Најздраво е да се јаде свежо подготвен оброк, но понекогаш не можеме заради брзиот начин на живот. Готвењето оброци за следниот ден или дури за следните неколку денови е реалност, а нивното подгревање начин на живот.
Сепак, без оглед на практичноста, постојат некои намирници кои е најдобро да се јадат само свежо подготвени, бидејќи со подгревањето може сериозно да му наштетат на здравјето. Прочитајте за кои намирници станува збор:
Морковот и спанаќот се менуваат со загревањето
Зеленчукот како морковите и особено спанаќот, содржи нитрати кои не се штетни само по себе, но кога ќе се загреат повторно со низа реакции се менуваат во конечен продукт: нитрозамини кои делуваат канцерогено. Истото важи и за целерот, репката и цвеклото, па затоа се препорачува јадењата со овие состојки да се подготвуваат само свежи, во количина доволна за еден оброк.
Малите деца се особено чувствителни на овие негативни промени во храната, па затоа не е препорачливо да ја подгревате супата или чорбата со моркови, на пример. Кога повторно ја загревате супата или чорбата, извадете го зеленчукот и загрејте ја само течноста.
Печурките се чувствителни намирници
Печурките се исклучително чувствителна храна. Протеините содржани во нив лесно се уништуваат, особено под влијание на ензими и микроорганизми. Ако печурките не се исчистат добро и не се стават во фрижидер многу брзо по термичката обработка, тие можат да се расипат, па затоа не се препорачува да се загреваат. Меѓутоа, ако сте користеле свежи печурки во подготовката на јадењето, кои добро сте ги исчистиле и сте ги чувале во фрижидер не повеќе од 24 часа по подготовката, можете да го загреете на температура од околу 70°С.
Оризот носи ризик од труење
Ние често го загреваме оризот. Но, според експертите ова треба да се избегнува. Проблемот не лежи толку во самото загревање, туку во чувањето на оризот пред повторното загревање. Имено, сировиот ориз може да содржи спори на бактерии кои можат да предизвикаат труење. Кога оризот ќе се свари, одреден број на спори можат да преживеат, да се претворат во бактерии и, доколку оризот остане на собна температура, се множат се до тој степен што произведуваат токсини кои предизвикуваат повраќање и дијареја. Загревањето на оризот не ги отстранува овие штетни токсини.
Ако имате намера да го подготвите оризот однапред, изладете го во рок од еден час по завршувањето на подготовката и чувајте го во фрижидер најмногу еден ден пред да го загреете.
Што уште не е пожелно да се загрева?
Поради високата содржина на протеини, не се препорачува повторно загревање на пилешкото. Загревањето по 2-3 дена ќе предизвика промена во структурата на протеинот што може да резултира со проблеми со варењето. Истото важи и за другите јадења со месо, риба и јајца. Дополнително, оброците што содржат млеко и млечни производи најдобро е да се јадат свежо подготвени.
Фото: Freepik