Со оглед на моменталната состојба со пандемијата на коронавирусот во светот, учениците се повеќе од кога било приковани пред екраните. Со консумирањето на интернет содржина, сите деца се изложени на опасности, а една од нив е врсничкото насилство.
Со поминување часови и часови на Интернет, сите деца се изложени на ризик, особено на ризикот да станат жртви на виртуелна злоупотреба. Според психолозите, врсничкото насилство е најприсутно на социјалните мрежи, пишува Јумама.
Некогаш не беше вака
Со експанзијата на Интернет и на социјалните мрежи, се отвори нов пат за насилниците, преку кој тие би можеле да ја изразат својата агресија и фрустрации над своите врсници.
Како изгледа насилството на Интернет?
Овој вид малтретирање на другарите е најчест на платформите за допишување, преку кои насилникот ѝ испраќа на жртвата вознемирувачки пораки или фотографии. Не е ретка појава насилниците да создаваат лажни профили (под туѓо име, обично име на жртвата) и на тој начин да пласираат експлицитна и незаконска содржина, се разбира, под туѓо име. Исто така, се случува да ги малтретираат жртвите од лажни профили, криејќи го својот идентитет. Испраќањето пораки до други деца, објавување фотошоп фотографии (на кои не е жртвата) се само некои од видовите на насилство преку Интернет.
Настава преку Интернет – насилство преку Интернет
Бидејќи наставата се префрли на виртуелна, насилството исто така најде засолниште таму. На некои деца им се случувало некој да направи ист налог за состанок, на пример, и под негово име, во групата во која е и наставникот да испраќа несоодветна содржина. Навредите кон наставниците и другите ученици од лажни профили станаа вообичаена појава, а децата кои страдаат од тоа малтретирање најчесто молчат. Етикетирањето и сајбер насилството станаа најголемите проблеми на денешниот свет.
Ковид насилство?
Врсниците ги исмеваат децата кои се позитивни на коронавирус, прават шеги со нив, ги протеруваат од одредени социјални групи и ги етикетираат на најлош начин. Ги навредуваат. Ги дискриминираат. Ги исклучуваат. Секој пат, експертите се вчудоневидуваат од тоа што сè им паѓа на ум на децата и какви сè видови насилство се присутни денес.
Кој стои зад тастатурата?
Децата кои инаку се склони на насилство ја пренесуваат својата агресија на Интернет и на социјалните мрежи. Тоа се деца кои инаку би ги малтретирале своите врсници. Ситуацијата сега е малку поинаква, такашто децата кои се жртви не можат со сигурност да тврдат кој седи зад екранот и кој им испраќа навредлива содржина. Виртуелното насилство е малку потешко да се пронајде, но тоа, како и секое насилство, на крајот се открива.
Спречување на насилството преку Интернет
Ако детето веќе доживеало ваков вид насилство, треба да им се обрати на родителите и насилството треба да се запре во истиот момент.
Како? Прво, такашто детето ќе го блокира тоа лице, нема да му одговара на пораките и заедно со родителите ќе го пријави малтретирањето кај наставниците и во училишната служба.
Фото: Pexels