Полека се навикнавме на аутизмот кој се всели во нашиот дом и нашето дете. Тој наполни три години. Големо момче. Ги гледате децата од опкружувањето и полека се пали онаа лампичка над вашата глава на која пишува „време е за социјализација“. И каде е најдобрата социјализација на светот? Па во градинка.
Премерувате. Дали во развојна група, во приватна или во државна градинка? Аутизмот е сè уште непознаница и за родителите, па дали можете да замислите како сè уште го доживуваат вработените во образовните институции? Аутизмот таму, иако плашливо, се обидува достоинствено, како што заслужува, да влезе на голема врата. Изгорени од неразбирањето на поединци во секојдневниот живот, размислував за тоа што не чека меѓу тие четири sида.
Какви услови или условувања, ме јадеше тоа како моето дете ќе реагира на новата средина и на крајот сфатив дека беспомошно се борам со прашања на кои не го знаев одговорот и дека така нема да се поместам од почетната точка па најдобро е да му се препуштиме на искуството во пракса. Она што со сигурност можам да ви го кажам е дека треба да бидете објективни. Знам, тешко е, но среќата на детето е на прво место. Па каква врска има тоа едно со друго, ме прашувате. Да, ако сте објективни и свесни за силните и слабите страни на вашето дете, ќе знаете во кое опкружување ќе биде среќен, и затоа знаете која е најдобрата стимулативна средина за неговото напредување. Тоа е и нашата цел, нели?
Листа на чекање за место во градинка постоеја и тогаш кога го запишувавме детето, а запишувањето во државна градинка на средина од годината, беше неостварливо. Не сакавме да трошиме скапоцено време додека чекаме, па затоа прво пробавме во приватна градинка. Ќе се смеете, но првата мисла беше „ако платам повеќе тој ќе биде побезбеден“. Тој беше навистина добро прифатен, но подоцна сфатив дека не треба да се водам од тие мисли. Градинката е градинка, а децата се деца, било да е тоа државна или приватна институција. Воспитувачите убаво го прифатија и не условуваа со ништо. Тие го сакаа. Тие се обидоа да го приближат до другите деца, но и до нив, додека тој во еден момент плашливо им се препушташе на активностите, а во друг бегаше во неговиот свет.
Девојчињата беа вистински благослов. Не знам што е тоа во женскиот код што ги влече од најрана возраст да прегрнуваат, да сакаат, да штитат, но нашето дете беше опкружено со нив секој ден и беше облеано со внимание. Напредокот се одвиваше полека, со мали чекори, но видлив за нас кои бевме секој ден со него. Совршена инклузија, совршено среќно дете, совршена социјализација. Такашто, драги мои, ако ме прашате, мојот одговор е ДА! Да, за кралство каде владее другарство, но само ако сте подготвени да покажете доверба во тимот што го воспитува вашето дете и ако тимот има доволно храброст и креативност да го гледа светот низ очите на вашето дете. Тоа е вистинската работа и ветер во грбот за нови авантури.
Фото: Pexels
Текстот е од ТУКА.