Што мислат родителите и експертите за делењето кревет со домашните миленици?

Откако во секоја, или барем во секоја втора куќа се чува некое домашно милениче, актуелна е и темата за споделувањето на креветот со домашните миленици. Прочитајте што мислат педијатрите за делењето на кревет со кучиња и мачки и ве прашуваме, што мислите вие на оваа тема и каква е вашата пракса?

0
280

Многумина ги осудуваат луѓето кои, освен домот, го делат и својот кревет со домашните миленици, особено кога им дозволуваат на своите деца да спијат заедно со своето куче или маче. Често многу родители ја споделуваат оваа дилема и се прашуваат дали е ова сепак премногу, дали децата можат да спијат со домашно милениче во ист кревет?

Домашните миленици несомнено носат многу љубов и радост во секое семејство, а на децата им се често и најдобри пријатели. Меѓутоа, кога станува збор за миленичињата и споделувањето на креветот – мислењата се сосема различни. Додека некои се согласуваат дека куче или мачка можат да спијат во спалната соба, па дури и во креветот, други се жестоки противници на споделувањето на спалната соба со домашните миленици.

„Го сметаме за член на семејството и не можам да замислам да порасне без него“, вели една мајка која истакнува дека не може да замисли нејзината ќерка да расте без него:

„Имаме куче во куќата, тие се најдобри пријатели. Тој го игра нејзиниот пациент додека таа е лекар, тој ја спасува седејќи под масата кадешто го јаде она што таа не може да го дојаде… го поднесува нејзиното врескање и тегнење за уши, но на спиење не оди во нејзиниот, туку во нашиот – кревет“.

Друга мајка вели дека во истиот момент кога го преселила бебето во негова соба, го преселила и нивното куче. „Па има ли нешто поубаво од тоа да се чуваат и да се галат, а плус тоа, таа немаше проблем да биде во својата соба без нас затоа што го има својот најдобар пријател. Негувано куче или мачка (или нешто друго, зајаче …) е почисто од некои луѓе, а да не зборувам за другата ‘чистота’.“

Трета мајка вели дека срцето ѝ е полно кога ќе види колку се сакаат нивните две кучиња и нејзината ќерка:

„Тие го имаат своето место на креветите, спијат кај нашите нозе на нивните ќебиња … Не знам, поентата на кучето е дека имате пријател на четири нозе..И поверни се од повеќето луѓе … Моето мало девојче расте со нив, тие се заедно од раѓање. Ја научија да ползи, тие играат цело време секој ден … Секој има свои верувања и ставови, но моето срце е исполнето кога гледам колку љубов ѝ даваат овие кучиња и колку прекрасно детство има таа поради нив“.

Од друга страна, има родители кои сметаат дека нивните кучиња се членови на семејството, но сметаат дека нивното место сепак не е во креветот.

Една од поборниците на таквото мислење вели: „Нашето куче е член на нашето семејство, сакано и добредојдено! Но, нашето мислење е дека на кучето не му е место на креветот, дури и неговиот престој во детската соба е ограничен ако не е под контрола. Детето е со него цело време и одлично се сложуваат, но тоа е нашата граница. Кучето има и еден куп коса и треба да се чешла секој ден, такашто тоа е другата причина.”

Нејзиното мислење го споделува и друга мајка, чие куче е во куќата, но има свое место кадешто спие: „Можеме да се гушкаме, да играме, да сакаме, но качување на креветот не може. Тоа многу се шета надвор, има многу влакна, и покрај чистењето, редовното капење – повторно не знам што изело и како би реагирало во сон. Сè друго е во игра. Сè е убаво, но и кучињата и мачките го користат јазикот за да си го избришат задникот, па мислам дека не би била премногу луда од среќа ако потоа го лиже моето или лицето на моето дете“.

Според педијатрите, миленичето мора да има свое место за спиење како и сите други во куќата.

Одамна знаеме дека милениците се наши драгоцени придружници и ако нема алергии на животни кај децата и ако добро се грижите за кучето или мачката кои редовно посетуваат ветеринар, се вакцинираат и се чистат од паразити, експертите веруваат дека нема причина зошто не смеете да им дозволувате на децата да се дружат со нивните крзнени пријатели.

Напротив, тие сметаат дека домашните миленици се важни за развојот на детето. Да се ​​има милениче (мачка, куче, хрчак, риба …) значи и стекнување навика да се грижат за нив, да ги хранат, да ги чистат, да си играат заедно. Домашните миленици може да се галат (освен рибите…) што исто така има позитивен ефект врз развојот на детето. На деца со тешкотии во развојот им се препорачува домашно милениче (обично куче), затоа некои терапии се вршат со кучиња и коњи. Треба да се имаат предвид евентуалните алергии на детето на некое од домашните миленици и треба да се одржува чистотата и хигиената во просторијата доколку миленичето е во станот или куќата. И конечно, педијатрите сепак не препорачуваат спиење во ист кревет со домашните миленици. Ако некогаш милениче скокне во кревет, може да се погали малку, а потоа да се врати на неговото место за спиење. Tоа мора да има свое место за спиење, како и сите членови на домаќинството, советуваат тие.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]