Една мајка од Австралија попуштила под притисокот и ѝ дозволила на својата десетгодишна ќерка да создаде профил на социјалната мрежа ТикТок. Девојчето само сакало да биде како и нејзините врсници, па нејзината мајка Аника решила да ја задоволи нејзината желба.
Таа признава дека првично се двоумела, но кога се уверила дека пријателите на нејзината ќерка се корисници на таа социјална мрежа, ѝ дозволила да создаде профил убедена дека тоа не може да ѝ наштети.
Таа сега открила за News.co.au какво влијание имало ова врз девојчето.
„Бев шокирана. За седум дена, таа се расплака за време на вечерата затоа што не е доволно добра – како девојките на ТикТок“, вели Аника.
После ваквиот испад, таа ѝ забранила на својата ќерка да користи ТикТок.
„Сфатив дека е чувствителна и дека тоа ќе влијае на неа во иднина. Не знаев многу за ТикТок порано, но за време на пандемијата многу родители станаа поблаги. Со години ја држев ќерка ми далеку од екранот, но сега е вистинска битка затоа што таа поминува повеќе време дома“, додава Аника.
Психологот д-р Ендру Фулер вели дека социјалните медиуми можат да имаат негативен ефект врз некои деца, најмногу заради коментарите што можат да ги прочитаат и слушнат за себе.
„Ако децата се на возраст под 13 години, потребна е претпазливост затоа што на таа возраст е невозможно да се проценат работите како што е случај на позрели години. За помладите тинејџери е многу важно како изгледаат, како зборуваат, дали се слаби и убави, а во исто време веруваат во сè што слушаат за себе. Тие можат да создадат многу негативна слика за себе“, заклучува д-р Фулер.
Фото: Pixabay