Не мора сите да се туркате на кеј, на Водно или во парк, што велите за Сарај?

Корона или не, треба да се поминува колку што е можно повеќе време на отворено и на воздух, што подалеку од гужвите и турканиците, па затоа, додека времето е сѐ уште вака топло, веќе следниот викенд земете ги децата за рака или качете се сите на велосипеди и право на едно од подзаборавените скопски излетнички места кадешто има место на претек. Не мора сите да се туркате на кеј, на Водно и во градскиот парк, нели?

0
527

Скопјани имаа голема традиција на одење на излети. Некогаш за викендите често се одеше на излети во Сарај, на Састав (местото кадешто се спојуваат реките Вардар и Треска), на Матка, Четири воденички, Кучково, езерото „Треска“, итн.

Јас памтам дека како мала, татко ми ме ставаше во седиштето на неговиот велосипед, а сестра ми, како поголема, се возеше на својот велосипед и одевме дури до Матка. Подоцна со другарките одевме на излети и на Треска, а еднаш за малку и ќе се удавев таму правејќи се важна пред присутните и да не беше мојата другарка Лихнида, која ме извлече на суво, веројатно денеска немаше да можам да ги пишувам овие редови.

Потоа и двете се правевме како во реката да не се случила никаква драма, и си продолживме како ништо да не било. Се разбира, одевме често и во Сарај, а таму, ако се сеќавате, имаше и базен кој денеска стои како споменик на едно убаво време.

Одевме и во големиот спортски комплекс – езерото Треска, и таму беше како да сте некаде на одмор, имаше сѐ што треба да има во еден ваков рекреативен центар. Се одеше и на другиот крај од градот, на Скопска Црна Гора, во Катланово, Маркова Река, Долно и Горно Водно, сѐ до врвот на планината.

Во овие тешки денови додека едвај некако живуркаме со оваа пандемија на коронавирус, скопјани се придржуваат на строгите мерки, па дури и во природа многу од нив шетаат со маски. И нормално, ако се земат предвид постојаните турканици во Градскиот парк, на Водно и на кеј. Таму е залудно тоа што сте отишле во природа кога на секој чекор се судирате со некого и не можете да се опуштите. Затоа, вистинско изненадување овој викенд беше Сарај, пространо, чисто, полупразно, со голем број реквизити за забава на децата, справи за вежбање и многу масички и клупи. Можевме да слушнеме од случајните минувачи кои навистина ги имаше многу малку, со оглед на убавото време и на тоа што беше сабота, дека не биле тука уште од деца. Впрочем, како и ние. А толку е близу, особено ако живеете во реонот од Сарај до Центар, што не ви треба ниту автомобил. Ќе си ги јавнете велосипедите и по кејот од оваа страна, ќе стасате до влезот во Сарај, преку мостот што можете да го видите на фотографијата долу.

А потоа шетајте, вежбајте, седете и уживајте во боите на есента.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]