Како пандемијата ги замолкна детските шепотења, ги намали кикотењата

Без секојдневни интеракции, ќерка ми се плаши дека нема пријатели. Таа моли за 'плејдејтс' со другите деца, но го мрази 'Фејстајм'. Одбива да излезе надвор. Понекогаш само седи и зјапа низ прозорецот. Кога пријателствата се држат на растојание, кој ќе ги слушне нејзините тајни?

0
149

Моите спомени од детството се нежно испреплетени со шепотите на малите девојчиња: тајни изговорени во штотуку дупнатите ушиња. Преспивање една кај друга – активност проткаена со различни изговори само за да спиеме заедно под чаршафот пред да почнеме со неконтролирано смеење. Симболи за пријателство, направени од безопасни нанижани со монистра и закачени на нашите валкани патики. Тоа беа важни ритуали во детството, особено за девојчињата – споделени нешта само со мојата најдобра другарка од доверба.

Што се случува со шепотењата кога микроскопскиот вирус ги турка кон маргините? Дали тајните може да се споделуваат кога сме физички дистанцирани? Пандемијата ги замолчи шепотењата, ги намали кикотењата.

Сега има друга фотографија, времето во кое мојата ќерка, исто така на 7 години, стои на врвот од високата структура за качување на игралиштето. Го „скенира“ целиот простор за да здогледа некого. Бара другарче, со надеж дека ќе види некоја од нејзините доверливи другарки, иако кое било другарче би завршило работа. Нејзините очи, ѕиркајќи над маската, се широко отворени и во исчекување.

Кога ќе пристигне некое другарче, поздравувајќи се гласно од оддалеченост од 4 метри, лицето на мојата ќерка светнува. Девојчињата се бркаат и инстинктивно ги навалуваат главите една кон друг, подготвени да надоместат за изгубеното време. Родителите ги опоменуваат да се оддалечат, да бидат на 2 метра растојание. Инсистираме на носење маски на лицето и покрај криењето на емоциите зад нив.

Девојчињата се разочаруваат, иако продолжуваат да се вртат една околу друга, очајни за поврзување. Ѝ пишувам порака на Урсула, која живее на 3 илјади километри оддалеченост, со својот сопруг и две деца, па разменуваме пандемиски фотографии: нејзината 9-годишна ќерка следи виртуелен час по свирење на тапани, мојата ќерка трча слободно на плажа како да била пуштена од кафез, уморни мајки очајни да ја одржат искрата од детството.

„Како ти оди?“, ѝ пишувам. „Не толку добро“, ми одговара таа, па ми испраќа фотографија од себеси како изгледа исцрпено, бидејќи работи во клиника. „Благодарна сум што сè уште имам работа“, ми пишува.

Нашите тајни од детството се изгубија дента кога станавме возрасни, особено во време на пандемија. Под површината, сепак знаеме дека поврзаноста сè уште е тука, и по 40 години пријателство.

Односите на мојата ќерка сè уште не се цврсти.

Од она што го прочитав, 7-годишните деца само што почнуваат да ги разбираат пријателствата и фактот дека тие се дефинирани со доверба и блискост, а не само со заедничка игра. Тие имаат силна потреба да почувствуваат припадност. Без дневни интеракции, мојата ќерка стравува дека нема пријатели. Моли за договори за средби на кои ќе си игра со други деца, а го мрази „Фејстајм“. Зборува со себе, исполнувајќи ја празнината со замислени пријатели и свет на фантазија со вили и нинџа-воини. Понекогаш само седи и зјапа низ прозорецот.

На игралиштето се опуштам и ја оставам ќерка ми да им се доближи на другарчињата. Ќе застанат на одредено место кадешто можат да си ги откријат своите мисли. Верувам дека маските ќе ја остварат заштитата, бидејќи науката го вели тоа, но и бидејќи не можам да поднесам да ѝ ја одземам близината по која толку многу копнее.

„За што зборувавте ти и Ем?“ ја прашав кога си одевме дома. „Не можам да ти кажам“, ми вели таа, „тајна е. Добро, не е тајна, но така нешто“. Нејзините очи се смешкаа додека ми признаваше дека таа и другарка ѝ имаат волшебни моќи. „Но, не кажувај никому“, додава таа, па јас ѝ ветив.

Иако и училиштето повторно се отвори, клупите се оддалечени и поставени се знаци за држење  физичка дистанца. Невидлив меур постои околу работниот простор на децата. Сега нејзиниот наставник има задача да ги држи децата одвоени едни од други.

Шепотите од детството се невини и минливи, а мојата ќерка ги пропушта. Кога пријателствата се држат на далечина, кој ќе ги слушне нејзините тајни? Можам само да се надевам дека таа ќе ми верува и дека ќе можам јас да ги слушнам, сè додека детските шепотења не бидат повторно дозволени.

Фото: Pixabay

Текстот е од ТУКА.

[better-ads type='banner' banner='999' ]