Какво време дојде, кога ќе ни се породи некој близок, во болница нема да смееме прашаме „како се мајката и бебето“, туку, како е родителот што се породи, има ли човечко млеко, го храни ли на градите? Комплицирано! Поарно ич да не се јавуваме, ќе ги прашаме кога ќе си дојдат дома.
Оти можеби мајката не сака да е мајка, можеби сака да е татко, а таткото пак, сака да е мајка, или можеби родителот што се породил едноставно, уште не се определил што сака да биде…кога ќе му порасне бебето кое веројатно исто така нема да знае што сака да биде.
Повод за овие наши стравови и дилеми е одлуката со која бабиците и вработените во универзитетските болници во Брајтон и Сасекс, престануваат да ги користат термините „мајка“, „доење“ и „мајчинска“ и усвојуваат нови термини, во согласност со новата транс-френдли, односно, транс-пријателска политика.
Така, акушерките го заменуваат зборот „мајка“ со „родилен родител“, „доење“ со „хранење на гради“, додека наместо зборот „мајчин“, тие ќе го користат терминот „родител“.
Исто така, наместо за мајчино млеко, ќе зборуваат за човечко млеко, млеко од градите или родителско млеко.
Универзитетските болници во Брајтон и Сасекс се првите во Велика Британија кои официјално ја спроведоа родово-инклузивната политика во нивните одделенија за породилни услуги, кои сега ќе бидат познати како „оддели за перинатални услуги“.
Другите измени вклучуваат замена на зборот „жена“ со зборот „личност“, додека „татко“ отсега ќе биде „родител“, „ко-родител“ или „друг биолошки родител“, во зависност од околностите, пишува The Mirror.
„Родовиот идентитет може да биде извор на угнетување и здравствена нееднаквост. Како акушерки, ние се фокусираме на подобрување на пристапот до маргинализираните и ранливи групи. Настојуваме да ги заштитиме нашите транс и небинарни корисници од понатамошно прогонување, препознавајќи го значителното влијание што ова може да го има врз психолошката и емоционалната благосостојба. Признавањето е пресудно за да ги направиме животите на транс и небинарните личности побезбедни“, стои во документот за новата политика објавена оваа недела.
Се проценува дека еден процент од возрасната популација во Велика Британија се идентификува како трансродова или небинарна.
Фото: Pexels