Иако аутизмот традиционално се смета за доживотна состојба, доказите во последниве години сугерираат дека има деца кои „закрепнуваат“. Новата студија нуди најголем преглед на тоа што се случува со децата кои повеќе не се сметаат за „заболено“ од некое од пореметувањата во аутистичниот спектар.
Истражувачите ги прегледале клиничките записи за 569 деца дијагностицирани со аутизам помеѓу 2003 и 2013 година, кога децата биле во просек стари 2,5 години. Четири години подоцна, тие откриле дека 38 деца повеќе не ги исполнуваат дијагностичките критериуми за аутизам. Сепак, сите деца, освен три кои повеќе не ги исполнувале критериумите за аутизам, имале други дијагнози и сепак им бил потребен некаков вид терапија и поддршка.
„Секако е охрабрувачки да се потврди дека подмножество на деца со рана дијагноза на нарушување на аутистичниот спектар придружено со доцнења во развојот, всушност можат да се опорават од нарушувањето и да продолжат со типично социјално и когнитивно функционирање“, вели д-р Лиза Шулман од Медицинскиот факултет „Алберт Ајнштајн“, која ја предводела неодамнешната студија објавена во списанието Journal of Child Neurology.
„Овие деца сè уште се борат со секојдневниот живот во голема мера. Речиси сите сè уште мораат да се соочуваат со тешкотии со говорот и учењето, како и со разни емоционални проблеми и проблеми во однесувањето.
Децата чии документи биле прегледани за студијата биле дијагностицирани во програма за рана интервенција за деца со попреченост во Бронкс, а истражувачите од Њујорк велат дека огромното мнозинство на деца учествувало во некој вид услуги како што се анализа на однесување, говорна терапија или работна терапија.
Од оние кои го „надминале“ аутизмот, 68 проценти имале тешкотии во говорот или во учењето, покажало истражувањето. Исто така, 49 проценти имале хиперактивност и нарушување на дефицитот на внимание или слични проблеми во однесувањето, околу една четвртина имале нарушувања на расположението, анксиозност или опсесивно компулсивно нарушување или селективен мутизам, а мал процент имале психотично нарушување.
Шулман вели дека резултатите покренуваат неколку прашања, пишува Disability Scoop.
„Дали аутизмот беше дијагностициран премногу често на почетокот? Дали некои деца се поспособни да реагираат на интервенцијата? Дали специфичната интервенција што ја добива детето придонесува за исходот? Наше е мислењето дека некои деца со пореметување од спектарот на аутизмот реагираат на интервенцијата, додека други имаат единствени развојни патеки што водат кон подобрување“, вели таа, нагласувајќи дека децата кои го „изгубиле“ аутизмот првично имале најлесни симптоми.
„Пораката од нашата студија е дека некои од нашите деца напредуваат неверојатно добро, но повеќето од нив имаат потешкотии за кои е потребно постојано следење и терапевтска поддршка“, вели Шулман.
Фото: Pixabay