Имаат предност трудниците, постарите, ама не само тие…

Во редица во банка, во редица на каса во маркет, во обична колонијална продавничка кадешто иако знаат за состојбата на Лука, често се случува да ѝ дадат предност на некоја повозрасна жена или на трудница, а не знаат дека и во нашиот случај е можеби потребно истото, вели Ирена Николовска Ристановска, мајка на дете со аутизам и дел од иницијативата 'Сончогледи за невидлива попреченост'.

0
757

Деновиве социјалните мрежи и медиумите наеднаш се преплавија со сончогледи и со иницијативата на четирите жени чија цел е да ѝ се даде видливост на невидливата попреченост.

Две од нив, Ирена Николовска Ристановска и Ирена Лозана, кои освен истото име, ја делат и истата судбина, односно, мајки се на деца со аутизам, често се соочуваат со проблеми кои можеби би можеле да се решат откако попреченоста на нивните деца ќе добие видливост. Засега, тие немаат никаква предност во редовите пред каса во маркет, во банка и слично, иако кога со нив се нивните деца, Лука и Кан, тоа може да биде многу фрустрирачко искуство.

„Тоа многу ми пречи, исто и на Ирена… Во редица во банка, во редица на каса во маркет, во обична колонијална продавничка кадешто иако знаат за состојбата на Лука, често се случува да ѝ дадат предност на некоја повозрасна жена или на трудница, а не знаат дека и во нашиот случај е можеби потребно истото, да се даде предност исто како на старо лице, како на бремена жена“, вели Николовска Ристановска.

Таа вели дека нивната иницијатива е токму тоа, обид што повеќе луѓе да се запознаат и да се едуцираат за т.н. невидливи попречености, на тој начин што ќе ги препознаваат овие лица по лентата со сончогледи и тие во иднина ќе добиваат предност секаде, без да мора некому да му објаснуваат зошто и да се доведуваат во непријатни ситуации.

Освен Ирена и Лозана, главните иницијаторки на сето ова се уште две жени, познатата хуманитарка Маргаретa Куртиќ и Јасна Милкиќ.

Инаку, како што вели нашата соговорничка, тие не измислиле ништо ново, туку станува збор за иницијатива која првично почнала во Велика Британија, во 2016. година.

„За да може да ги воведеме сончогледовите ленти во нашата земја и тие да станат дел од нашето секојдневје, потребно е да се вклучиме во семејството на сончогледите од каде првично потекнува и оваа идеја. Затоа и лентите со сончогледи треба да се нарачаат оттаму, а потоа да им бидат поделени бесплатно на лицата со скриени попречености, со цел да станат видливи и да можеме доколку е потребно да им помогнеме, или барем да им олесниме некоја ситуација или состојба. На лентите ќе ги има основните податоци за лицето кое ќе ја носи за да може, доколку им се случи нешто или доколку се изгубат, да се информираат за тоа најблиските. За поддржувачите на овие лица пак, ќе бидат наменети беџовите со истиот симбол“, објаснува Ирена.

Тие, иако стартувале како група на Фејсбук (Сончогледи🌻🌻🌻 за невидлива попреченост), планираат оваа идеја и иницијатива да биде одобрена од државата и да се практикува и во Македонија.

Во меѓувреме, многу вредни раце веќе почнале да плетат капи со сончогледи, а паричните средства од нивната продажба ќе се собираат преку здружението РИЛУКА – Битола, чиј оснивач е Ирена и ќе бидат искористени за спроведување на иницијативата.

Бидејќи целта е секој кој има потреба од овие ленти да ги добие бесплатно, да се подигне свеста кај луѓето и сончогледовите ленти да станат дел од нашето секојдневје и да бидат секаде прифатени, потребна е поддршка и помош од сите, па средства можат и да се донираат на сметката на здружението Рилука.

„Се надевам дека во иднина, кога во маркет, продавница, чекалница, автобус, аеродром, железничка станица или на која било друга јавна површина луѓето ќе сретнат лице што носи лента со сончогледи околу вратот, ќе бидат трпеливи, ќе му дадат предност и ќе знаат дека тоа лице има потреба од дополнителна поддршка поради скриена попреченост. И тука, секако, не мора да станува збор само за деца со аутизам, туку и за повозрасни лица, на пример, со деменција и Алцхајмер“, вели Ирена.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]