Забавите на младите кои се организираат кај нас и во соседството, се актуелни и во другите земји ширум светот. Агенциите пренесуваат за нелегалните забави кои се одржуваат и во Париз кадешто младите Французи бегаат од ‘заклучувањето’ организирајќи вакви забави во напуштени простори, за кои властите дознаваат само доколку некој се пожали на бучавата
Во темна уличка во Париз има делумно отворен влез во напуштен подземен железнички тунел кадешто се одржала нелегална рејв забава за 300 лица кои бараат излез од „заклучувањето“ (lockdown) воведено во Франција по интензивирањето на вториот бран на пандемијата.
„Затвори ја вратата“, шепоти вратарот, скриен во сенката до која стасува светлина само од мобилните телефони на младите луѓе кои се забавуваат внатре. Билетите од 15 евра за саботната забава наречена „I Want to Break Free”, биле продадени на членови на приватна Фејсбук група и биле ‘разграбени’ за неколку часа.
Но, адресата за одржување на оваа забава во 13.округ била тајна до последен момент. Правилата се строги – дојдете сами или во група до најмногу три лица помеѓу 20 и 21 часот. Пулсирачката техно-музика одекнува од пештерата украсена со неонска светлина и психоделични проекции на ѕидовите. Младите играат на правливиот подиум покрај барот и сцената со диџејот.
Ментално здравје
„Одлучивме да се спротивставиме и да го објавиме овој повик да се скриеме и да се забавуваме заедно, бидејќи веќе нема место кадешто младите можат да се собираат“, изјавил 27-годишниот организатор. Тој не сакал да го каже своето вистинско име и побарал да го наречат со името Александер. „Сега знаеме како да го организираме, за помалку од два часа можеме да се сретнеме било каде и да организираме приватна забава како оваа“, вели тој. Доколку биде фатен, Александер може да добие казна до 15.000 евра.
Иван (23) и неговата девојка седат во близина на звучниците од кои ечи музика и ги гледаат луѓето што влегуваат. Повеќето од нив не носат маски. „Само што ја добив својата прва работа, постојан договор, работев многу, па навистина морав да испуштам пареа“, вели Иван. „Затворањето на мојот живот ме исфрли од рамнотежа. Веќе еден месец не сум излезен од станот – ми треба оваа забава заради менталното здравје “.
Соседите се жалат на бучавата
Тоа чувство е јасно распространето бидејќи француската полиција веќе наиде на десетици нелегални забави од воведувањето на делумно затворање на земјата во октомври поради борбата против новиот бран на коронавирусот. Полицијата во неделата растурила забава во приватен дом во Џоинвил-Ле-Понт, западно од Париз, и изрекла казни за непочитување, на 15 лица, изјавил извор близок на истрагата за АФП. Но, полицајците не се појавија на оваа подземна забава во Париз, изјавил полициски извор за АФП во неделата. „Најчесто дознаваме за тајните забави кога соседите ќе се пожалат на вревата“, рекол изворот.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pexels