Секој период има свои трендови, од кои одделни се одржуваат, но повеќето ја губат својата актуелност и едоставно, се заменуваат со други.
Многумина се производ на долгогодишни проблеми кои конечно нашле соодветно решение, а некои всушност се и случајни. Денешната тема ја посветуваме на родителските трендови кои имаа ‘5 минути’ слава, но од кои, за среќа, се простивме. И бидејќи родителството е многу живописна тема, несомнено е дека секогаш ќе има нови, но и застарени трендови кога станува збор за воспитувањето на децата.
Прв тренд – откривање на полот на детето
Овој тренд беше актуелен последниве речиси десет години. Имено, апсолутен тренд насекаде во светот беше откривањето на полот на детето во првите неколку месеци од неговото постоење во утробата на мајката. Излишно е да се посочи какви беа сите реакции кога родителите беа убедени дека очекуваат девојче а ќе добиеја момче и обратно. Значи, откако повеќепати откривањето на полот на неродените деца тргна наопаку, повеќето родители донесоа едногласна одлука – не сакаме да знаеме. Бидејќи, всушност, радоста лежи во исчекувањето, а детето е сакано од кој и да е пол. Фактот дека полот ви е важен со цел да ја украсите просторијата на вашето бебе во сина или розова боја, се чини дека воопшто не е важен за разлика од радоста да донесете нов живот во светот.
Инаку, каква врска има уредувањето на собата и што има врска ако вашето мало момченце порасне спиејќи во розево креветче. Во соба со многу розеви елементи, па дури и со розево парно. Еве, од искуство ви кажувам – на бебињата не им значи ништо бојата во нивното опкружување или онаа на облеката што ја носат. Освен што е некоја попријатна за видот од некоја друга, но ако се тоа нежни пастелни бои, нема разлика, сино или розе, сосема е сеедно. Овие нешта, всушност, одреден период (можеби кај нас тоа и се уште важи) им се важни на возрасните.
Како и да е, не гледам зошто мора да се знае полот на детето пред да дојде на свет. За мене е многу попроблематичен оној тренд, кога родителите и по раѓањето го игнорираат полот на детето, па го третираат како бесполово суштество, оставајќи му можност самото да се одлучи што ќе биде кога ќе порасне. Ама ова е друга приказна.
Втор тренд – плашење на децата
Бабарогите, вештерките, волците и другите суштества кои демнат под креветот или во плакарот некогаш биле вообичаен начин за да се направат децата послушни. Стравот дека некои од овие суштества ќе се појават ако одбијат да си ја изедат вечерата, да ги измијат забите или да ги раскренат своите играчки, честопати беше толку голем што им претставуваше проблем на децата додека спиеја и во подоцнежниот живот. Слушајќи ги советите на психолозите, голем број родители се оддалечија од потребата да ги плашат своите деца. Поефикасен пристап е да му објасните на детето зошто е важно да го стори она што родителот го бара од него.
Трет тренд – премногу грижливо родителство
Премногу грижа за децата е меч со две острици. Од една страна, се обидувате да направите никогаш да не падне, да не се удри, изгребе, но во исто време не му дозволувате да биде дете. Родителите кои не му дозволуваат на своето дете да игра во песок, да се искачи на дрво, да брка мачка и да гали куче, всушност го ограничуваат и не му дозволуваат да го истражува светот околу него. Иако да се биде грижлив родител навистина му носи многу придобивки на детето во смисла дека секогаш ќе бидете сигурни дека е добро облечено, негувано, дека има квалитетен сон, ако се оди во крајност кадешто нема шанса да открие каков свет го чека зад аголот, никогаш нема да може да се подготви за него.
Фото: Pixabay