Во пресрет на европскиот ден на логопедијата (6. Март), а почнувајќи од 1.март, во рамките на акцијата на здружението Интеракција Плус ќе бидат реализирани 4 логопедски седмици во кои што ќе се вршат стручни говорно-јазични и дефектолошки проценки на децата и младите од страна на логопедите и дефектолозите кои се дел од тимот на здружението.
Целта на оваа акција е успешно да се опфати периодот на раната интервенција односно навремено детектирање на говорно-јазичните проблеми и потешкотиите во когнитивниот и психофизичкиот развој кај децата.
Прегледите ќе бидат спроведувани од страна на стручниот тим на здружението: д-р Ана Петреска, Благица Маркоска, клинички логопед-специјалист и Елена Трајческа, специјален едукатор и рехабилитатор.
Доколку некое дете има конкретна потреба од дефектолошка помош, во рехабилитацискиот процес ќе се вклучи и дефектолог.
Токму европскиот ден на логопедијата, но и сѐ почестите констатации на стручњаците во областа, но и на родителите и обичните луѓе, дека денешните деца доцнат со појавата на говорот поради раната употреба на технологијата, мобилни телефони, таблети, и слично, беа повод за нашиот разговор со д-р Ана Петреска, логопед и дел од тимот на „Интеракција Плус“.
Според неа, оваа констатација е апсолутно точна.
„Сѐ поголем е бројот на деца кои подоцна прозборуваат, а за сметка на тоа користат мобилни телефони и таблети како да се возрасни луѓе“, вели д-р Петреска.
Во однос на родителските дилеми околу возраста кога се очекува детето да проговори, мислењето дека секое дете ќе проговори кога ќе биде подготвено за ова, за прашањето за индивидуалните отстапувања во прозборувањето, како и за тоа во кој случаи е неопходен логопедски третман, нашата соговорничка вели:
„Говорно-јазичниот развој кај децата се одвива низ повеќе етапи, односно првата фаза во говорот на детето е баблингот (гугањето), која треба да се случи помеѓу третиот и шестиот месец од животот на детето. Во периодот меѓу 9 и 12 месеци се очекува детето да започне постепено повеќе да вокализира, дури кај некој деца со уреден и напреден говорно јазичен развој во овој период можеме да го слушнеме првиот збор, а во ретки случаи и првата реченица.
Веќе во периодот помеѓу 18 и 24 месеци детето треба да се врти на име, да го распознава гласот на своите блиски,да има желба за интеракција со своите блиски итн.
Во однос на тоа дали некое дете ќе проговори на две години или пак малку подоцна зависи од многу фактори како што се: навремената говорно-јазична стимулација од страна на семејството, уреден психо физички развој, терминско породување и слично.
Родителите треба да знаат дека говорот кај децата не се развива по еден фиксен, определен редослед, туку како и кога ќе се развие е во директна корелација со тоа на каков начин и колку ние истиот го стимулираме.
Говорно-јазичните отстапувања кај децата се развиваат во различни граници, односно кај некои од нив се поизразени, кај некои помалку изразени, но децата генерално имаат проблем со своето почетно прозборување, како и со изговорот на гласовите, но и проблеми со граматичката структура на реченицата, читањето и пишувањето.
Во однос на тоа кога е потребен логопед најдобар индикатор е возраста на детето и неговиот говорно-јазичен развој. Во однос на посочената возраст кога детето е на двегодишна возраст, а веќе има некаков говорно-јазичен проблем, задолжително треба да се вклучи и дефектолог кој ќе го процени и когнитивниот развој на детето.
Како што веќе реков говорот кај секое дете се развива индивидуално и никогаш времето не може да биде со прецизност точно определено, но не би било добро ако комплетно би го препуштиле говорно-јазичниот развој на факторот време затоа што во поголемиот број на случаи кадешто се постапувала така, се оставало на времето, говорот западнал до сериозна стагнација“, објаснува Петреска.
Таа вели дека најдобриот индикатор дека со говорно- јазичниот развој на детето нешто не е во ред е кога ќе видите дека детето не го проширува својот говорен фонд, не користи активно реченици и одбегнува активна комуникација со своите блиски и неговите врсници.
„Возраста која треба особено да се следи е периодот меѓу втората и третата година. Во мојата логопедска пракса најдоминанти се проблемите со почетното прозборување, а причините за тоа може да бидат разнообразни, односно да потекнуваат и од органска природа, како што се засегања на централниот нервен систем, предвремено родени деца, породилни трауми и слично, но сѐ почесто причината за ненавременото прозборување и неразвиен говор е неадекватната и ненавремената говорно-јазична стимулација“, вели д-р Петреска и им порачува на родителите на децата под тригодишна возраст да не им даваат мобилни и таблет, туку да го користат времето со нивните деца за поттикнување на говорот и за взаемна комуникација.
Фото: Pexels