на калциум), но избегнувајте лекови ако лекарот не ви препишал.
– Џвакајте мастика. Гума за џвакање без шеќер половина час по оброкот може да го намали вишокот киселина (зголемената секреција на плунка ја неутрализира киселината во хранопроводот). Но гума за џвакање со вкус на пеперминт кај некои лица ја интензивира киселината – ако тоа ви се случува и вам, одберете гума за џвакање со некој друг вкус.
– Јадете по неколку бадеми после секој оброк, бидејќи овие вкусни плодови ги неутрализираат желудочните сокови, што може да ги ублажи или дури и да ги спречи киселините. Може да пиете чаша бадемово млеко после секој оброк или кога и да почувствувате киселини (така ќе внесете во организмот и дополнителна количина калциум). На некои бремени жени им помага и чаша топло млеко со лажица мед или папаја (која е богата со витамини А и Ц).
– Опуштете се. Стресот ги влошува стомачните проблеми и затоа научете како да се опуштите. Исто така, испробајте некои методи на комплементарна и алтернативна медицина, како што се медитација, визуелизација, акупунктура, биофидбек или хипноза.
Фото: Pexels