Како добивме генерација деца кои не мислат со своја глава?

Што ако родителите се тие кои постепено му ја одземале на детето можноста да биде независно?

0
226

Во денешно време често се слуша дека денешните деца не размислуваат, дека не се во можност да направат нешто самостојно, дека не работат со рацете, дека не знаат да завршат дури и наједноставни домашни работи и слично.
Повеќето деца денес можат да учат многу брзо, дури и побрзо отколку постарите генерации. На пример кога ќе им дадете некоја ‘техника’ во раце, тие ја совладуваат за краток временски период, за разлика од постарите генерации на кои им требаат уште неколку часа, денови или недели.
Дали сте размислувале за тоа како се случи овие генерации денес да прават некои други работи подобро и побрзо, но не сакаат да работат нешто конкретно со рацете, ниту им се мисли како да го направат тоа?
Што ако родителите се тие кои постепено му ја одземале на детето можноста да биде независно?

Се прашувате како?

Родителот го испраќа или го носи детето на училиште секој ден со години, дури и кога веќе е способно само да оди. Пораката што му ја испраќате е дека тоа не е способно само да оди или да размислува. Развивате несамостојност и зависност од вас. Зошто?
Поради стравот дека нешто може да му се случи.

Родителот ја контролира задачата секој ден, а понекогаш дури и пишува наместо детето, потсетувајќи го да ги извршува своите должности.
Зарем не е подобро одговорноста да се префрли на грбот на детето затоа што училиштето е негова одговорност?

Пораката што му ја испраќате на вашето дете со таква контрола е – мама ќе направи. Тато ќе направи. Не морам јас затоа што некој од нив веќе ќе ме потсети или ќе го стори тоа за мене.

Развивате неодговорност кон исполнување на обврските. Зошто?

Поради премногу загриженост за иднината на детето, стравот дека нема да се запише во добро училиште и ќе заврши како сиромашен. Вие нема секогаш да бидете блиску или да живеете засекогаш со него, па еден ден ќе мораат сами да го сторат тоа, без ваше потсетување.
Не му давате на вашето дете обврски во домаќинството за да не троши време на тоа. Последица е тоа што детето не ги знае основните активности.

Пораката што ја праќате со прекумерна заштита е стравот од последици, затоа е подобро да не прави нешто за да не си направи нешто. Затоа тие се извлекуваат од сè, каде и да можат.
Со тоа, воспитувате дете кое постојано бара вербални аргументи за да не мора да го прави она што не му се прави. Со текот на времето, детето станува поуспешно во наоѓањето аргументи за да не направи нешто.

Не му давате на вашето дете премногу одговорности за да не го оптоварувате. Резултатот е премногу слободно време и наместо да го окупираат своето време и тоа да ги поттикне да размислуваат и да развиваат креативност и трудољубивост, тие имаат премногу време, кое го поминуваат пред ТВ, со игри или ви кажуваат колку им е досадно. Последицата е слаба организација на времето затоа што имаат премногу време и премалку посветеност. Во спротивна ситуација, тие би биле присилени да се организираат подобро.

Зошто родителот го прави ова? За да не го оптоварува детето како што бил тој оптоваруван како дете. Но, токму така го испековте занаетот. Со прекумерна заштита детето нема да ги совлада основите за организирање на своите обврски.

Родителот договара дружење со другите деца.

Последица – детето не се дружи доволно и зависи само од тоа кога родителот ќе реши да организира дружење. Некогаш се излегувало на улица и се дружело. Денес, сè треба детално да се договори, такашто најчесто родителите се договараат меѓусебе и само тогаш децата се дружат час или два.
Зошто не им го оставате тој дел на децата? Помагајте малку на почетокот, но оставете го подоцна на нив.

Последицата од ова е тоа што сте вие пооптоварени, а детето е лишено од дружење. Се измислуваат некои форми на пристојност кои всушност доведуваат до оттуѓување на луѓето. Би можела да наведувам примери со денови.
Она на што сакам да го свртам вашето внимание е дека не можете да ја пренесете одговорноста само на децата кога родителите се тие што со своите погрешни постапки му испраќаат на детето пораки дека не се способни.

Нема да им фали ништо ако им дозволите да работат. Tоа ќе ги научи многу.

И, конечно, приказната за пеперутката што требало да излезе од кожурецот. Ја гледал човек од страна. Во еден момент, пеперутката престанала да се бори за да излезе, а човекот, со намера да му помогне, зел ножици и малку го исекол кожурецот за полесно излегување на пеперутката. Пеперутката излегла многу полесно, но од тој момент таа секогаш имала проблеми со крилјата и летањето, бидејќи пеперутките ги зајакнуваат крилјата токму со тешкото излегување од кожурецот.
Оваа приказна нè учи дека понекогаш тешките животни процеси и околности имаат за цел подоцна да полетаме со леснотија, бидејќи тие имаат задача да нè зацврснат. Родителите понекогаш со најдобра намера да му олеснат на детето, му ги ослабнуваат крилјата на детето и детето поминува низ животот многу потешко отколку што родителот сакал.

Размислете малку за вашите постапки. Не работете наместо нив, научете ги да го користат целиот капацитет на своите крилја. Ќе ви бидат благодарни.

Не размислувајте и не работете наместо нив, оставете ги да размислуваат и да работат самите за да се снаоѓаат подобро. Ако не им оди, бидете тука за нив и научете ги да ја побараат ваша поддршка.

Текстот е од ТУКА.

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]