Зарамувањето е една од најстарите алатки што ги користат родителите кога сакаат да ги дисциплинираат своите деца: „Срам да ти е, повторно се измочка во пантолоните!“, „Туу, како не ти е срам, гледаш како твоето другарче (тоа и тоа) ја слуша мајка му, а ти мене воопшто не ме слушаш”, „Срам да ти е, сестра ти е помала и воопшто нема пелена, а ти си поголем и носиш пелена!“. Уште и ако ова се случува пред други луѓе, уште подобро, полн погодок!
Се разбира, овие родители сметаат дека овој начин на комуникација ќе го натера детето, поради срамот што го чувствува, да не прави повеќе такви работи. Дека така ќе го научат што е срам, па нема да го сторат тоа повеќе. И можеби и ќе успеат во тоа. Но, тоа не е единствената цел, нели? Кога ќе почувствуваат дека родителите не се задоволни од нивното однесување, децата се обидуваат да го променат, но ако го користите засрамувањето како метод, тоа ќе остави многу други, лоши последици на детето. Тоа чувство на помала вредност во однос на пријател може трајно да се всади, такашто детето секогаш ќе има чувство дека некој друг е подобар, попаметен, поубав од него.
Развој на слика за себе
Сликата што ја имаме за себе – за нашите способности, природата, квалитетите и однесувањето се формира во нашите најрани денови, заснована на она што го слушаме за нас од нашите најблиски – родители, баби и дедовци, воспитувачи. Значи, ако сме постојано информирани дека сме непослушни, груби, луди, дека се однесуваме како бебиња, тоа е токму она што ќе го мислиме за нас самите. Но, тоа НЕ е мотив да се подобриме и да бидеме подобри. Напротив, децата се однесуваат врз основа на сликата што ја создале за себе. Дете кое верува дека е лошо, ќе покаже токму такво однесување, провоцирајќи го родителот да му каже дека е повторно лошо. Маѓепсан круг.
Едноставно решение
Родителите имаат навика да го набљудуваат однесувањето, а не само детето, и на тој начин да го третираат однесувањето наместо човечкото суштество што стои зад тоа однесување. Тоа е тенок мраз – кога третираме однесување, заборавајќи дека зад него стои дете, со свои емоции и размислување, лесно ќе прибегнеме кон методот на засрамување. Од друга страна, кога ќе се обидеме да ја третираме личноста која стои зад одредено однесување, ќе ни биде полесно да се фокусираме, да го дисциплинираме детето без засрамување. Ова е секако поздрав пристап, но бара повеќе напор и размислување.
Срамот е линија на помал отпор – во моментот дава резултат и остава последици што не можат да се видат веднаш, што ги тера родителите да мислат дека постигнале нешто добро.
Последици од засрамувањето на детето
Срамот не намалува одреден вид на однесување; тоа само ја намалува самодовербата. Ова може да влијае и на однесувањето, но која е цената на тоа? Многу истражувања засрамувањето на децата го поврзуваат со нивната желба да ги повредат другите.
Децата на кои родителите често им кажуваат дека се непослушни, веројатно ќе бидат агресивни и почесто ќе пројавуваат автодеструктивно однесување. Срамот ги тера да се повлекуваат, а длабоко вкоренетото чувство на срам е покриено со маска на супериорност, агресија и во некои случаи опсесивен перфекционизам.
Наместо засрамување…
Исто како што вие не сакате да бидете засрамени кога правите нешто погрешно, не сака ниту вашето дете. Постојат многу начини да го научите детето на нешто без да ја напаѓате неговата личност и да го понижувате.
Дисциплина преку игра. За време на играта, децата се особено отворени за учење нови работи. Тогаш тие се најконцентрирани и нивниот мозок е најподготвен за нови информации. Вклучете се во играта и искористете ја оваа можност да посочите неколку правила за добро однесување.
Покажете му на детето на последиците од неговото однесување со убаво објаснување, а не со засрамување. Дозволете му на детето понекогаш да ги почувствува природните последици од неговото однесување, во ситуации кога тие не се силни. Потоа искористете ја ситуацијата за да му помогнете на детето да ја поправи, без да го карате или да го засрамувате, за да може да учи само од својата грешка. Но, не со вашиот негативен став, туку со ваша помош.
Детето не учи кога е засрамено. Затоа, искористете ја ситуацијата кога е смирено и среќно да му укажете на неговите грешки и да му помогнете да ги поправи. Не се фокусирајте на она што е лошо во неговото однесување, туку на тоа да му помогнете на детето да разбере како да го поправи.
Замислете, на пример, дека сте отпатувале во странска земја за да работите и учењето на јазикот тешко ви оди. Колегите на работа постојано ви се смеат, ве караат и ве бламираат бидејќи никако не можете да научите. Потполно е исто кога ќе му го направите тоа на вашето дете затоа што, да речеме, тоа никако да научи да моќка во нокшир.
Како и возрасните, децата не сакаат никој да оди по нив и да ги засрамува поради нивните постапки. На децата им треба родител кој ќе ги дисциплинира и ќе ги научи, наместо да ги засрамува поради нешто што не го знаат или не го разбираат.
Фото: Freepik