Децата родени во доба на интернет имаат понизок коефициент на интелигенција од своите родители

„Едноставно, нема оправдување за она што им го правиме на нашите деца“, изјавил францускиот невронаучник Мишел Демурж, кој смета дека дигиталните уреди негативно влијаат на развојот на мозокот на децата. Тоа е контроверзно тврдење, кое тој го изнел во последната книга со провокативен наслов 'Фабрика за дигитални кретени'.

0
168

Светски познатиот научник Мишел Демурж истакнал дека децата родени во дигиталната ера, кадешто употребата на технологија е примарна и секојдневна, имаат понизок коефициент на интелигенција од нивните родители.
„Едноставно, нема оправдување за она што им го правиме на нашите деца“, изјавил францускиот невронаучник Мишел Демурж. Тој смета дека дигиталните уреди негативно влијаат на развојот на мозокот на децата.

„Ја загрозуваме нивната иднина“, вели тој за Би-Би-Си. Тоа е контроверзно тврдење, кое тој го изнел во последната книга со провокативен наслов ‘Фабрика за дигитални кретени’.
Како директор за истражување на францускиот Национален институт за здравство и експерт во оваа област кој работел на некои од најпознатите светски универзитети – како што се МИТ и калифорнискиот универзитет во САД – неговата книга предизвикала многу дебати околу одгледувањето и воспитувањето на децата.
Ужива и одредена популарност надвор од академската заедница: Фабриката за дигитални кретени е бестселер во Франција и е преведена на италијански и шпански јазик.

Еден од највпечатливите аргументи од книгата е дека „дигиталните домородци“ – децата родени по популаризацијата на Интернет, имаат помал коефициент на интелигенција од нивните родители.

Дигиталните домородци се првата генерација што назадувала

Демурж вели дека пред „дигиталните домородци“ секоја нова генерација ја надминувала претходната.

Во интервју за Би-Би-Си, овој невролог рекол до какви заклучоци стигнал во своето долгогодишно искуство.

Дали денешните млади луѓе се првата генерација во историјата со понизок коефициент на интелигенција од претходната?

„Да, се. Коефициентот на интелигенција (IQ) се мери со стандарден тест. Сепак, ова не е замрзнат тест – често се ревидира. „Моите родители не го правеа истиот тест како мене, на пример, но група луѓе може да добие да ја работи постарата верзија на тестот“, рекол тој.

„Притоа, истражувачите во многу делови на светот забележале дека коефициентот на интелигенција расте од генерација на генерација. Ова се нарекува „Флинов ефект“, според американскиот психолог кој прв го опишал овој феномен. Но, феноменот неодамна започнал да се враќа во неколку земји. Вистина е дека врз коефициентот на интелигенција влијаат многу фактори како што се здравствениот систем, училишниот систем и исхраната. Но, ако земеме земји каде социо-економските фактори се прилично стабилни со децении, ќе видиме дека „Флиновиот ефект“ почнал да опаѓа“, рекол Демурж, додавајќи дека во тие земји „дигиталните домородци“ се првите деца кои имаат понизок IQ од нивните родители.

Овој тренд е забележан во Норвешка, Данска, Финска, Холандија и Франција.

Дали овој пад на IQ го предизвикува употребата на дигитална технологија?

„За жал, сè уште не е можно да се одреди специфичната улога на секој фактор, вклучувајќи го на пример, загадувањето (особено раното изложување на пестициди) или изложеноста на екраните. Она што сигурно го знаеме е дека времето што детето го поминува пред екран има значително влијание врз коефициентот на интелигенција, дури и ако тоа не е единствениот виновник. Голем број студии покажале дека кога се засилило гледањето телевизија или играњето видео игри, опаѓаат IQ и когнитивниот развој. Погодени се столбовите на нашата интелигенција: говор, концентрација, меморија и култура (дефинирана како корпус на знаења кој ни помага да го организираме и разбереме светот). На крајот, овие влијанија доведуваат до значителен пад на успехот во училиштето“, вели научникот.

И, зошто користењето на дигиталната технологија го има тој ефект?

„Причините исто така беа јасно идентификувани: падот на квалитетот и квантитетот на интеракција со семејството, што е клучно за јазичниот и емоционалниот развој. Исто така, има пад на времето посветено на други активности кои ја збогатуваат нечија личност (домашна работа, музика, уметност, читање, итн.), нарушување на спиењето, кое е квантитативно скратено и квалитативно нарушено, прекумерно стимулирање на вниманието, што доведува до пореметување на концентрацијата, учењето и импулсивноста, недоволна стимулација на интелектот, што го спречува мозокот да го достигне својот целосен потенцијал и нагласено седентарен начин на живот кој, заедно со физичкиот развој, влијае на тоа како се развива мозокот“, вели Мишел Демурж.

Каква штета прават екраните на невролошкиот систем?

„Мозокот не е стабилен орган. Неговите крајни карактеристики зависат од искуството. Светот во кој живееме и предизвиците со кои се соочуваме ја модифицираат неговата структура и функционирање, а некои делови од мозокот стануваат специјализирани, некои мрежи се создаваат и зајакнуваат, некои се губат, некои стануваат подебели, некои потенки. Забележано е дека времето поминато пред екранот за рекреативни цели го одложува анатомското созревање на мозокот и неговата функционалност во рамките на различните когнитивни мрежи поврзани со јазикот и вниманието. Мора да се нагласи дека не сите активности за развој на мозокот се хранат со иста ефикасност“, вели тој.

Што значи тоа?

„Активностите поврзани со училиште, интелектуална работа, читање, музика, уметност, спорт и слично, имаат многу поголема моќ да го структурираат и негуваат мозокот отколку рекреативните екрани. Потенцијалот за пластичност на мозокот е екстремен за време на детството и адолесценцијата. После тоа, тој почнува да попушта. Не исчезнува, но станува многу помалку ефикасен. Мозокот може да се спореди со пластелин. Отпрвин, тој е влажен и лесно се обликува. Но, со текот на времето, станува посув и многу потешко се обликува. Проблемот со екраните, особено ако децата гледаат во нив од рекреативни причини, е што тие го менуваат развојот на мозокот на нашите деца и го осиромашуваат“, е позицијата на Демурж.

Дали сите екрани се подеднакво штетни?

„Никој не вели дека дигиталната револуција е лоша и дека треба да се запре. Јас сум првиот што поминувам добар дел од работниот ден со дигитални алатки. И кога ќерка ми започна основно училиште, јас започнав да ја учам како да користи софтвер и како да бара информации на Интернет“.

Дали учениците треба да се учат на основни компјутерски вештини и алатки?

„Да, секако. Слично на тоа, дали дигиталната технологија може да биде релевантна алатка во педагошкиот арсенал на наставниците? Се разбира, ако тоа е составен дел од структурен образовен проект и ако употребата на одреден софтвер ефикасно промовира трансфер на знаење. Меѓутоа, кога ќе го ставите екранот во рацете на дете или адолесцент, преовладува рекреативната употреба која најмногу осиромашува. Тоа вклучува, по редослед на важност: телевизија, која останува број еден екран за сите возрасти (филмови, серии, видеа); потоа видео игри (претежно акциони и насилни), и на крај, за време на адолесценцијата, диво и бескорисно самоизложување на социјалните мрежи“, заклучил Мишел Демурж.

Фото: Freepik

[better-ads type='banner' banner='999' ]