Повеќето родители сакаат да го воспитаат своето дете така за да порасне во самостојна и одговорна возрасна личност.
Тие ги одгледуваат децата во согласност со своите претстави за воспитувањето. Иако сите родители имаат добри намери и слична цел, нивните претстави за воспитувањето многу се разликуваат. Од тие различни претстави, произлегуваат различни воспитни постапки.
Бидејќи децата не ги воспитуваат родителските намери, туку родителските постапки, кога децата ќе пораснат се гледаат различните резултати од различните начини на воспитување.
Некои родители се задоволни од „резултатот“, некои не се. Меѓу незадоволните родители најлесно им е на оние кои веруваат дека е се работа на генетиката, односно дека детето пораснало токму во таква личност во каква што пораснало без оглед на тоа како го воспитувале тие.
И додека „генетичарите“ се ослободени од одговорноста за лошиот „резултат, други родители се чувствуваат одговорни за неповолниот исход.
Сметајќи дека згрешиле во воспитувањето се чувствуваат виновни, доживувајќи „родителска вина“.
Ова дополнително сознание ги мотивира да го сменат пристапот, но бидејќи нивното дете веќе пораснало, во голема мерка станало отпорно на воспитните „потези“ на своите родители.
Тогаш овие родители кои дополнително „прогледале“ ги мачи од една страна силна родителска вина, а од друга страна, чувство на немоќ.
Додека на едни им е кристално јасно што требало да направат, а не направиле, или што не требало да прават, а правеле, други родители ги мачи прашањето: „Каде згрешив?“
Честопати родителите кои како мајка и татко имале различни пристапи во воспитувањето и заради тоа се карале или можеби дури и се развеле, ја продолжуваат играта на меѓусебни обвинувања во стилот: „Нели ти викав тогаш?“. Нивната психолошка добивка е во тоа што го избегнуваат сопственото чувство на вина затоа што одговорноста за неповолниот „резултат“ ја ставаат на плеќите на другиот родител.
Тоа е продолжение на психолошката игра која многу години порано ја означувала реченицата: „Гледаш ли што направи син ти/ќерка ти?“.
Родителското чувство на вина е засновано на идејата дека постои директна причинско-последична врска помеѓу нивниот начин на воспитување и возрасната личност на детето.
Во стварноста таа врска не постои.
Родителското влијание на детето е навистина многу важно, но ниту е единствено, ниту пресудно. Во стварноста детето се наоѓа во комуникациско поле во кое е опкружено со други важни личности во неговиот живот.
Сите тие, било да се возрасни (баби дедовци, роднини, наставници, соседи,…) или врсници, исто така влијаат врз детето.
Некои од тие влијанија се позитивни, а некои негативни. Ниту тие не треба да се сфатат како причина за однесувањето на детето, туку само како влијанија затоа што е пресудно како детето ги толкува тие влијанија и колку важност им придава.
Сето ова сочинува една матрица на тековни влијанија врз детето. Не е занемарлива ниту возраста на детето. По правило, родителското вијание е многу важно во предучилишната возраст, за подоцна и другите влијанија да станат исто толку важни, додека во периодот на пубертетот и адолесценцијата влијанието на врсниците е често поважно од родителските влијанија.
Чувството на вина се јавува тогаш кога луѓето сами ќе оценат дека нешто направиле погрешно и дека настанала негативна последица.
Тоа чувство ги мотивира да го сменат однесувањето, да почнат да се однесуваат на правилен начин и да ја поправат негативната последица. Меѓутоа, родителската вина е непродуктивно и ирационално чувство.
Што да се прави тогаш?
Да се прифати дека детето пораснало и дека со тоа е самото одговорно за своите постапки во сегашноста. Да се усмерат на проблемите кои се „сега и овде“, да понудат помош, наместо да прогонуваат. Да бидат поддршка, особено тогаш кога возрасното дете ќе побара помош за проблемот што го има.
Фото: Pixabay