Експертите од порталот Everything Mom составиле листа со прашања кои секоја тинејџерка би требало да ѝ ги постави на својата мајка. Па, ако вашата ќерка досега не ве прашала, можеби е време самите да го започнете разговорот.
Дали си имала многу партнери пред да се омажиш за татко ми?
Претпоставуваме дека вашата тинејџерка знае дека пред да основате семејство сте имале и други партнери. Но, сосема е природно да сака да знае повеќе детали за тоа како сте растеле, со кого сте се дружеле, кого сте сакале, каде сте излегувале…
Дали ти се оствариле сите соништа?
Младите имаат многу прашања за она што ги чека во иднината, а повеќето млади девојки сакаат да знаат како им било на нивните мајки на нивни години и како тие донесувале некои важни одлуки. Вашата ќерка сигурно сака да знае какви биле вашите соништа кога сте биле вие на нејзини години и дали сте ги оствариле.
Која е најголемата грешка што си ја направила?
Повеќето мајки мора да бидат свесни за тоа дека нивната ќерка тинејџерка ја интересира каде таа погрешила додека била тинејџерка. Никој не е совршен, а вашата несовршеност и вашите грешки се особено интригантни за вашето дете. Експертите предупредуваат дека вашата ќерка е свесна оти нема да ѝ ги признаете сите грешки што сте ги направиле, па можеби е најдобро за некои и да не се зборува, но да се преправате дека сте совршени, не е добро. Вашата најголема грешка, која сте ја направиле во детството, би можела сега да биде скапоцена порака за вашата ќерка.
Дали си правела исти работи како и јас?
Времињата се променети и вашата ќерка е свесна за тоа, но сака да знае што сè сте правеле пред да ја родите. Можеби вашата тинејџерка ќе биде љубопитна околу тоа кои биле вашите интереси кога сте биле на нејзина возраст, со оглед на тоа дека оваа генерација на деца е фиксирана на дигиталниот свет, што веројатно не било случај со вас во младоста.
Што си сакала од секогаш да направиш, а не си го направила и зошто?
Малкумина успеваат да ги остварат сите свои соништа и ако сте имале некоја цел или желба што не сте успеале да ја остварите, вашата ќерка сигурно ќе ја интересира за што конкретно се работи и зошто не сте го исполниле тој свој сон.
Која е најголемата неволја во која си се нашла кога си била колку мене?
Вашата ќерка е свесна за фактот дека и вие сте биле некогаш тинејџери и кога и да има можност за тоа, ќе ве потсети дека и вие сте биле млади и несовршени. Бидејќи, сакале да признаеме или не, сите тинејџери понекогаш запаѓаат во неволја. Вашата ќерка можеби се плаши да праша во што сте згрешиле бидејќи е свесна дека не ви е драго со неа да ги споделите тие информации. Но, тоа е добра можност отворено да зборувате за проблемите на растењето и да ѝ овозможите нешто да научи од вашите грешки за да не ги повтори и таа.
Постои ли некоја семејна историја на болести за која треба да знам?
Како што созреваат, тинејџерите стануваат свесни за кревкоста на своето здравје и сакаат да знаат кој вид болести постојат во нивното семејство. Вашата тинејџерка можеби ќе ја интересира дали постојат некои генски предиспозиции за некоја болест, за да може да дејствува превентивно.
Кој совет би ѝ го дала на помладата верзија на себеси?
Последно, но не и најмалку важно е прашањето од кое вашата тинејџерка ќе има најмногу корист ако искрено ѝ одговорите. Морате да бидете свесни дека на својата ќерка вие сте ѝ пример, со оглед на тоа дека сте го поминале она низ кое таа поминува сега, па очекува корисни совети. Бидејќи, вашата ќерка ве обожува и се угледува на вас. Ако на помладата верзија од себеси би можеле да ѝ дадете совет, што би било тоа? Размислете и споделете го тоа со своето дете.
Фото: Pixabay