Умберто Еко во последното писмо до внукот: Драги мој, наскоро ќе станеш идиот!

Би сакал да зборувам за болеста што ја погоди твојата генерација и онаа пред вас, која веќе студира на универзитетите. Зборувам за губење на меморијата, вели италијанскиот писател, филозоф и есеист во писмото до својот внук кое му го напишал пред да почине во февруари 2016.

0
619

Италијанскиот писател, филозоф и есеист, автор на „Името на розата“, книгата која беше прогласена за една од стоте најдобри книги на дваесеттиот век, Умберто Еко, почина во февруари, пред пет години, а пред крајот на својот живот му напиша писмо на својот внук, кое во изминативе пет години и преобјавувано многу пати.

Преку ова писмо Еко им се обраќа на сите млади луѓе и порачува: Ако не го вежбате мозокот ќе станете идиоти, ако го вежбате секој ден, ќе можете да живеете илјадници животи.

Не би сакал ова писмо да звучи премногу поучно, да ти раскажувам за љубовта кон соседите, татковината, човештвото и слично. Ти не би го ни слушал ова (веќе си полнолетен, а јас сум премногу стар), затоа што системот на вредности се смени толку многу што моите препораки можеби не се ни соодветни.
Значи, сакам да ти дадам само еден совет што може да ти биде корисен сега кога користиш паметни телефони. Нема да ти кажам да не го користиш телефонот од страв да не звучам како глупав старец. И јас користам мобилен телефон.

Би сакал да зборувам за болеста што ја погоди твојата генерација и онаа пред вас, која веќе студира на универзитетите. Зборувам за губење на меморијата.

Вистината е дека ако сакаш да знаеш кој е Карло Велики или каде е Куала Лумпур, само ќе кликнеш на копчето и веднаш ќе дознаеш сè на интернет. Направи го тоа кога ти треба, но обиди се да го запомниш тоа то си го научил за да не го бараш повторно кога повторно ќе ти затреба, на пример за некој проект во училиште.

Кога знаеш дека твојот компјутер веднаш може да одговори на некои од твоите прашања, ја губиш желбата да запомниш некоја информација. Тоа е исто кога ќе научиш дека можеш да стигнеш некаде со автобус или со метро – големо олеснување и погодност кога брзаш – и да одлучиш дека повеќе нема потреба да одиш пеш. Но, ако престанеш да го правиш тоа, наскоро ќе треба да патуваш со инвалидска количка. Да, знам дека си спортист и способен да управуваш со твоето тело, но да се вратиме на твојот, на Вашиот мозок.

Меморијата потсетува на мускулите на нозете. Ако престанеш да ја вежбаш, таа наскоро ќе се влоши и ќе се соочиш со реалноста – ќе се претвориш во идиот. Освен тоа сите сме изложени на ризикот на стари години да се разболиме од Алцхајмерова болест. Еден од начините да се избегне е постојано да ја вежбаме нашата меморија.

Еве го мојот рецепт. Секое утро учи по една песна, исто онака како кога бевме деца. Ако поезијата не ти се допаѓа, обиди се да ги запомниш составите на омилените фудбалски тимови, како и нивните играчи од минатото. Замисли, уште се сеќавам на имињата на фудбалерите на Торино, кои загинаа во авионската несреќа на ридот Суперга во 1949 година: Бачигалупо, Баларин, Марозо итн. Натпреварувајте се кој подобро ќе ја запамети содржината на прочитаните книги. Провери дали твоите пријатели ги паметат имињата на слугите на тројцата мускетари … А ако не ти се читаат „Тројцата мускетари” (немаш претстава колку ќе изгубиш!), пробај нешто слично со некоја друга книга.

Ова може да ти изгледа како игра, и тоа навистина е така, но ќе видиш како твојата глава ќе се наполни со ликови, приказни и најразлични сеќавања. Можеби некогаш како генерација ќе прашате зошто компјутерот е наречен електронски мозок. Причината е во тоа што е замислен според моделот на твојот (нашиот) мозок. Но, нашиот мозок има повеќе врски отколку во компјутерот. Мозокот е твојот персонален компјутер кој секогаш е со тебе и неговите можности се зголемуваат со помош на вежби. И лаптопот на твојата работна маса ќе стане побавен со текот на времето, а за неколку години ќе треба да го промениш. Но, твојот мозок, ќе може да ти служи и кога ќе имаш 90 години. Сепак, се додека редовно го вежбаш, ќе се сеќаваш на многу повеќе работи отколку што се сеќаваш сега. И тој е потполно бесплатен.

Постои нешто кое се нарекува историско сеќавање кое не е поврзано со фактите од твојот и вашиот живот или она што го читате секојдневно. Меморијата ги чува настаните што се случиле пред твоето раѓање.

Денес, ако одите во кино, морате да го гледате филмот од почеток, како да ве водат за рака цело време, објаснувајќи ви што се случува. Во мое време, во секое време можев да влезам во салата, дури и на средината на филмот. Многу настани веќе се случиле пред вашето доаѓање и моравте брзо да ‘ги фатите конците’.

Ако ви се допаднеше филмот, можевте повторно да го погледнете. Роден сум во време кога беше важно да се знае и разбере што се случило пред мене. Ова беше потребно за подобро да ги разберам денешните настани.

Денеска училиштето би требало да ве учи што се случувало пред вашето раѓање, но не гледам дека го прави тоа. Истражувањата покажуваат дека денес младите, дури и учениците кои се родени во 1990 година, не знаат, а можеби и не сакаат да знаат што се случило во 1980 година, да не зборуваме за тоа што се случило пред 50 години.

Но, да го оставиме училиштето. Денешниот млад човек не ги познава филмските актери од пред дваесет години. Јас знаев за Франческа Бертини и немите филмови од пред моето раѓање. Можеби причината е што ги прегледував старите списанија во подрумот на нашата куќа. И ви предлагам одвреме-навреме да го правите тоа, бидејќи ви помага да разберете што се случило пред да се родите.

Но, зошто е толку важно да се познаваат настаните од далечното минато? Зашто често ова знаење помага да се разбере текот на тековните настани. Покрај тоа, во секој случај, исто како да се сеќавате на фудбалските тимови, помага да се збогати вашата меморија.

Имајте на ум дека можете да ја вежбате вашата меморија не само со помош на книги и списанија, туку и со помош на интернет.

Интернетот е исто така корисен за истражување на историјата, не само за разговор со пријателите. Како исчезнаа диносаурусите? Како се викаше предокот на бикот? Што знаеме за Mаите? Кој е човекот што ги открил и што ни кажа за нив? Кој беше вториот папа во историјата? Кога и зошто беше создаден Мики Маус?

Можам да поставувам бесконечно вакви прашања и тие би биле одлични теми за учење. Сето ова мора да се запомни. Ќе помине време, ќе остариш, но ќе чувствуваш дека си имал искуства на илјади животи, дека си учествувал во битката кај Ватерло, си присуствувал при убиството на Јулиј Цезар, си бил на местото каде монахот и алхемичар  Бертолд Шварц со мешање на различни материи во обид да добие злато, случајно го измислил барутот и експлозијата… А твоите пријатели кои не се стремат да ја вежбаат својата меморија, ќе живеат само еден мал, краток, беден живот.

Значи, вежбај ја својата меморија. Утре научи нешто напамет!

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]